Македонија
(Видео) Николова: Образованието не смее да зависи од тоа кој е на власт и од политичари што ќе сметаат дека светот почнува со нивниот мандат
Образованието е натпартиска и надетничка тема, значајна за целото општество, но пред сè за младите и нивната идина.
Затоа, законите поврзани со образованието мора да бидат прашање на консезус во Собранието. Тој консензус се постигнува само со дијалог меѓу сите и во ниеден случај со деструктивни тактики за исклучување на јавноста и стручната фела, каков што е сега во сила, и турка измени власта на ДПМНЕ и Мицкоски, истакнува Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
„Образованието на нашите деца е многу сериозна тема за да се менува без знаење и вклученост на сите оние што се засегнати. Квалитетот на образованието не смее да зависи од тоа кој е на власт и од политичари што ќе сметаат дека светот почнува со нивниот мандат.
И затоа е жално што сегашната Влада реши да ги повлече пакет-законите од областа на образованието, кои веќе беа влезени во собраниска процедура на почетокот на 2024 година, го поминаа првиот филтер на Комисијата, на која се донесе и заклучок за организирање јавна расправа. Образложението за повлекување на законите од процедура министерката Јаневска го образложи со тоа дека го подобриле текстот на законите. Но, она што го добивме како текст на законите е уназадување на предлог-решенијата, одземање на правото на глас на средношколците, озаконување на дискриминацијата, враќање назад на процесот на инклузија во образованието, вклучително и на децата со попреченост“, вели Николова.
Според неа, Комисијата за образование, наука и спорт, како и министерката Јаневска, не покажала демократски капацитет и не го прифатиле нивниот предлог за јавна расправа по сите закони што беа ставени на дневен ред, односно 6, од кои 5 се сосема нови.
Со тоа, како што посочува, ги исклучиле јавноста и стручната фела да ги искажат своите мислења и аргументи.
„Токму затоа сосема очекувана беше реакцијата од стрчуната фела, како што е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Институтот по педагогија при УКИМ и граѓанските организации, кои се занимаваат со оваа проблематика.
Во Законот за средното образование отсуствува можноста за организирање на средношколците на национално ниво, што значи давање глас во одлуките што ги засегаат. Ова значи враќање на режимското време, од кое се роди средношколскиот пленум.
На кого му смета гласот на средношколците?“, прашува таа.
Напоменува дека Социјалдемократскиот сојуз одамна ја апсолвира потребата за нови закони за образованието.
„Во минатиот мандат предложивме измени, кои сегашната власт ги блокира. Но, ние и тогаш, како и сега, велиме дека за образованието мора да има јавна дебата и консензус. Ние имаме демократски и државнички капацитет и можеме преку разговор да ги прифатиме добрите решенија, но не ги прифаќаме уназадувањата. Време е власта да сфати дека ова општеството не се враќа назад. Ние не се враќаме назад. Изградивме механизам што ги штити најранливите,ж и нема да дозволиме негово отстранување. Спремни сме да разговараме преку дијалог во Собранието и вклучувајќи ги сите засегнати страни, да донесеме заедничко и добро решение, кое нема да дискриминира“, потенцира Николова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

