Македонија
(Видео) Нема нови условувања – силна поддршка од Германија и гаранции од Шолц, порача Каевски
Посетата на претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, на Германија, донесе дополнителни придобивки за државата и нашата европска иднина, истакна на денешната прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
„Директно од канцеларот Олаф Шолц добивме јасни и цврсти гаранции дека нови услови, нови пречки на европскиот пат, нема да има. Дополнително, тој јасно ја нагласи големата почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува во реформи на патот кон ЕУ. Сето ова доаѓа по усвојувањето на резолуцијата во германскиот Бундестаг со која се потврдува и дополнително се афирмира македонскиот како рамноправен со сите други јазици на Европската Унија. Ова е уште една потврда за државничките политики на СДСМ и за парламентарното мнозинство“, рече Каевски.
Пред сите нас, како што дополни, е важен период, во кој треба да влеземе одговорно и заеднички преку дијалог да го заокружиме процесот на уставните реформи.
Оценува дека сите политички субјекти, вклучително и ДПМНЕ, треба во прв план да ги стават државните и националните интереси и заеднички со консензус да ја обезбедиме европската иднина.
Според него, полноправното членство во ЕУ не е определба само на една или две партии, тоа е стратешка цел поставена уште од денот на осамостојувањето.
„На тој пат кон полноправно членство не сме сами, туку ја имаме безрезервната поддршка на САД и нашите европски сојузници, меѓу кои и Германија. Сојузна Република Германија не е само сојузник во НАТО и поддржувач во ЕУ, туку таа е и наш најважен економски партнер. Околу 50 % од вкупниот извоз од Северна Македонија е во Германија, а трговската размена меѓу двете земји, само минатата година изнесуваше 3,2 милијарди евра. Оваа, како и соработката со другите земји членки на ЕУ, дополнително ќе се интензивира по отворањето на првите поглавја и по зачленувањето во Унијата“, посочи пратеникот од СДСМ.
Сега, истакна тој, мора да ја искористиме оваа шанса, да обезбедиме европски стандарди и услови дома, да обезбедиме европска сегашност и иднина за сите наши граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.