Македонија
(Видео) Мухамед Зеќири не чекаше да биде приведен, дојде во судот заедно со адвокат
																								
												
												
											И покрај побараното приведување, Мухамед Зеќири сам дојде во судот заедно со адвокат. Тој не ги коментира прашањата, не одговори зошто го склучил договорот што Обвинителството го оспорува, ниту дали планира да бега како што се сомнева Обвинителството. Со насмевка влезе во судот, но без никаков коментар. Зеќири ги избегна новинарите и влезе во Кривичниот суд.
Попладнево за него е издадена наредба за приведување. Кривичниот суд соопшти: „Кога осомничениот ќе биде изведен пред судијата и ќе се произнесе во однос на предлогот на јавниот обвинител, ќе биде изготвено решение за кое странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“.
Од Обвинителството велат дека предлогот за притвор го испратиле вчера.
„Наредбата за која покажувате интерес е како резултат на повеќемесечна предистражна постапка, при што надлежниот обвинител издаде повеќе наредби за собирање докази. Во текот на вчерашниот ден беше комплетирана документацијата и јавниот обвинител во попладневните часови донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица. Наредбата заедно со предлозите за определување на мерката притвор веднаш беше доставена до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје во согласност со надлежностите на поматамошно постапување“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Новинарските екипи со часови чекаа да се појави Зеќири во Кривичниот суд. Утринава тој рекол дека не знае оти за него се бара притвор. Во меѓувреме, додека стигне наредбата за приведување, тој преку социјалните мрежи поднесе оставка до премиерот Димитар Ковачевски од функцијата генерален секретар на Владата.
Јавен обвинител донесе наредба за истрага во која осомничени се Мухамед Зеќири и две други лица. Зеќири се гони бидејќи во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба, без спроведување соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице, во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
„Со преземените дејства осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на буџетот на Република Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Во Битола по 67 пат одржана традиционалната Ноќна атлетска трка
														Во рамките на одбележувањето на 4 Ноември, денот на ослободувањето на Битола, на Широк Сокак се одржа традиционалната Ноќна атлетска трка, во организација на Сојузот на спортови на Битола, со поддршка на Општина Битола.
Оваа манифестација, која се одржува по 67-ми пат е најстарата спортска манифестација во Битола. Годинава учествуаа над 700 учесници, основци, средношколци, студенти, граѓани и ветерани. Натпреварите се одвиваа во 24 категории, во машка и женска конкуренција.
Дел од наградите на најдобрите натпреварувачи им додели градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека манифестацијата претставува симбол на спортскиот дух и заедништвото на битолчани.
„Горд сум што во очи денот на ослободувањето на Битола можеме да ја прославиме спортската традиција на нашиот град. Ноќната трка е симбол на упорност, младост и љубов кон Битола. На сите учесници им честитам на храброста и ентузијазмот, а на победниците им посакувам уште многу успеси,“ рече Коњановски.
Македонија
Димитриевски на првиот работен ден во новиот мандат: Најавувам над 30 инфраструктурни проекти во наредниот период
														Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на првиот работен ден од неговиот трет мандат изврши увид на повеќе теренски активности при што најави над 30 инфораструктурни проекти во периодот што следи.
„Почитувани сограѓани, прв работен ден по изборот, овде сме во населба Зелен рид, на улица Васко Карангелески. Улица којашто носи име на еден наш великан, вистински патриот. Сакам од овде да најавам дека во следниот период започнува реализација на повеќе од 30 инфраструктурни проекти во различни делови на градот, со акцент на централното градско подрачје, големите урбани населби и урбано-руралниот дел во градот.
Продолжуваме заедно, ви благодарам на довербата. Куманово заслужува континуитет, вчера тоа го доби, го потврди. А моја обврска е да продолжиме заедно да го градиме Куманово”, истакна Димитриевски .
Македонија
(Видео) ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори
														Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори.
Гласањето како што информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, било спроведено во 32 општини и во градот Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи.
„Бројот на избирачки места беше 1.777, сите избирачки места се обработени со оригинални записници, вкупниот број на избирачи кои гласале е 424.923 лица, вкупниот процент на избирачи кои гласале е 41,93 отсто“.
Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња, како што кажа Кондарко е 404.464 гласачки ливчиња а 23.930 се неважечки.
Во десетте скопски општини гласале вкупно 474.304 избирачи, а на територијата на градот 167.575. Од нив, како што посочи претседателот на ДИК, 157.047 гласачки ливчиња биле важечки, а 10.528 неважечки.
За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 лица или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 отсто од гласачите.
Кондарко посочи дека од денеска од 16:30 часот течат роковите за евентуални приговори на првичните официјални резултати. Приговорите може да се поднесат директно до ДИК во рок од 48 часа, поднесување на приговори по електронска пошта не е дозволено.
Ако до среда до истекот на рокот, не бидат поднесени приговори, за местата каде нема приговори ДИК ќе ги објави конечните резултати во четврток. Доколку има приговори, Комисијата има рок од 72 часа за одлучување, а потоа следи 24-часовен рок за поднесување тужби до Управниот суд. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување, што значи дека конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до понеделник или вторник.

