Македонија
(Видео) Османи: Реформскиот процес мора да го издвоиме надвор од дневната политика
Очекувам зголемување на политичката поддршка и изградба на консензус за сите прашања кои се од наднационален интерес, меѓу кои е секако и имплементација на планот 18, истакна заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи, информирајќи ја јавноста дека Владата го усвои финалниот план 18 на својата редовна седница.
Османи истакна дека по завршувањето на имплементацискиот период на планот 3-6-9, како негов континуитет, Владата изготви драфт-верзија на планот 18, во кој беа вметнати препораките од извештајот на Европската комисија, како и реформските обврски кои произлегоа од планот 3-6-9, при што потенцираше дека финализацијата на реформскиот план се одвиваше во повеќе фази со широки консултации со невладиниот сектор, експертската јавност, но и опозиција, преку средби и разговори со меѓународните претставници од Делегацијата на Европската Унија.
“Реформскиот план 18, кој беше подготвен од страна на Секретаријатот за европски прашања, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за финансии, воедно претставува документ што е изграден во веројатно најинклузивниот политички процес во државава, преку бројни средби и размена на идеи и предлози со граѓанскиот сектор, со опозицијата и голем број дури заинтересирани страни, и во оваа смисла заслужува да биде издвоен од дневниот политички натпревар, и да ја добие соодветната поддршка. Реформските приоритети дефинирани во овој план, покрај суштинското унапредување на општеството, претставуваат и клучен параметар преку кој ќе се мери успешноста на нашите европски интеграции” – заклучи Османи.
Османи ги наведе и клучните области на планот 18: реформа на правосудството, реформа на безбедносните служби, реформа на јавната администрација, како и борбата против организираниот криминал и корупција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

