Македонија
(Видео) Мицкоски од Куманово: По 15 јули започнуваме нова политика во која што ќе нема повластена политичка каста
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со носителот на изборна единица 2, Владо Мисајловски ја посетија Општина Куманово. Од Куманово Мицкоски порача дека по победата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ започнува ера на политичари кои нема да седат во канцеларии, туку ќе се меѓу народот и ќе ги слушаат проблемите на граѓаните и ќе ги спроведуваат решенијата низ проекти.
„Сигурно нашите предци кои што животот го дадоа за нашата држава немаше ова политичко мочуриште и оваа сурова реалност да ги прифатат. Затоа за помалку од две недели од денеска сите ние ќе бидеме исправени пред една историска раскрсница како и на кој начин ќе ја гледаме нашата Македонија во иднина. Каков беше сонот кој што го сонувавме да го досонуваме. Јас сум убеден дека ние сите што сме овде, но и тие што денеска не се со нас, но и оние кои што не следат од балконите ќе го изберат нашиот сон. Сонот за праведна наша татковина Македонија“, истакна Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните на Куманово на 15-ти јули да излезат масовно и да го заокружат бројот 14.
„Ќе се борам за она кое што верувам, никогаш да не престанам да се борам во она кое што верувам, а верувам јас заедно со вас, верувам за идејата за нашата Македонија. Онаа богатата, Македонија која што ќе биде со исправена кичма, а не со свиткана кичма. Македонија со среќни граѓани. Македонија чии што деца ќе се вратат дома и ќе ги наполнат домовите на родителите, кои што со тага во лицето ги испраќаа од своите родни домови и огништа, кои што се среќни кога една неделно ќе им се јават или еднашка во две години ќе се вратат и ќе поминат некоја недела со нив. Вреди да се бориш за една таква различна Македонија, Македонија полна со вредности“, нагласи Мицкоски.
Тој порача дека вреди да се бори за една таква Македонија кога граѓаните ќе се среќни и полни со оптимизам.
„Оние од власта кога ќе дојдат овде, и ќе ве убедуваат, ќе ве гледаат во очи и ќе ви велат дека можат. Јас би рекол дека можеа, но тоа е минато и завршено време. Да и тоа време завршува на 15-ти јули“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека од граѓаните добивале празни лаги од власта која во Македонија донела криминал, корупција, сиромаштија и рекет.
„По 15-ти јули, ќе ги засукаме ракавите и да работиме дополнително за да си ја обновиме од пепелот во кој што овие политички измамници ќе ни ја остават“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека единствениот приоритет на оваа власт биле криминалните тендери и богатење на грбот на граѓаните.
„Од правда што ја ветуваа граѓаните единствено добија „трас – трас“ судство и обвинителство. Доаѓа обновата, победува обновата на 15-ти јули. Поведува овој тим. Најдоброто допрва следува. Започнуваме со една нова политика, нова ера во која што ќе нема повластена политичка каста. Во која што избраниците народот, оние кои што на 16-ти јули ќе ја добијат нашата прва лекција од читанката „Проект – Обнова“, е дека нема привилегирани политичари, сите заедно овде со народот на овие клупи ќе слушаме што мисли народот. А, тоа што ќе го слушаме тоа и ќе го спроведеме со проекти. Нема веќе политичари во канцеларии затворени со „silent“ телефони и луѓе кои што нема да одговараат“, вети Мицкоски пред граѓаните во Куманово.
За крај Мицкоски од Куманово порача дека политичар кој избрал да биде дел од Коалицијата „За обнова на Македонија“ избрал да се жртвува за доброто на граѓаните, за доброто на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

