Македонија
(Видео) Пендаровски: Интензивирање на борбата против организираниот криминал и корупцијата и владеење на правото како врвен приоритет
Претседателот Стево Пендаровски се обрати на Регионалната универзитетска школа за безбедност на тема „Надворешните актери и нивното влијание на регионалната безбедност и евроинтегративниот процес на Западен Балкан“, која се организира шеста година по ред од страна на Фондацијата „Конрад Аденауер“ со Универзитетот „Свети Климент Охридски“, а е поддржана од Центарот за европски студии „Вилфред Мартенс“ од Брисел.
Toj во своето обраќање зборуваше за позитивните аспекти на фразата ,,влијанието на надворешните актери врз безбедноста на регионот” за која рече дека првата асоцијација, особено во популарниот жаргон и во медиумите е негативна.
„Северна Македонија неодамна ја одбележа првата годишнина од своето членство во НАТО и тоа за мене е без дилема, клучното стратешко и надворешно-политичко достигнување на земјата по приемот во Организацијата на Обединетите нации“, рече претседателот Пендаровски.
Тој потсети на некои настани од изминатите 30 години од нашата независност: турбулентниот период на осамостојувањето и избегнување на лавиринтот на војните во поранешна Југославија, конфликтот во 2001, па сè до нападите на столбот на демократијата – Парламентот, во два наврати, во 2012 и 2017.
„ Само 3,5 години по конфликтот станавме земја кандидат за членство во ЕУ и само една година по обидот за рушење на уставниот поредок во 2017 добивме покана да станеме членка на НАТО. Ваквата брза консолидација ќе беше невозможна без подршката на нашите стратешки партнери од НАТО, Европската Унија и Соединетите Американски Држави“, потенцираше претседателот.
Тој подвлече дека надворешната асистенција во развојот на нашата демократија беше најделотворна кога постоеше кохезија и синхронизација од двете страни на океанот, во трансатлантската заедница и кога присуството на Соединетите Американски Држави беше поизразено на Балканот. Претседателот нагласи дека и преостанатите крупни прашања и проблеми на Западниот Балкан не можат да бидат решени ако Европа и Америка не го кренат нивото на заемна координација.
Претседателот Пендаровски рече дека европските интеграции нудат долгорочна перспектива за регионот и ќе биде трагично ако тие интеграции бидат попречени, не толку од Европската Унија, колку од самите нас, во регионот, преку анахрони историски интерпретации.
„Неодамна реков дека додека ние балканските народи во 21 век сé уште разговараме за историјата, милиони млади луѓе ни заминаа да ја бараат својата шанса во државите каде што историјата е присутна во книгите, а не како кај нас, во политиката и на улиците“, нагласи претседателот.
Во овој контекст, претседателот Пендаровски рече дека со посебна загриженост гледа на серијата нон-пејпери, кои заговараат ново менување на границите на Балканот и чија логика е да продуцираат повеќе регионална нестабилност, отколку она што е наводно првичниот план на креаторите на овие идеи – регионална стабилност.
„Ако интеграциите траат со години и при тоа никој не може да даде ниту приближна оценка кога преговорите би завршиле и наместо интеграции почнуваат да циркулираат вакви предлози чија имплементација сигурно не носи во конфликт, тогаш е логично нашите граѓани да покажуваат интерес и за други опции“, рече претседателот Пендаровски.
Претседателот нагласи дека неколку истражувања на јавното мислење и кај нас и во регионот покажуваат дека опаѓа поддршката за западно ориентираните организации и земји и за првпат по три децении, расте поддршката за некои други регионални организации и поинакви модели на управување.
Тој порача дека како држава мораме да разбереме дека најдобриот начин за одбрана од овие малигни стратегии е засилување на нашите домашни референци, а тоа значи, интензивирање на борбата против организираниот криминал и корупцијата и владеење на правото како врвен приоритет.
„Само со јакнење на демократските стандарди, транспарентноста на институциите и развојот на поинаква политичка култура на толеранција и градење консензус ќе создадеме амбиент во кој позитивното влијание на бенигните надворешни актери ќе се чувствува повеќе“, порача претседателот Пендаровски во обраќањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
30 домови во скопската општина Сарај се под вода по обилните дождови
Повеќе од 30 домови во скопската општина Сарај се поплавени, теренските екипи интензивно интервенираат
Градоначалникот Мухамед Елмази објави дека во кризниот штаб се ангажирани Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, противпожарните единици од Тетово, Противпожарната бригада на Градот Скопје, екипи од Општина Ѓорче Петров, НПК Сарај, како и полициската единица Сарај.
„Искрено им се заблагодаруваме на сите институции и тимови за нивниот професионален, посветен и солиден ангажман во справувањето со оваа ситуација.
За време на состанокот беа дискутирани понатамошните чекори што треба да се преземат за целосно санирање на последиците, поддршка на погодените семејства и превентивни мерки за избегнување слични ситуации во иднина.
Надлежните институции и служби остануваат во целосна готовност и ќе продолжиме да ги информираме граѓаните за сите нови случувања“, објави Елмази.
Македонија
Во изминатите девет часа најмногу дожд во Гевгелија, Штип и Попова Шапка
Во изминатите девет часа, до 16 часот денеска најмногу дожд наврнал во Гевгелија – 23 литри на метар квадратен, потоа Штип – 16, Попова Шапка – 14 и Берово – 12 л/м2, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи – Скопје.
По 10 л/м2 наврнале во Крива Паланка и Виница, 8 во Ѓуриште, 6 во Маврови Анови и Лазарополе, 5 во Крушево, 4 во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Струмица и Пожаране, 3 во Битола, по 2 во Охрид, Велес, Кавадарци и Демир Капија и 1 л/м2 во Прилеп.
Од УХМР информираат дека на повеќе места низ земјава има интеракција на подземните и површинските води и појави на заезерувања од самите врнежи. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар, река Црна и на река Треска. На останатите помали реки се очекува постепена стагнација и намалување на водостојот во вечерните часови.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот и во текот на ноќта на планините во северозападните делови врнежите од дожд ќе преминуваа во врнежи од снег. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Управа за хидрометеоролошки работи, претходно околу 14:00 часот информира дека на хидролошката станица на река Вардар во Балин Дол е регистрирано намалување на водостојот на реката, но тој сеуште останува висок и постои опасност од излевање на реката во гостиварскиот регион, додека во наредните часови водниот бран ќе се движи низводно кон Полошката Котлина и Скопје, каде што се можни локални излевања и заезерувања во Полошката Котлина.
И во Скопје ce очекува висок водостој на реката Вардар, при што е зголемен и водостојот на реката Лепенец.
Поради зголемениот водостој на реките Кадина и Маркова, како и поради водите што не пристигнат од Горен Вардар, од УХМР информираат дека можни се локални заезерувања низводно од Скопје, на потегот околу селата Зелениково, Орешани и Таор.
Водостојот на реката Треска е во пораст и можни се излевања кај селата Пласница и Лисичани. Водостојот на реката Зајашка останува висок, со тенденција за благо намалуване во наредните часови.
Во сливот на реката Црна можни се заезерувања во Демирхисарскиот регион и Пелагониската Котлина.
Македонија
УХМР: Претпазливо движење покрај реките и суводолиците низ земјава
Според податоците од хидролошките станици низ земјава, останува висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот со можност за заезерувања и локални излевања во Полошката Котлина, а регистриран е прилично висок водостој и на река Кумановска и река Треска, во чии сливови се можни локални излевања, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од УХМР, исти така, предупредуваат на претпазливо движење покрај реките и сууводолиците низ земјава.
-Регистриран е прилично висок водостој на река Кумановска и во нејзиниот слив се можни локални излевања на реките и суводолиците. Исто така, на река Треска останува исклучително висок водостојот и во нејзиниот слив се можни локални излевања, а надојдената вода е можно да претставува опасност и по столбовите на дел од Мостовските конструкции – информираат од УХМР.
На останатите водотеци на западот од земјата остануваат високи водостоите но се со тенденција на намалување. На истокот засега има помали зголемувања на водостоите на реките, иако беа забележани локални и изолирани појави на интензивни поројни врнежи во поедини делови.
-До крајот на денот се очекува да остане висок водостојот на река Вардар во горниот дел, а во текот на вечерта и за време на ноќта да има зголемување на водостојот низводно од Скопје (Јурумлери, Орешани, Зелениково, Таор) како и во Велес. Исто така и на река Треска се очекува да остане исклучително висок водостојот до крајот на денот и вечерта – информираат од УХМР.

