Македонија
(Видео) Петрушевски: Како со обична плата до патувања од илјадници евра, Рашковски и Николовски да поднесат оставки
Дали Љупчо т.н. Путерот трошел по илјада евра дневно во Дубаи, а Рашковски по 1.350 евра дневно во Мексико, како со обична плата до патувања од илјадници евра? Како со службеничка плата до милионски одмор, треба да одговорат Љупчо Николовски и Драги Рашковски?, праша пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција.
Тој нагласи дека платите на Николовски и Рашковски се околу 60.000 денари, односно 1.000 евра.
„Доколку се истражи, одмор во Дубаи за 3 дена чини приближно 3.000 евра за двајца со авионски билети. По оваа аналогија, тоа значи дека Николовски, т.н. Путерот, трошел 1.000 евра на ден. Тој, хипотетички, за еден ден ја потрошил целата своја месечна плата, а за три дена – три месечни плати, и тоа под услов да не трошел пари на други работи.
Се поставува прашањето колку пари има Николовски, па да може да одвои 3.000 евра за три дена шетање или илјада евра дневно?! Ако оваа нашата претпоставка не е точна, тогаш го повикуваме јавно да ги објави трошоците за ова патување.
Уште поголема дилема во јавноста фрла луксузниот одмор на Драги Рашковски во Мексико. Одмор во Мексико за 15 дена, според цените што може да се проверат со мало истражување, чини 20.000 евра, со вклучени хотел и авионски превоз. Платата на Рашковски би требало да е околу 60.000 денари, односно 1.000 евра, па, така, за одмор од 20.000 евра, Рашковски ќе треба да работи 2 години, без да јаде нешто во тие 2 години, туку само да штеди за одмор. И тоа само за 15 дена луксузирање, за време на кои ќе троши по 1.350 евра на ден“, изјави Петрушевски.
Тој праша колку пари треба навистина да поседува Рашковски за да си дозволи одмор од 20.000 евра?! Дали Рашковски има други приходи што не ги пријавил во својот анкетен лист и со тоа ги прекршил и законите, додаде Петрушевски.
„Јавноста е особено заинтересирана од каде му се парите за толку луксузен одмор на Рашковски, особено ако се земе предвид дека неговото име се вртеше во неколку афери со милионски криминали, како „’Леонардо’, ‘Сар Хемс’ и ‘Шик Јелак’“, наведе тој.
Петрушевски рече дека ја повикуваат ДКСК да ги испита случаите во врска со луксузните одмори на Николовски и Рашковски, но и надлежните органи, како УФП и ЈО, од чии пари се платени одморите и како се заработени тие пари.
Тој ги повика Рашковски и Љупчо Николовски да поднесат неотповиклива оставка, пред сѐ, како чин на морална одговорност.
„Одмори од над 20 илјади евра не се евтини одмори. Не може врвот на власта да плива во раскош, а народот да нема леб да јаде. Одговорност ќе има“, заклучи Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

