Македонија
(Видео) Муцунски: Владата ништо не прави за студентите, универзитетите се во ужасна состојба
Оваа влада не направи ништо за студентите во нашата држава, универзитетите се во ужасна состојба затоа што сме држава рекордер по најмали вложувања во делот на науката, затоа што нашите универзитетски професори имаат најниски примања од целиот регион, да не зборуваме подалеку од регионот на Западен Балкан. Исто и со вработените во средните училишта, исто и со вработениот во основните училишта, вработените во градинките, најслаби плати од целиот регион имаат тие луѓе, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски во дебатата насловена „Македонија сојузник на младите – перспектива и иднина“ што се одржа во општина Валандово во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
„И потоа како да имаат достоинство кога тие одвај преживуваат и се на работ на општествениот стандард, а тие се луѓето кои што треба да ги едуцираат нашите најмлади, да се грижат за развојот на нашите дечиња. Млади се и родителите кои што се грижат за своите деца, кои што со години чекаат децата да добијат учебник, на кои што владата им вели треба да се дигитализира образованието, но какви алатки им дава за таква дигитализација? Тие се тие предизвици со кои што се соочуваме како општество, каде што се рушат фундаментите на семејството, каде што во образовните процеси ви се наметнуваат некои гледишта, идеолошки апстрактни кои што имаат за цел да се запрашаме какво општество сме ние? И тоа се темелите на оваа власт, да не поделат меѓу себе а никаква политика, се е на база на демагогија“, рече Муцунски.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која што секогаш во својата програма има вклучено мерки за младите, како што е мерката гарантирано вработување за најдобрите студенти на државните универзитети, проект кој што Унијата на млади сили го актуелизира при што ќе биде дел на идната изборна програма.
„Да знаат 500-те најдобрите студенти на јавните универзитети дека државата стои позади нив. Тие се труделе, оствариле висок просек, биле добри студенти, активно придонеле за општеството и општеството на нив ќе им возврати. Да знаат младите луѓе дека има предвидлива даночна политика во оваа држава. Секој месец се менуваат законите. Имаме хипер продукција на закони и нај продуктивниот млад човек кога сака да отвори свој бизнис не знае во каква средина го отвара тој деловен потфат. И затоа се согласувам со тоа дека младите не се иселуваат веќе само заради стандардот. Да тоа е една од причините, но гледаме многу успешни луѓе, на врвни менаџерски позиции, млади луѓе наши генерации, како секојдневно заминуваат од нашата држава и се продуктивни и се одлични граѓани, за жал, во одредени други општества многу далеку од нас“, посочи Муцунски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како политички субјект на парламентарните избори кои што доаѓаат, во однос на проектите и во делот на даноците и во делот на вработувањата, ќе понуди предвидливост за младите, нема се да се реши преку ноќ, државата е во девастирачка состојба, но со напорна работа идната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ едно по едно ќе ги решава проблемите на младите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

