Македонија
(Видео) Пендаровски: Излезот од глобалната криза за Западен Балкан е брзата интеграција во ЕУ
Претседателот Стево Пендаровски денеска во рамки на неговото учество на 5. издание на Парискиот мировен форум се обрати на панел на којшто се дискутираше за решенија за надминување на кризите.
Претседателот Пендаровски, заблагодарувајќи се за можноста да се обрати и да зборува за прашања кои се важни за регионот и неговата стабилност, истакна дека во изминатите месеци е разбирливо што сите зборуваме за безбедносната состојба во Украина поради руската агресија таму, но дека темата за безбедност е доста позната за Западниот Балкан со оглед на неговата модерна историја.
Кога се зборува за решенија на кризите, претседателот рече дека решение за системската криза којашто сè уште тлее во регионот на Западен Балкан е да имаме поголемо европско присуство во регионот. Некогаш работите изгледаат како да сме заборавени од Унијата и без напредок на земјите кон Унијата, додаде тој.
Претседателот посочи дека Северна Македонија го почна процесот на пристапување кон Унијата и дека е во тек скрининг-процесот којшто треба да трае до крајот на идната година, а потоа, нагласи, дека можеме да зборуваме за следните фази од процесот на пристапување кон ЕУ.
Претседателот се осврна на нашиот регион за кој рече дека има споделени предизвици, дека демографските трендови не се поволни и притоа порача дека е потребно да се инвестира повеќе за младите луѓе, со цел да имаат повеќе можности за успех дома во своите земји. Тој додаде дека ни е потребно поголемо европско присуство постојано, а не само кога има кризни случувања.
Во однос на Европската политичка заедница, претседателот Пендаровски го повтори неговиот став дека таа треба да биде инструмент што ќе ни помогне во процесот на пристапување кон ЕУ, а не само дебатен клуб или, пак, замена за членството во Унијата, затоа што веќе се соочуваме со трендови на зголемување на евроскептицизмот и над 20% пад на поддршката за пристапувањето кон ЕУ. Тој дополни дека членството на Северна Македонија во ЕУ не е потребно само за зајакнување на економијата, унапредување на трговската размена и подобрување на животниот стандард, туку дека е потребна и политичка интеграција во институциите на ЕУ, како и демократски развој, зајакнување на институциите, владеење на правото и слободни медиуми.
Одговарајќи на прашањето за можностите за евроинтеграција на Украина, претседателот истакна дека земјава дава поддршка за членство на Украина во ЕУ и дека тој својата поддршка ја покажа и со писмо упатено до претседателот Зеленски. Претседателот истакна дека и покрај состојбата во која се наоѓа Украина, добивањето на кандидатски статус е силна политичка порака од Унијата, стратешки поглед на ЕУ, солидарност и подготвеност да се демонстрира заедништвото на Унијата со украинскиот народ.
Претседателот Пендаровски учествува на 5. издание на Парискиот мировен форум во рамки на кој има и повеќе средби со шефови на држави, учесници на форумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првиот човек на НАТО доаѓа во посета на Македонија, Сиљановска-Давкова ќе го пречека со највисоки државни и воени почести
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 3 март 2026 година, вторник, ќе го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе престојува во официјална посета.
Генералниот секретар ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба и пленарен состанок на македонската и на делегацијата на НАТО.
Во рамки на програмата, предвидена е и заедничка прес-конференција со претседателката Давкова.
Ова е прва посета на Руте на земјата, откако ја извршува функцијата прв човек на Алијансата.
Фото: Depositphotos
Македонија
Ахмети со поддршка на САД: Нападите и дестабилизирачките акти на Иран не служат никому
Во овие времиња на предизвици за меѓународниот поредок и безбедност, нашата позиција е јасна и непоколеблива: целосна солидарност со Соединетите Американски Држави и со секој напор за заштита на глобалниот мир, стабилност и безбедност, вели лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со последните случувања на Блискиот Исток.
„Алијансата со САД не е само дипломатска ориентација. Тоа е стратешка и вредносно заснована определба. Наш избор е да бидеме на страната на демократијата, основните слободи, владеењето на правото и меѓународната одговорност. Нашата земја, а особено албанскиот народ, добро знаат што значи американската поддршка во одлучувачки моменти од нашата историја, поради што дури и денес стоиме покрај нашиот најголем стратешки партнер. Нападите и дестабилизирачките акти на Иран што ја поткопуваат безбедноста на земјите од Заливот и ја загрозуваат кревката архитектура на мирот на Блискиот Исток не служат никому. Тие не служат на развојот, не служат на коегзистенцијата, ниту на легитимните аспирации на народите за просперитет“, вели Ахмети.
Тој додава дека секој режим што избира конфронтација наместо соработка и извезува кризи наместо дијалог се става во спротивност со духот на нашето време.
„Веруваме дека безбедноста во Персискиот Залив и Блискиот Исток е глобален интерес. Слободата на движење, енергетската стабилност, борбата против тероризмот и заштитата на меѓународниот поредок се споделени одговорности. Во овој контекст, улогата на Соединетите Американски Држави останува незаменлива како гарант на рамнотежата и фактор на стабилност. Албанците недвосмислено го избраа западниот пат. Ние сме дел од сојуз на вредности, дел од евроатлантската заедница и активни придонесувачи за колективниот мир и безбедност. Нашата поддршка за Соединетите Американски Држави е поддршка за побезбеден, поправеден и послободен свет“, вели Ахмети.
Македонија
Мицкоски во разговор со претседателот на ОАЕ: Нашите институции се целосно мобилизирани за навремена помош на македонските државјани
Институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно, рекол премиерот, Христијан Мицкоски, во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Тој изразил искрена солидарност со народот на ОАЕ и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од нападите.
„Нападите врз суверени држави и заканите кон цивилното население претставуваат грубо нарушување на меѓународното право и сериозна закана за регионалната и глобалната стабилност. Македонија, како членка на НАТО и стратешки партнер на САД, останува цврсто посветена на принципите на суверенитет и територијален интегритет. Во време на растечка неизвесност, неопходни се одговорност, координација со сојузниците и јасна определба за спречување на понатамошна ескалација. Во разговорот ја нагласив и потребата од засилена грижа и координација за безбедноста на македонските граѓани кои се наоѓаат во регионот. Информирав дека институциите на државата се целосно мобилизирани и внимателно ја следат состојбата, со подготвеност за навремена помош, поддршка и евентуална асистенција доколку тоа биде потребно“, вели Мицкоски.
Тој додава дека Македонија, во контекст на своите стратешки интереси и сојузништва, ќе продолжи да дејствува принципиелно, внимателно и одговорно, во интерес на стабилноста и безбедноста.

