Македонија
(Видео) Наумовска: Специјалноста на СЈО се губи доколку има ограничен мандат до кога ќе постапува
Со трансформацијата на специјалното јавно обвинителство се отвораат и проблемите со неговата уставност, роковите за поднесување обвиненија и законитоста на доказите. Некои од овие проблеми навидум се решаваат со предлог-законот за Јавно обвинителство, меѓутоа некои проблеми со него се продлабочуваат. Наша главна забелешка кога се донесуваше првиот закон за СЈО, но и сега кога се донесува законот за ЈО, каде што се трансформира СЈО, е на постапката во која се носи, вели Нада Наумовска од Фондацијата „Отворено општество“.
Како што вели Наумовска, трансформацијата на СЈО се чини решена, меѓутоа не е јасна нејзината поставеност спрема Јавното обвинителство за гонење организиран криминал.
Специјалноста во однос на ова Обвинителство се губи ако се има предвид тоа дека има ограничен мандат до кога ќе постапува во случаите што произлегуваат од прислушуваните материјали, вели Наумовска.
Според неа, со предлог-законот се создаваат и преклопувања на одредени надлежности на СЈО со Обвинителството за организиран криминал, како и се продлабочува проблематиката со хиерархиската поставеност. Меѓу другото, проблем се и роковите за гонење, кои, како што вели Наумовска, станаа горлива тема.
„Една од забелешките се однесува на тоа дека не може да има разни рокови за тоа кога постапува СЈО или друго обвинителство за исти кривични дела. Оваа нееднаквост се продлабочува со овој закон со тоа до кога може да постапува ЈО и до кога може да се користат материјалите од нелегално прислушуваните разговори“, рече Наумовска.
Ставот на Фондацијата „Отворено општество“ е дека амандманите на опозициската партија се нешто што треба да биде разгледувано, меѓутоа законот во целина треба да биде ставен пред расправа на стручната јавност и на засегнатите страни затоа што се смета дека овие измени во обемот во кој е предвиден мандатот на СЈО не даваат одговор на обемот за наводниот криминал за кој јавноста имаше можност да чуе во бомбите.
„Целата поставеност и трансформација на СЈО треба да се дискутира, а не само амандманите за да имаме одговор дали трансфорамцијата ќе има правна разрешница на тоа што јавноста сведочеше во смисла на наводите за сторен криминал“, вели Наумовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре ССМ ќе го блокира Собранието: Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 за работниците е срамно
Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) денес испрати уште еден повик до работниците утре во 9 часот да излезат на протест за минимална плата 600 евра и 100 евра зголемување на сите останати, со блокада на Собранието. Работниците ќе ги блокираат булеварот 11 Октомври и улицата Даме Груев по кои пратениците можат со автомобил да дојдат до Собранието. Ќе бидат пропуштани само возилата на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата.
„Пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати. За да ги заштитиме интересите на работниците, работниците бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањети на минималната плата ( од сегашната минимална плата и новата минимална плата). Пратениците се глуви на работничките барања за зголемување на работничките плати, а работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79% зголемени плати кои дополнително ќе се зголемат за 12,6 % доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2% колку што пресмета Гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8% зголемување на нивните плати. Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 евра за раборниците е срамно“, стои во денешниот повик од ССМ.
Синдикатот потсетува дека истите пратеници кои уживаат право на собраниско бифе по ниски цени и трошоци за патување до нивното работно место е нешто што им го скратиле на работниците и нешто што не им го утврдуваат како право на храна и превоз на работниците.
„Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците. Ги потсетуваме дека не само што мораат итно да гласаат за зголемување на минималната плата и за згомемување на сите останати плати, мораат да гласаат и за намалување на функционерските плати по иницијативата на ССМ“, повикува ССМ.
Доколку и понатаму молчат, ССМ ќе премине на собирање 10.000 потписи за да ги намали платите на пратениците, а да ги зголеми работничките плати.
ССМ се извини на граѓаните кои ќе имаат потреба да се движат во периодот на блокадата по булеварот 11 Октомври и улицата Даме Груев и нагласи дека секој итен случај ќе биде пуштен да помине.
Македонија
Минатата недела „пајакот“ кренал 101 возило во Општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во периодот од 02.02 до 08.02.2026 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 101 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопштија од претпријатието.
Македонија
„На сите им е јасно дека без поддршка и логистика од врвот на власта не е возможно да се шверцуваат 5 тони дрога“, велат од СДСМ
„После цела недела од објавувањето на картелскиот скандал со заплена на 5 тони дрога од Македонија во Србија нема одговор на клучното прашање: како 5 тони дрога поминала преку македонската граница? Станува збор за огромна количина на дрога. Пет, десет, можеби и повеќе шлепери со дрога ја поминале границата, а нема приведени, нема осомничени, нема информација кој се е замешан“, велат од СДСМ.
„Како е можно од самиот центар на Скопје да излезат 5 тони дрога и ‘лесно невидливо’ да ја преминат границата и да заминат за Србија? Каде се камерите на „Safe City“? Каде била полиција? Каде била Мобилна цaрина? Зошто немало контроли? Што правеле АНБ и АР?
На сите им е јасно дека без поддршка и логистика од врвот на власта не е возможно да се шверцуваат 5 тони дрога. Од медиумите видовме дека случајот во Србија е поврзан со сестринската партија на ВМРО- СНС како и со државни функционери.
Прашањето е кој се е вмешан од структурите во Македонија и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку граница? Мицкоски, Тошковски, Тарчуловски, Николовски, началници, раководители, инспектори, службеници. Кој?
Заплените кои ги прави власта не се одговор на главните прашања туку дефокус од скандалот со 5 тони дрога. Но и тоа не може да ја спаси власта. Доколку се запленети нелегално произведен и складиран канабис во Македонија, тогаш повторно одговорноста е кај власта и кај никој друг.
Затоа што дозволиле нелегално да се произведува и складира марихуана изминатите две години. Одговорноста за картелскиот скандал со 5 тони дрога која од Македонија завршила во Србија води директно до врвот на владата. Нема бегање. Сите ќе одговарате!“, соопштуваат од СДСМ.

