Македонија
(Видео) Николовски: Пресудата за „Рекет” потврдува дека правда и одговорност има за сите
Во врска со изјавата на Бојан Јовановски, кој денеска беше осуден на девет години затвор во случајот „Рекет“, а кој по изречената пресуда изјави дека парите треба да се бараат кај лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и неговиот брат Вице, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, рече дека денешните пресуди потврдуваат дека правда и одговорност ќе има за секој во државата кој ќе се огреши.
„Слушнавме со кого Мицковски седел, разговарал во претходните месеци и години и поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ со целокупниот случај. Да не мисли дека некој ќе го спаси од одговорност. Добро е што дојде време и сме среќни што денеска имаме пресуди за вакви крупни случаи што се отворија во државата. Тоа потврдува дека правда и одговорност ќе има за секој во државата кој ќе се огреши.
Очекувам од сега натаму целосна разрешница на сите случаи, над триесет, во коишто е вклучено и целото актуелно раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на многу структури. Да расчистиме еднаш со остатоците од режимот, да има одговорност и за ‘Талир’ и за ‘Империја’ и за кој било случај за којшто се зборува во јавноста и имаше постапки. Законот за Јавно обвинителство, којшто стапува на сила, тоа силно го овозможува. Поради тој закон денеска добивме силна потврда и поддршка од Европската Унија.
Поради тие процеси, во државата следат одлични години, доаѓа еден убав период во којшто ќе ги трансформираме институциите и ќе одиме напред, а и ќе преговараме со Европската Унија. Тоа беше сон на многу генерации и среќен сум, како дел од генерацијата млади политичари, што денеска направивме крупни чекори и што ќе има одговорност и правда за сите. Тоа го потврдуваат пресудите што денес ги слушнавме“, истакна Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Безбеден град ќе казнува по 400 евра и една година без возачка за брзо возење
Министерството за внатрешни работи денеска во рамки на проектот „Безбеден град“ ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор на подрачјето на градовите Куманово и Тетово.
Како што се наведува во известувањето од МВР, активностите ќе се реализираат во временскиот интервал од 08:00 до 20:00 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае кратко, приближно од 15 до 30 минути.
Од МВР информираат дека за време на спроведувањето на активностите на конкретната локација, сообраќајот привремено нема да се пропушта додека трае постапката, по што ќе продолжи да се одвива нормално.
-Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности, се наведува во соопштението.
По донесувањето на Законот за прекршоци во Собранието, позната е и сумата на глобите што граѓаните ќе ги плаќаат доколку кои не ги почитуваат сообраќајните правила.
За санкционирање на пречекорувањето на дозволената брзина, глобата ќе зависи од тоа колку километри на час над дозволената брзина некој вози. За пречекорување до 20 километри на час, глобата е 20 евра. за 20 до 30 километри на час над дозволената брзина според законското решение е предвидено да плати 45 евра глоба. За пречекорување на дозволената брзина од 30 до 50 километри на час казната е 300 евра и забрана да управува со возило од 3 до 12 месеци. За пречекорување над 50 километри на час глобата е 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување со моторно возило од најмалку една година. Во населено место, казните се построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.
За сообраќајниот прекршок минување на црвено светло, системот автоматски ќе изрекува глоба од 250 евра и забрана за управување со моторно возило од три до 12 месеци. Кривична одговорност е предвидена ако прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода.
Ако се управува возило со истечена сообраќајна дозвола казната е 100 евра за возачот, а сопственикот на возилото ќе плати 250 евра.
За непрописно паркирање или запирање на забрането место предвидена е казна од 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра ако возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место за лица со попреченост.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот. После овој рок мора да се платат 100 проценти од износот со можност за присилна наплата. Возач кој ќе добие три забрани за управување на моторно возило во рок од четири години, автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано после една година.
Собранието во петокот со 81 глас „за“, 19 „против“ и без воздржани го изгласа Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова, се отвори патот од 1 февруари да стартува системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“, насочен кон превенција, зголемена безбедност во сообраќајот и заштита на човечките животи.
Македонија
Да беше жив Тоше Проески денес ќе полнеше 45 години
На денешен ден, 25 јануари 1981 година, е роден Тоше Проески, македонски пејач чиј музички опус и хуман ангажман го направија една од најзначајните личности на современата македонска култура.
Тодор „Тоше“ Проески е роден во Прилеп, а потекнува од влашко семејство од Крушево. Музичките почетоци ги имал уште во детството, кога во 1992 година настапил на детскиот фестивал „Златно славејче“ во Скопје. Музичкото образование го стекнал во музичко училиште во Битола, а подоцна и на Музичката академија во Скопје.
Професионалната музичка кариера ја започнал во 1997 година на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп, каде што победил со изведба на песната „Yesterday“ од „Битлси“. Истата година настапил и на „Макфест“ со композицијата „Пушти ме“, со што го привлекол вниманието на пошироката јавност. Песните „Пушти ме“ и „Остани до крај“ го означија неговиот ран подем, а пресвртна точка во кариерата претставува настапот на Скопскиот фестивал во 1999 година со „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.
Во 1999 година го објавил деби-албумот „Некаде во ноќта“, по што следел период на интензивна продукција и концертна активност. Во 2000 година учествувал на „Скопје фест“ со песната „Солзи прават златен прстен“, а истата година го промовирал и албумот „Синот Божји“, кој содржи неколку од неговите најпрепознатливи песни. Во следните години неговата кариера добива регионална димензија, со изданија на македонски, српски и други јазици.
Посебно значаен момент во неговиот професионален развој е победата на „Беовизија“ во 2003 година со песната „Чија си“, што го позиционира како една од водечките поп-ѕвезди на Балканот. Во 2004 година ја претставува Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Истанбул со песната „Life“, англиска верзија на „Ангел си ти“, и го освојува 14. место во финалето.
Тоше Проески трагично загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Република Хрватска. Посмртно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија, а 17 октомври 2007 година беше прогласен за Ден на национална жалост.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Молкот на Филипче за „Жан Митрев“ е доказ за заробено здравство
СДС во текот на седумгодишното владеење не функционирала како политичка партија, туку како мрежа на поединци кои ги користеле институциите за остварување лични бизнис интереси, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Кај Венко Филипче може да се забележи целосно отсуство на било каква загриженост за случајот со клиничката болница „Жан Митрев“ и обидите преку финансиски притисоци, уцени и спогодби да се изврши преземање на болницата, со ветувања за влијание врз судски постапки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, на сопственикот на болницата му било сугерирано дека ќе биде ослободен од обвиненијата во судскиот процес што тогаш се водел против него, доколку Филипче ја преземе болницата на, како што наведуваат, „легален начин“, со оглед на тоа што значителен дел од буџетските средства завршувале токму таму, што, според ВМРО-ДПМНЕ, можеби било подготвувано како иден профитабилен бизнис.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека доколку Филипче навистина се грижел за интересите на граѓаните и за ресорот кој го водел, немало да се случат скандалите со Онкологија, модуларната болница во Тетово, недостигот на вакцини за време на ковид-пандемијата, како и низа други афери со кои, како што велат, тој е директно поврзан.
„Кога станува збор за влијанијата во судските постапки, имајќи предвид дека мрежата на Заев како тогашен премиер беше целосно инсталирана во судството, логично е да се постави прашањето колку случаи не завршиле со пресуда согласно законот, туку со амин од Заев“, велат од партијата, додавајќи дека токму тоа можеби е причината зошто ниту еден функционер на СДС не се плаши од истраги и одговорност.
Во соопштението се наведува и дека за случајот со клиничката болница „Жан Митрев“, за кој јавно говорел и сопственикот на национална телевизија, Филипче нема одговор, но, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, на партискиот конгрес се обидел да спинува сè што актуелната власт прави и да се претстави како спасител, иако токму тој е, според нив, причината за состојбата во која се наоѓа здравството.
„Јавното обвинителство има обврска да ги испита сите индиции за изнуда и сомнежите за криминал и злоупотреба на службената положба“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

