Македонија
(Видео) Мицкоски: „Платформа 1198″ е светилник на надежта, најдобрата изборна програма досега
„Ова е град на непокорот, град од каде се раѓала и негувала македонската револуционерна мисла, град на идеали, вера, истрајност, еснафлук, култура, цивилизација. Од Св. Климент и Наум до Самоил, од Глигор Прличев до Петре Пирузе Мајски. Овде се создавала историја, затоа од овде секогаш почнуваме, поради славните охридски семејства и овој народ тука кој живеел славна историја, која до ден денес ни е патоказ како да ја чуваме и негуваме идејата во која веруваме, а идејата е Македонија!“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ вечерва од Охрид.
„Народот доаѓа по своето. Доаѓа по тоа што му е одземено. Доаѓа по Македонија. Да си ја врати во свои раце и да ги отпочне големите промени на свеста, на начинот на живот, на вредностите, со кои ќе покажеме на сите дека можеме, дека знаеме, дека си ја сакаме државата, дека не ја даваме, и дека ние сите заедно, сме силата на Македонија.
Победата мора да е голема за да видат сите оние кои се прашуваат дали народот ќе дојде по своето, за да им докажеме и на најголемите скептици кои го потценуваат овој народ, дека Македонија и нејзините граѓани се горди и достоинствени и дека доаѓаат по своето, доаѓаат по својата единствена татковина Македонија. Доаѓаат да си ја земат државата во свои раце, затоа што лошо се живее, затоа што институциите се распаднати, затоа што државата е киднапирана од неколкумина од ДУИ и СДСМ и нема набавка или тендер кој не е злоупотребен, нема работник кој не е разочаран, нема пензионер кој не е загрижен, нема доктор и инженер кој не се прашува што бара тука, нема млад кој не е скептичен, и ретко човек кој не помислил дали да си оди од овде. Накусо нема надеж и сон кои не се уништени.
Но во нас мора да се роди повторно пркосот, не им ја даваме Македонија, не им ја даваме иднината, не им дозволуваме повеќе да си играат со нашите животи и да се коцкаат со животите на нашите деца.

Тргнавме и нема назад, доаѓа цунамито што ќе ги одвее од политичката сцена и ќе ги испрати во заборав на историјата. А историјата може само да ги забележи како лош период во кој заради нив се изгубила човечноста, се уништиле вредностите, се изгубил редот, се изгубила и понижила Македонија.
По ништо друго нема да ги памтиме. Ако ги слушате нив ќе помислите дека живееме во Елдорадо, и сите се среќни и богати, имаат изгубено контакт со реалноста.
Рекордери се во Европа по корупција и криминал, нема извештај што тоа не го потврдува, рекордери по сиромаштија и апатија, рекордери по инфлација, 600 илјади граѓани живеат со само 150 денари на ден, а македонската младина е најнесреќна во Европа. Граѓаните не си одат оттука, тие буквално бегаат од Македонија. И не само Македонците, сите, би рекол најмногу Албанците, затоа што и тие се разочарани од политиките на партијата која е рекордер по години на владеење во светот, ДУИ, и која истовремено на толку сторен криминал нема еден нивен член што е во затвор. Да не должам на темава да ви кажам. Ќе одговарате за се. Дебело ќе одговорате. Не е ова никаква закана. Ова е мое ветување, запаметете го добро. Ви повторувам, ќе одговарате за се што и направивте на Македонија.
Еден пријател Албанец со кого се знам долги години, сме семејни пријатели, ми вели некои имаат впечаток дека со ова што ВМРО-ДПМНЕ го напаѓа ДУИ му прави услуга на ДУИ и му го качува рејтингот. Јас му велам, не ги потценувај Албанците. Албанците се мудри и еснафи. Гледаат, знаат. И тие не се среќни во Македонија. И нивните деца и внуци си бегаат надвор. Сигурно не бегаат затоа што ДУИ добро владее. Напротив. Бегаат затоа што гледаат дека од ДУИ бел ден не можат да видат. Им пречи што се краде, а тие се секој ден се посиромашни, им пречи што Артан вози коли на фирми кои добиваат тендери по институциите, додека тие едвај врзуваат крај со крај, им пречи што нема учебници во училиштата затоа што фирма блиска до Артан зела тендер за печатење учебници и си поделиле пари, а книги нема. И на Албанците како и на Македонците им пречи што сите продукти во продавниците се поскапени до облаци. И имаме највисока инфлација во регионот. Од лидери во регионот станавме последна дупка овие 6 и половина години. Овие 6 и половина години се години на пропаст, и со право кај и да одиме луѓето, Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Власите, буквално сите граѓани ни велат дека немаме држава, веќе ја немаме Македонија онаква каква што ја сакаме.

Власта на ДУИ со нивните пудлици од врвот на СДСМ ја уништија Македонија. И сега е моментот. Или народот ќе си ја врати во свои раце или целосно ќе се изгуби. И ние како генерација мора да разбереме дека ова тешка задача историска ни е доверена на нас. Ни доаѓа во наше време.
Проблемите не ги одбираат луѓето ни времето во кое доаѓаат. Сега дошле. И наша е одговорноста да ги решаваме и да направиме подобро.
Да има раст и развој, да има соживот, да има среќен и задоволен народ.
Ветуваа живот – го уништија животот на илјадници луѓе, ветуваа Европа, не заглавија во корумпирана држава без пасоши, ветуваа просперитет и благосостојба донесоа апатија и разочарувања.
Од толку многу скандали кои некогаш се и по два три дневно, не можеме веќе и да се сетиме на сите не може да се сетиме на сите глупости што ги направија, но ако не може да се сетиме не значи дека чувството на разочараност не напуштило или дека гневот што ја урнисаа државата ќе ни помине“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бегај од Скопје се сели во Тетово, Гостивар и Дебар, улиците ќе бидат затворени
Во Тетово, Гостивар и Дебар денеска ќе има посебен сообраќаен режим поради престојот на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој ја завршува тридневната официјална посета на земјава.
Општина Тетово и СВР Тетово информираат дека денеска во градот ќе има привремени безбедносни мерки, посебен режим во сообраќајот и забрана за паркирање на повеќе улици по повод посетата на претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај на Тетово.
Општина Тетово препорачува возила да не се паркираат на булевар „Маршал Тито“ од почетокот до кружниот тек кај пазарот со булевар „Благоја Тоска“, на булевар „Благоја Тоска“ од кружниот тек со булевар „Маршал Тито“ до зградата на Општина Тетово, на улица „ЈНА“ („Дервиш Цара“) во целост, до семафорите, на улица „Илинденска“ од Основен суд до Универзитетот на Југоисточна Европа, на улица „Киро Ристоски-Дрнц до Арабати Баба Теќе, на улица „ВонВардарска“ и на улица „172“.
-Возилата паркирани спротивно на известувањето ќе бидат отстранети од страна на службите, наведуваат од Општина Тетово.
СВР Тетово апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат полициските службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
-Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Полициското одделение за безбедноста на патниот сообраќај Гостивар при СВР Тетово ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Тетово и Гостивар, посочија од СВР Тетово.
Согласно агендата, претседателот Бегај ќе ја посети Општина Тетово, ООУ „Лирија“, Шарената џамија и Арабати Баба Теќе.
Албанскиот претседател, Бајрам Бегај, кој е во тридневна официјална посета на земјава, по посетата на општина Гостивар, престојот ќе го заокружи со посета на Дебар, во попладевните часови, од каде преку граничниот премин Блато ќе замине за Албанија.
По тој повод од ОВР Дебар соопштија дека попландево во сила ќе биде посебен сообраќаен режим со цел непречено движење на возилата од делегацијата и непречено одвивање на предвидените активности.
-За таа цел, полициски службеници од ОВР Дебар и СВР Охрид, ќе вршат физичко обезбедување на трасата на движење како и на објектите каде се предвидени работни средби. Мерките стартуваат утре, 28 февуари од 12 часот и ќе траат до 19 часот, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секорот за внатрешни работи -Охрид.
Дообјаснува дека посебниот сообраќаен режим ќе се спроведува со повремено затворање за сообраќај на регионалниот пат Р-1202, од Бошков мост до Дебар, улиците „Елена Ѓика“ од АД „Кнауф“ до кружен тек „Енѓи“, улиците „Иса Болетини“, „Јусуф Грвала“ и регионалниот пат Р-1201 до улиците „Мојси Големи“, „Амди Леши“, Јосиф Багери и регионалниот пат 1202 Дебар- граничен премин Блато.
-Апелираме до граѓаните и до сите учесници во сообраќајот, да се придржуваат до насоките на полициските службеници кои ќе вршат обезбедување и на исклучивост во користењето на своите моторни возила во овој временски период, посочува Димоски.
Според Општна Дебар, Бегај ќе се сретне со градоначалникот, Фисник Меља, но не се предвидени изјави.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера со државни и воени почести го пречека претседателот на Албанија Бајрам Бегај.
Македонија
Орце во ноќен увид на улиците кои се реконструираат низ Скопје, вели се работи и дење и ноќе
Во завршна фаза е изградбата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром која е една од најзначајните сообраќајници во овој дел од градот. Се работи со полна динамика, и дење и ноќе, затоа што скопјани заслужуваат модерен, функционален и безбеден град, објави вчера вечерта градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Делата говорат. Скопје не смее да чека. Скопје мора да се развива – посветено и со визија. Она што со години било запоставувано и туркано под тепих, денес се решава темелно и одговорно – објави на Фејсбук Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата опфаќа нов тампон, двослоен асфалт, нови рабници, а во овој момент интензивно се асфалтираат тротоарите. Во должина од еден километар се изведуваат нови тротоари, се поставува современо улично осветлување и се гради нова атмосферска канализација.
– Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица. За само три месеци од преземањето на функцијата градоначалник на Скопје, покажавме дека кога се работи со срце, визија и чесна намера – резултатите се очигледни. Не ветивме чуда, туку работа. И работиме – објави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, вели дека ова е само почеток и најавува дека следува најголемата инфраструктурна обнова досега.
– Ќе се работи рамномерно, во секој дел на Скопје. Затоа што секој заслужува исти услови, исти шанси и ист квалитет на живот.
Мојот народ го заслужува најдоброто – објави Ѓорѓиевски.
Македонија
Пролетен ден во зима, денес сонце и температури до 15 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени и по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

