Македонија
(Видео) Мицкоски од Охрид: СДС е развластена, ДУИ оди во опозиција
Многу ми е драго што вечерва имам можност да ви соопштам две важни вести по лидерската средба. Првата е дека СДС е развластена, истакна во Охрид лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ковачевски, вели тој, за брзо ќе си оди од премиерката фотелја.
„Навистина ми е драго што со еден чекор, со само една средба се видоа вистинските лица на многумина. И можам да кажам дека долго, навистина макотрпно разботев јас и моите луѓе да ги извадиме на чистина. И сите еден по еден, едно цело купче се собраа во клопчето од стратегијата која ја имав и каде успешно загризаа на темите, и еве денес сите збориме за тоа кога ДУИ ќе биде опозиција, а власта на СДС да биде детронизирана“, порача Мицкоски.
„Тргнете ги на страна оние изнасилени радости на партијата на власт која панично ја шират лагата дека ВМРО-ДПМНЕ наводно им ги прифатила уставните измени кои се последица на бугарскиот диктат. Сосема свесно ги оставив да го дуваат балонот, затоа што веднаш зад аголот се гледа дека ја промашија работата и како меур од сапунуца им се распрсна оваа лага“, додава тој.
Според него ако ВМРО-ДПМНЕ навистина ги прифатила тие уставни измени како што тврдат од СДСМ, тогаш оценува Мицкоски, ќе отвореле шампанско и ќе славеле, а во четвртокот ќе ставеле точка на дневен ред во Собранието за уставни измени.
„Знам дека им е тешко, им се стега душата, на лажичка ја губат власта која долго ја злоупотребуваат, на рати доаѓа времето кога ќе треба да се соочат со одговорност за сите постапки и грешки. Ама од тоа бегање нема“, рече Мицкоски.
Останува на ставот дека не мора и не смее да се прифати бугарскиот диктат.
„Погледнете имаме една парадоксална ситуација, ДУИ е подготвена да оди во опозиција, ама Ковачевски не дава. А не дава зошто тоа се врзани крвни садови кои се во живот поради криминал и пари на грбот на чесниот народ. И нормално во целата оваа ситуација најгласни се оној платениот елемент на СДС во десницата оние чии чевли се преголеми и целиот свој живот сонувале да бидат ВМРО-ДПМНЕ, а никако не стигнуваат ниту до првата буква“, истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Охрид им порачува да се подготват за долга опозиција и одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.

