Контакт

Македонија

(Видео) Ограничување на градењето куќи, бришење на булеварот Крушевска Република и згради што ќе одат во висина место во ширина, се дел од барањата на градоначалниците за новиот ГУП    

Објавено пред

Големи се очекувањата на општините од новиот генерален урбанистички план (ГУП) за Скопје, кој, место усвоен и во сила веќе една година, сè уште е само во подготвителна фаза. Бришење на јужната обиколница, преиспитување на потребата од булеварот Крушевска Република, ограничување на градењето за да се спречи со дозвола за куќа да се гради зграда, конкретни насоки како да се третираат земјиштата продадени со јавно наддавање, зелен појас покрај Вардар, а веднаш до него и градежен појас по целата должина на реката, зградите да одат во висина место во ширина и ред други барања веќе се подготвени и чекаат градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, да ги побара.

dobivaj vesti na viber

Општините се изјаснуваат за делумно консултирани за новиот ГУП, но истовремено и целосно исклучени од подготовките за кои велат дека немаат ниту информација до каде се. Од десетте скопски општини што се во опфатот на ГУП, на прашањата за планот и соработката со Град Скопје за негова изработка одговорија само четири. Од општините Кисела Вода, Гази Баба, Центар и Карпош сведочат дека со Град Скопје за ГУП имале средба летово, но се разговарало главно за новата урбанистичка блоковска поделба, а од тогаш нема нова активност ниту за подготовките за ГУП ниту за неговата изработка.

Кисела Вода бара ограничување на градењето за да се спречи со дозвола за куќа да се гради зграда

Во Општина Кисела Вода се револтирани од доцнењето на ГУП. Сметаат дека доцнењето ќе има сериозни последици за секоја од скопските општини оти ги ограничува можностите за развој. Без нов ГУП, општините не може да ги применуваат стратегиите предвидени со развојната програма, што сметаат дека е чекор назад во уредувањето на просторот.

„Сметаме дека неработењето на Град Скопје е причина поради која нашата Општина нема никаква информација до каде е процесот, кој одамна требаше да биде завршен. Соработката со општините при донесувањето вакви клучни документи со децениска важност е од исклучителен интерес на нашите граѓани, а до овој момент од страна на Град Скопје воопшто не сме консултирани ни за нашите развојни програми, стратегии и цели. Како Општина сметаме дека сериозните проекти, како овој, бараат, пред сè, работа што треба да биде динамична, транспарентна и стручна. Наспроти тоа, за носење еден ваков документ има молк, никаква комуникација, што сериозно загрижува и наведува на размислување дали Град Скопје воопшто нешто сработил“, велат од Општина Кисела Вода.

За Кисела Вода молкот од Градот за ГУП наведува на размислување дали воопшто нешто е сработено; градоначалникот Орце Ѓорѓиевски

Барањата на Кисела Вода за новиот ГУП од Општината објаснуваат дека се содржани во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, каде што се сместени сериозни стратешки чекори за урбанистичкото планирање.

„Проекти што се навистина значајни се ограничувањето на бројот на станбени единици при градењето куќи со цел да се спречи изигрување на законот и градење згради на име А1 (домување), потоа проектот за подземно пробивање јужен булевар, секако неизоставен дел би било имплементирањето идејното решение за Расадник за кое веќе ни пристигнаа 5 решенија на распишаниот конкурс и сме во исчекување уште некое, кое би стигнало по пошта, бидејќи од досегашното искуство пратките од странство сериозно доцнат “, велат од Општина Кисела Вода.

Убедени се дека нивните барања за новиот ГУП се значајни и овозможуваат развој не само за Кисела Вода туку и за другите скопски општини.

Дислокација на загадувачката индустрија од населените места е меѓу главните барања за ГУП од Гази Баба

Насоките што Општина Гази Баба ќе ги даде за новиот ГУП се, пред сè, заштитата на животната средина, поголем процент на застапеност на зеленило во рамките на општината, нови спортски локации, можност за дислокација на загадувачката индустрија надвор од населените места на општината, можност за изградба на нова инфраструктура, современ јавен превоз, мапирање и предвидување нови бизнис и резиденцијални зони, како и предвидување нови индустриски и транспортни зони. Во Општината се загрижени што досега не ја виделе сообраќајната студија за новиот ГУП за да може да ги одредат приоритетите.

Во Гази Баба се загрижени што досега не ја виделе сообраќајната студија за новиот ГУП; градоначалникот Бобан Стефковски

„Сакаме да нагласиме дека ние целосно не сме запознаени со тоа каква ќе биде сообраќајната мрежа во нашата општина бидејќи таа се вцртува во новиот ГУП на Град Скопје со изработување сообраќајна студија. Од студијата понатаму ќе се увиди дали одредени градски сообраќајници треба да се намалат, односно зголемат во нивната проточност и дали одредени главни артерии во нашите населени места ќе претрпат измени или ќе останат исти“, велат од Гази Баба.

Во оваа Општина очекуваат ГУП да понуди нова сообраќајна мрежа, развој на комуналната мрежа, која ќе овозможи достојни услови за живеење на секое семејство, но очекуваат и дека со новиот план ќе има поголем прилив на даноци и надоместок од комуналии.

Булеварот Крушевска Република раздвојува историски маала, Центар бара да се преиспита потребата од него

Општина Центар со внимание ги следи постапките за новиот ГУП и прецизно посочува дека постапката за донесување на планот официјално не е почната оти не е одобрена планската програма од Советот на Скопје. Барањата за новиот ГУП им се стокмени.

„Во новиот генерален урбанистички план како Општина ќе побараме да се преиспитаат наменски употреби на земјиштето во дадени градски четврти (ГЧ И05 – Маџир Маало), да се преиспита потребата од булеварот Крушевска Република, кој разделува повеќе историски маала, ќе побараме поврзување на некои градски четврти, кои биле раздвоени со претходниот ГУП, а историски отсекогаш претставувале целини, ќе побараме дислокација на индустриските капацитети на територијата на општината, замрзнување за понатамошен развој на некои делови од територијата на општината и слично“, објаснуваат од Општина Центар.

Општина Центар од новиот ГУП очекува и методологија за намалување на жителството; градоначалникот Горан Герасимовски

Од новиот ГУП, покрај планови, Општина Центар очекува и конкретни, пропишани насоки како да се спроведат градските политики.

„Дали станува збор за намалување жителство, за ретрасирање постојни траси на сообраќајници или за третман на земјишта отуѓени со јавно наддавање, очекуваме конкретни методологии за справување со настанатите ситуации, а како сите градски општини би имале пропишани услови за еднакво постапување“, конкретно бараат од Општина Центар.

Иако постапката за новиот ГУП официјално не е почната, Агенцијата за планирање на просторот веќе имала средба со стручен тим од Општина Центар, на која биле информирани за документирање на постојната состојба на терен. Агенцијата ги консултирала и за можни превиди како најдобри познавачи на територијата на општината, а им биле најавени и дополнителни состаноци.

Јакимовски: Зградите треба да одат во висина, да се зафаќа небото за на земјата да остане повеќе простор за паркови

На градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за разлика од другите градоначалници, не му пречи доцнењето на новиот ГУП. Тој дури смета дека генералните планови не треба да се носат толку често и се залага важноста да им биде четвртина век.

„Не гледам што се менува во функционирањето на Општината или на локалната самоуправа со евентуално носење нов генерален урбанистички план. Генерални планови, прво, не се носат толку често. Тие треба да се носат на 25 години затоа што со промена на генерален план, ако го носите на 10-12 години, вие треба да ги усогласите постојните детаљни со новиот генерален план. За десет години, треба да направите, на пример, во Карпош 50 урбанистички плана. Таман сте стигнале да ги усогласите, тие носат нов генерален план. Тоа нема логика, како мачката кога си ја брка опашката е“, вели градоначалникот Јакимовски.

„Знаете кои се најчестите барања на граѓаните? Имот кај што е предвидено зеленило, тие бараат да биде домување“, вели градоначалникот Јакимовски

Неговиот став во однос на барањата што Општината ќе ги има за изработка на новиот ГУП вели дека зависат од барањата на граѓаните.

„Знаете кои се најчестите барања на граѓаните? Имот кај што е предвидено зеленило, тие бараат да биде домување. Сите бараме зеленило, ама кога ќе го имаме зеленилото, бараме да се претвори во домување, без разлика дали се работи за колективно или за индивидуално, вели градоначалникот Јакимовски.

Тој смета дека деловите покај кејот на Вардар треба да се редефинираат. Да има простор во ширина од 50 до 80 метри од брегот, кој ќе биде резервиран за паркови, а во другиот дел да се предвиди градежен појас и така да биде не само во Карпош туку и во другите општини низ кои минува Вардар.

„Тука гледаме едно двојство. Ако веќе ни е концепт дека покрај Вардар треба да има сериозно проветрување, треба да има паркови и слично, тој појас треба да се дефинира од Ѓорче Петров, од Сарај, до излезот на Скопје. А не како што сме сега, во Карпош тоа го има, а како еден стомак направено, тој дел го запазуваме, па потоа се стеснуваме во централното градско подрачје, па малку се прошируваме во делот на Аеродром и се гледа една неконзистентност“, забележува градоначалникот Јакимовски.

Новиот ГУП, според Јакимовски, треба да го уреди просторот зад Зајчев Рид, да го урбанизира Бардовци, да го заштити Водно како белодробни крила на Скопје, но сепак да не се избрише јужната обиколница, која треба да се гради на сметка на зеленилото.

Против бетонизацијата на Скопје, Јакимовски вели дека ќе се бори со нови згради, кои ќе одат во висина, ќе се зафаќа небото за на земјата да остане што е можно повеќе простор за паркови.

„Таа флоскула против бетонизација е сериозна флоскула. Напротив, јас се залагам за сериозно осмислување на она што треба да се гради и да се прави и мојата заложба е дека на површините не треба да се оди во ширина, туку треба да се оди во висина, да се зафаќа небото, а што е можно повеќе површини да остануваат за паркови и за други содржини, кои им се потребни на граѓаните“, вели градоначалникот Јакимовски.

Тој беше единствен кој се согласи пред камера, јавно, да ги каже неговите и ставовите на Општината за новиот ГУП.

Градоначалниците на другите шест општини, Аеродром, Бутел, Сарај, Ѓорче Петров, Шуто Оризари и Чаир, исто како и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, молчат за новиот ГУП. „Макфакс“ веќе објави дека за да продолжи подготвителната фаза на ГУП, Комисијата за верификација во Советот на Скопје чека од градоначалничката да им образложи зошто распишала четири огласи за партиципативно тело, три од нив поништила и четвртиот побарала од нив да го поништат, а инсистираат и правната служба да им посочи кој е законскиот пат тие да поништат оглас што не го распишале.

Со овој текст „Макфакс“ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите, што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.

Македонија

Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба

Објавено пред

Од

Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.

dobivaj vesti na viber

Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.

Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.

Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.

Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.

Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.

Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.

Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.

Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.

Прикажи повеќе...

Македонија

Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет

Објавено пред

Од

Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

dobivaj vesti na viber

Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..

Прикажи повеќе...

Македонија

Гаши на работна средба во МАНУ

Објавено пред

Од

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.

dobivaj vesti na viber

„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.

Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.

Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија37 минути

Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба

Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение...

Македонија44 минути

Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет

Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената...

Македонија3 часа

Сиљановска – Давкова: Имаме најмало и најстаро владино авионче во регионот, секогаш имам дилема дали да летам со него

Претседателката, Гордана Сиљановска – Давкова, призна дека секогаш има дилема кога треба да се вози со владиниот авион затоа што...

Македонија5 часа

Семејството на Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион, ама затоа Заев бил со семејството на одмор во Амстердам, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Семејството на премиерот Христијан Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион. Но, очигледно е дека работи фројдовскиот елемент кај СДС,...

Македонија5 часа

Кривични против претседатели и вработени во Здружението на инвалиди на трудот – Штип, си присвоиле над 300.000 денари

Полицијата поднесе кривични пријави против поранешни претседатели и вработени во Здружението на инвалиди на трудот – Штип за сторени продолжени...

Македонија7 часа

Сопствениците на кучиња да го почитуваат законот и да ги микрочипираат милениците, апелира АХВ

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до сопствениците на домашни миленици – кучиња за исполнување на законската обврска за...

Економија7 часа

Николоски: Воведовме 23 нови линии во авиосообраќајот, имаме рекордна бројка на патници, а годинава очекувам да порасне над 4 милиони патници

Од изборот на Владата до денес имаме нови 23 директни летови, охридскиот и скопскиот аеродром поминаа 3,5 милиони патници, оваа...

Европа9 часа

(Видео) Зеленски: Десетици илјади Украинци загинаа за Донбас, не се работи за земјата, туку за луѓето

Претседателот Володимир Зеленски вчера повтори дека Украина нема да отстапи територија на Русија, ниту да се повлече од областите што...

Регион9 часа

(Видео) Дете висеше од ски-лифт на Јахорина па падна, скијачите се обидоа да го фатат

Вчера, дете падна од жичницата на планината Јахорина во Босна и Херцеговина откако некое време висеше држејќи се за седиштето....

Свет9 часа

Утре прв состанок на Одборот за мир на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп утре ќе претседава со првиот состанок на Одборот за мир, во сенка на нерешени прашања за...

Свет9 часа

Една третина од американската морнарица е во близина на Иран: објавено кога би можел да започне нападот

Американската војска е подготвена да го нападне Иран уште овој викенд, иако претседателот Доналд Трамп сè уште не донел конечна...

Македонија10 часа

Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти

Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ. Интензитетот на сообраќај на...

Свет10 часа

(Видео) Една од најсмртоносните лавини во историјата на САД: oсум скијачи загинаа, еден е исчезнат

Осум скијачи загинаа, а еден е исчезнат во лавина во планините Сиера Невада во Калифорнија, соопштија властите во среда, во...

Македонија23 часа

Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование....

Македонија24 часа

Гоце Наумовски стана нов уставен судија

Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по...

Македонија1 ден

Владата нема да купува нов авион: ќе се повлечеме од набавката и ќе се молиме да останеме живи, вели Мицкоски

Владата се откажа од набавка на нов авион на што се одлучи оти стариот е дотрајан и претставува голем трошок...

Македонија1 ден

(Видео) За Мицкоски контролата на цените не е популизам, туку заштита на граѓаните, најави праведност и кон оние што се обидуваат да профитираат од кризите и кон оние што избегнуваат обврски

Денешната конференција за формализирање на неформалната економија не е само експертска расправа. Таа е разговор за праведност во општеството. За...

Македонија1 ден

(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари

Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции. Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена...

Македонија1 ден

„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица

„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства...

Македонија1 ден

(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено

Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја. Градоначалникот Орце...