Македонија
(Видео) Пауновска до Русковска: Ако кариерата не ти зависи од политичка партија, не знам со кој образ политичар ќе ти се јави за предмет
Вишата обвинителка од Гостивар Деса Пауновска, која е во трката за шефовското место во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, смета дека тимот таму е составен од исклучително добри, но и исклучително лоши обвинители. Таа во дебатата на „А1он“ посочи дека и Русковска како актуелна шефица знае дека „таму има обвинители кои навистина многу работат и имаат многу тешки предмети и обвинители кои не се дораснати, не сакаат, немаат желба да работат“ и порача: „Тој начин мора да се промени“.
Пауновска имаше критики за начинот на кој функционира ова обвинителство. Замеруваше на условите во кои се работи, непреселувањето во новата зграда, како и тоа што Законот за јавно обвинителство се менуваше, а не се донесе многу подобар закон. Не се жали на притисоци од моќници.
Прашана како ќе изреагира ако на неа ѝкажат: „Ќе завршите како Катица Јанева“, како што Русковска тврди дека било кажано, обвинителката Пауновска рече: „Јас не кревам телефон на такви луѓе“, а пак, актуелната шефица ` возврати: „На тој телефон ќе мораше да кренеш“.
Имаше и порака до обвинителите.
„Ако целата твоја кариера не зависи од ниту една политичка партија, тогаш не знам со кој образ некој политичар ќе ти се јави и ќе ти рече: ‘е овој предмет може вака да заврши’. И тука е грешката. Јас имам 58 години. Ние разговаравме да оставиме здраво обвинителство. Барем обвинителството за гонење организиран криминал да остане по нас како здраво обвинителство ослободено од притисоци. Притисоци мора да се пријават“, додаде таа.
Со Русковска ги судрија ставовите. Пауновска ` порача на шефицата, која е и нејзин противкандидат, да си ги снима разговорите ако има закани и притисоци.
„Некако мора Вилма да се стави крај на тие притисоци. Мора. Или ќе нè биде или воопшто нека не нè биде“, додаде Пауновска.
На Русковска в лица кажа што пречи.
Претера Вилма…
„Ти постојано, откако се случи тоа што се случи, постојано по телевизии. Тоа создава лоша претстава само за обвинителството. Дополнително ја намалува довербата. И што гледаат, тоа е судир меѓу обвинител и републички. И си велат ‘ако тие меѓу себе не можат да си усогласат односите, како ќе се борат со криминалот’. А таков е впечатокот. Јас таков имам, од тоа што слушам: ‘Претера Вилма…’. Тоа зборување во јавноста до некаде треба да има граница“.
Пред колегите кои треба да одлучат дали ќе биде нова шефица, Пауновска кажа дека има програма, но и визија.
„Нема да бидам строга, ќе работам заедно со обвинителите. Јас сум научена да работам. Но мора да се расчисти кого бива кого не бива. Затоа е лоша перцепцијата и се перципира дека таму работат само пет обвинители. Јас имам таков впечаток и ти кажав: Вилма со многу малку обвинители работиш. Дел па не само што не ја познаваат работата, туку се и по конференции, па предавачи, едукатори.. Не може да иде на секој семинар…“, рече Паувноска.
За неа, Паиновска додаде: Јас сум над 30 години во правосудство. Пет години јавен обвинител во ОЈО-Тетово, пет години во ОЈО-ГОКК, 4,5 во вишо обвинителство, четири години член на Совет на јавни обвинители. Да ги тргнете сите, освен гонењето организиран криминал бидејќи таму конкурирам. Тоа се предмети од злоупотреба на службена положба, давање поткуп, примање поткуп, перење пари, нема ниту едно кривично дело од тој дел кое не сум го работела. Финансиски истраги, вклучително и последниот предмет, керозинот од 4 милиони евра. Ниту некој ми влијаел.. Кога ќе слушнам ‘ми влијае некој…’, си велам ‘зошто мене не ми влијае никој, никој не ми се јавува?’. Или пак тоа јавување не го сметам како закана…“.
Конфротирањето меѓу Пауновска, Русковска и Незири и судирот на ставови, во дебатата на А1он.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.

