Македонија
(Видео) Од Владата нека си седат дома, ние мора да работиме
„Не е во ред едни да работат, а оние што добиваат плата од џебот на граѓаните да си седат дома“, „зборуваа едно пред да дојдат на власт, а сега го прават истото како ВМРО-ДПМНЕ“. Вака реагираа граѓаните и приватниците пред камерата на „Макфакс“ откако владата синоќа скришно и сама си донесе одлука за втори јануари службениците да седат дома и заедно со викендот да си добијат 4 дена одмор.
„Само си одмораат, има еден куп празници. Ако веќе донеле одлука треба тој ден да го одработат, но не верувам дека тоа ќе случи.“
„Ако е одлуката таква, треба и приватниот сектор да не работи. Си одлучија за себе, а за другите не е важно. Не е во ред, категорично сум против“.
„Сите работат, нема одмор за децава што работаат по дуќаните. Работат секој празник, и за Бајрам и за Божиќ. Ако се побуни, ќе го отпушти газдата. Како да не дојде на работа?!“
Владата ги повика газдите од приватниот сектор да затворат на 2 јануари и тие да седат дома. Но, дел од дуќанџиите кои зборуваа за „Макфакс“ кажаа дека тоа не е возможно.
„Ние сме услужна дејност, како да затвориме. Невоможно е. Ако затворат сите, каде ќе јадат луѓето.
„Приватно е друго, тешко да затвориме. Никој не сака да губи ден и промет“, изјавија анкетираните дуќанџии.
По синоќешната објава на информацијата, жестоки реакции има и на социјалните мрежи. Еве дел од објавите на твитерџиите:
„Седница на Влада:
-Дечки кнап е работава, сè е хаос у државата, дајте да чујам решенија?
-Да им го дадеме 2 јануари неработен ден?
-Генијално!“
„Прават муабет двајца од администрација. Едниот на другиот му вика. Абе брат и 2 ќе биде неработен ден за нас? Другиот одговара : А кој бил работен?
„2 јануари и досега беше неработен за администрацијата, само дел од нив мораше да се појават и да ги куцнат картичките на тие што не идат“, пишуваат твитерџиите.
Дополнително, во текот на јануари согласно со календарот за празнување администрацијата ќе кари уште пет неработни дена. Со празнувањето на Божиќ, кој годинава е во понеделник, државната служба ќе ужива во првиот од вкупно седум продолжени викенди во 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костовски и Бајовски со ново, заедничко, ветување: Канализација ќе добијат сите улици во Бел Камен и Кучевишка Бара кои досега беа изоставени
Градоначалниците на Бутел и на Чучер-Сандево, Дарко Костовски и Зоран Бајовски со заеднички проект ќе го решаваат проблемот со канализација во Кучевишка Бара и Бел Камен. Населбите се една до друга, но припаѓаат на две различни општини и со децении градоначалниците ветуваат дека ќе им изградат фекална канализација, но досега ниту еден не го реализираше ветувањето.

Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните
Градоначалникот на Чучер-Сандево попладнево на социјалните мрежи се пофали дека првпат двете соседни општини пристапуваат заеднички и координирано за решавање на овој долгорочен проблем, со јасни рокови и распределба на обврски.
„Денеска заедно со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, ја формиравме оперативната работна група за решавање на заедничките проблеми на жителите од Чучер Сандево и Бутел. Главна задача на групата е финализирање и доработка на основниот проект за фекална канализација, со цел проектот да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени. Со зголемување на опфатот ќе бидат вклучени и улиците како Бутелска 27, 29, 31, 33 и 35, како и други критични точки кои бараат итна интервенција“, објави градоначалникот Бајовски.
Во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните за да се обезбеди транспарентен процес и квалитетна техничка документација.

Главна задача на работната група е доработка на проектот со цел да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени
„Нашата цел е да обезбедиме трајно и одржливо решение за управување со отпадните води, што ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот во двете општини“, вели градоначалникот Бајовски.
Револтирани што на терен нема никакви активности и оти градоначалникот Бајовски фекалната канализација во Бел Камен не ја ставил на листата со приоритети, како што им вети пред изборите, претставници на жителите од двете населби пред два месеца го потсетија на ветувањето и му кажаа дека доколку не почне да работи за решавање на нивниот проблем, подготвени се да протестираат.
Градоначалникот Бајовски, за „Макфакс“ на крајот на ноември изјави дека, за да почне да го решава проблемот, прво ќе направи ребаланс на буџетот, а потоа ќе работи на нов проект кој ќе ги опати и улиците каде што никогаш не е изградена фекална канализација.
Македонија
Блокиран сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола
Во 16:10 часот блокиран е сообраќајот на патниот правец А-3 Ресен-Битола кај месноста викана Ромската населба Битола, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со швајцарскиот претседател Пармелан во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
„На средбата беше реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит. Претседателката изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво. Во таа насока, претседателката упати покана за официјална посета на претседателот Пармелан“, соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Таа се заблагодарила за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочила на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион.
Соговорниците го споделиле мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изразила сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.

