Македонија
(Видео) Нелоска: Матичните лекари и стоматолозите од Фондот добија најлоши предлог-договори за наредните пет години
Здравствениот систем во Македонија е во колапс. СДСМ имаше план за живот и вети дека ќе се работи на здрава примарна здравствена заштита. Но, очигледно или не ја сфаќа или не сака да ја сфати како што треба. Примарната здравствена заштита е во слободен пад, порача Ленче Нелоска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Матичните лекари и стоматолозите добија најлоши предлог-договори за наредните пет години од Фондот за здравствено осигурување, а со високите казни во договорите се доведува во прашање и нивното опстојување. СДСМ, пак, ветуваше намалување на високите казни за матичните доктори, а сега гледаме дека излажа. Матичните доктори протестираа, но прашање е дали воопшто некој ги слуша. Лагите на СДСМ ги има секој ден. СДСМ ветуваше и покачување на капитациониот бод на матичните доктори на 90 денари – излажа. Ветуваше укинување на квотите за рецепти и боледувања – излажа“, рече Нелоска.
Таа истакна дека дополнително годинава од две поликлиники во Скопје три матични доктори заминале во пензија, а најдоцна до крајот на годинава заминува уште еден матичен лекар. Како што објасни Нелоска, тоа значи дека околу десет илјади граѓани во Скопје ќе останат без матичен лекар. Здравствен дом Скопје, според Нелоска, не распишува тендер за концесионери, како што предвидува Законот за здравствената заштита.
„Предвидлив е фактот дека до крајот на годината 30-ина доктори од примарното здравство во цела Македонија ќе заминат во пензија, а околу 60 илјади граѓани ќе останат без матични лекари. Во Македонија многу ординации ќе останат празни. Ако се земе предвид дека просечната возраст кај матичните доктори е 57 години, очекувано е дополнително влошување на состојбата за 5 години кога може да се случи многу градови да останат без доктори во примарното здравство.
Поради политиките на оваа криминална и однародена власт, граѓаните нема кој да ги лекува, а лекарите и медицинските сестри ја напуштаат државата“, додаде Нелоска.
Таа нагласи дека министерот за здравство, Венко Филипче, и Владата треба да дадат одговори на следните прашања:
1. Дали во државата се потребни лекари?
2. Знаат ли надлежните дека граѓаните остануваат без матични лекари?
На оваа здравствена политика водена од оваа Влада и на овој министер мора да им се стави крај, заклучи Нелоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

