Македонија
(Видео) Нервозен старт на седницата за францускиот предлог: Да кршам ли микрофони, да се тепам тука?
Наместо процедурално, Талат Џафери отвори гласање за дневен ред.
За него, 68 гласаа „за“, а 38 пратеници „против“, воздржани немаше. За тоа време, Борислав Крмов од Левица бараше збор и стоеше на говорница, а Џафери цитираше правила.
„Седнете на место“, рече Џафери, а Крмов врати „Ја прекршивте процедурата“, на што Џафери посочи „Да ти објаснам“.
На реакцијата на Крмов дека Џафери ја прекршил процедурата, собранискиот спикер не дозволи да говори.
„Оди на место“, рече Џафери, а Крмов не сакаше и остана на говорницата.
„Оди на место, Апасиев не беше тука, можеше да се пријавиш за процедурално додека тој не е тука. Овде не можеш да се тепаш“, кажа Џафери.
„Тука тепаат само, така?“, врати Крмов.
„Не тепаме ние никого“, одговори Џафери.
Собранискиот спикер посочи дека Крмов не сака да земе процедурално, по што, ја отвори првата точка за дискусија, односно точката за францускиот предлог.
Откако Крмов не се повлече на пратеничкото место, Џафери почна да ја објаснува процедурата. Расправијата продолжи.
„Не го узурпирајте правото, системот ме признава, вие не ме признавате“, посочи Крмов, а Џафери врати: „Сакаш ли збор или не сакаш? Оди на место ако сакаш збор“.
Крмов отиде на место, за да добие збор.
„Нема излегување на говорница без да добиете збор. Никој не може, додека не дадам збор. Вие излегувате без“, врати Џафери повикувајќи се на Деловникот.
„Со системот ви е потешко да правите злоупотреби, ама продолжувате. Системот ме покажа прв за процеудрално со зелено, а за едно процедурално, ме терате обезбедување да интервенира. Јас треба да се тепам тука за моето право кое народот ми го дава, не вие. Вие раководите по книга, а не како вам ви се сака. Посебно не денес. Што треба да направам јас тука за да добијам права? Да застанам на говорница да искршам микрофони? Кога ќе дојде некој од обезбедување да му тупосам една? Оти ја не давам никој мене да ме пипне. Јас имам имунитет, пратеник сум, толку. И тука и надвор“ – реагираше Крмов.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

