Македонија
(Видео) Партиите да не условуваат, туку да достават предлози за ДИК, порача Џафери

Партиите да не условуваат, туку да достават предлози за членови и претседател на Државната изборна комисија како што се обврзаа, порача претседателот на Собранието, Талат Џафери. Во согласност со надлежностите, тој вели дека може да свика седница, но тоа би било залудно ако нема меѓупартиски договор затоа што е потребно двотретинско мнозинство за да се избере новиот состав на ДИК.
– Разрешница за ДИК е политичките партии да донесат одлука да излезат од условите што ги поставуваат во однос на обврските што ги имаат преземено. Јас немам потреба да чекам, не е мој проблем што бара ВМРО-ДПМНЕ, Собранието има процедура, партиите се обрзаа, консензуално ги донесоа измените на Изборниот законик за избор на ДИК. А за другите барања и потреби, кога ќе има договор, не е пречка Собранието и тоа да го реализира – рече Џафери.
Во однос на указот на законот за ратификација на договорот со Грција, кој претседателот Иванов не го потпиша и го врати до Собранието, Џафери вели дека ќе го испрати до „Службен весник“, но не прецизира кога ќе се случи тоа бидејќи нема рок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски: Партнерството со САД носи силна поддршка за реформи во МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тшоковски денес оствари тет-а-тет средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
„Средбата ја потврди блиската соработка и заедничката посветеност за јакнење на институциите и модернизацијата на системот, како темел за поуспешно справување со криминалот и корупцијата“, соопштија од МВР.
„Партнерството со САД ни носи силна поддршка за нашите реформи во МВР насочени кон професионална и ефикасна полиција, која ќе овозможи зголемена безбедност, правда и доверба кај граѓаните.“, потенцираше министерот Тошковски.
Македонија
Општина Центар: Дератизацијата не е опасност за кучињата и мачките, да не се шират дезинформации

Општина Центар ги отфрла шпекулациите дека дератизацијата претставува опасност за животните.
„Ве информираме дека дератизацијата се спроведува редовно и исклучиво од стручни лица од Центарот за јавно здравје, со употреба на методи и средства кои се безбедни и не претставуваат закана за кучињата, мачките и другите домашни миленици. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на непроверени и неточни информации кои во јавноста се пласираат од одредени неквалификувани и нелиценцирани лица или организации. Ваквите дезинформации неосновано предизвикуваат страв и паника кај граѓаните и непотребно ја вознемируваат јавноста“, велат од Општината.
Македонија
СДСМ: Мицкоски пак манипулира, со инфлација од 4,8%, реалниот раст на БДП е -1,4%

Со инфлација од 4,8% повисока од растот на БДП, реалната економија оди надолу од -1.4%, а граѓаните тонат во сиромаштија, велат од СДСМ.
„Македонија е далеку од 4-та економија во Европа како што сака Мицкоски да прикаже. Неговите фалби немаат врска со реалноста. Граѓаните не живеат од статистички бројки туку од сопствениот џеб. А таму реалноста е сурова: повисоки цени, пониски приходи и намален квалитет на живот. Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53%“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ велат дека странските инвестиции се преполовени на 221 милиони евра, од 573 милиони евра минатата година.