Македонија
(Видео) Пендаровски им честита на младите математичари, добитници на медали на Балканската олимпијада
Претседателот Стево Пендаровски денеска прими ученици коишто на 37-та Балканска математичка олимпијада освоија сребрен и бронзени медали.
На олимпијадата, каде нашата земја ја претставуваа 6 ученици, претежно средношколци, Никола Спировски доби сребрен медал, додека бронзени медали освоија Дамјан Давков, Алек Јармов и Лука Грашкоски. На Олимпијадата учествуваа и Кристина Тасева и Бојан Димовски. Тимот заедно освоил 113 поени, што според Сојузот на математичари на Македонија, претставува најголемо достигнување во последните 11 години.
На средбата, учениците и водачите на тимот Никола Велов и Борче Јошевски го информираа претседателот Пендаровски за процесот на интензивни подготовки, којшто се спровел преку четири пробни натпревари со симулација на условите. Таквиот пристап, како што истакнаа тие, придонел за одличниот резултат на олимпијадата.
Претставниците од Сојузот на математичари на Македонија истакнаа дека клучна улога за постигнување врвни резултати во математичкото образование има основното образование, односно работата со учениците уште од четвртто и петто одделение.
Честитајќи им за освоените медали и големиот успех, Претседателот Пендаровски изрази поддршка за напорите да се обезбедат подобри услови за учење и тренинзи по математика.
„Честитки за успехот, за кој сите сме горди. Посакувам да продолжите да го надградувате квалитетот што го поседувате и натаму да постигнувате одлични резултати на меѓународен план“, истакна претседателот Пендаровски на средбата.
37-та Балканска математичка олимпијада, на којашто учествуваа 11 балкански држави и седум гостински тимови, виртуелно се одржа во Романија, во периодот од 31 октомври до 5 ноември годинава.
Инаку, за некои од учениците овие награди не се единствени годинава. Никола Спировски во септември победи на 24-тата Јуниорска олимпијада. На истото натпреварување, коешто виртуелно се оддржа во Грција, Дамјан Давков освои сребрен медал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Приведени десетина лица од УЈП, се вршат претреси на повеќе локации
Во рамки на предистражна постапка што се води за лица вработени во УЈП и поврзани со дискотеката „Пулс“ во Кочани, денес се приведени десетина лица, а истовремено се вршат претреси на повеќе локации.
„Се работи за лица вработени во УЈП, а за кривични дела допрва ќе видиме, меѓутоа првичните дела се злоупотреба на службена положба и овластување и давање мито“, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Тој додаде дека дел од комуникациите што беа презентирани во јавноста се опфатени во постапката.
Јавниот обвинител ќе предложи мерки, соопшти Коцевски кој засега не сакаше да открие за кои лица се работи, односно на кои позиции биле вработени приведените.
Овој предмет го води кочанското обвинителство.
Македонија
Приведен поранешен раководител на УЈП во акција поврзана со дискотеката „Пулс“
Во полициска акција приведен е поранешен раководител на подружница на УЈП, а опфатени се повеќе службеници и вработени, во рамки на истрага за дискотеката „Пулс“.
Од МВР најавија повеќе детали за подоцна.
„Полициски службеници од СВР Штип, ОВР Кочани во соработка со Одделот за криминалистичка полиција по насоки на ОЈО Кочани преземаат повеќе активности на неколку локации низ државата. По завршувањето на акцијата јавноста ќе биде соодветно известена“, соопшти МВР.
Македонија
Зошто ВМРО-ДПМНЕ молчи за Никола Груевски, прашуваат од СДСМ
Скандалозните ставови на претседателката Давкова дека „не било време за реформи“ поради тоа што во Европа имало војни е политичко ехо на пораките на Никола Груевски, кој само неколку дена претходно од Будимпешта испрати идентичен наратив, велат од СДСМ.
Прашуваат зошто ВМРО-ДПМНЕ молчи за Никола Груевски.
„Ова е доказ дека Груевски и понатаму ја води партијата од Будимпешта, а Мицкоски и Сиљановска се само формални извршители на неговите директиви.
Се повеќе станува јасно дека владата станува заробена од бегалец од правдата, кој од туѓа држава диктира што треба да се случува“.

