Македонија
(Видео) Попов: Имаме енергија да ја вратиме надежта кај секој еден млад човек
Разликата помеѓу нас и останатите подмладоци во Македонија е тоа што во УМС сме собрани луѓе кои нè обединува една идеја, идеја за просперитетна Македонија, за Македонија во која ќе воспоставиме мерит-систем во кој ќе биде важна само посветеноста и личните компетенции, идеја за модернизација, модернизација која ќе го донесе нашето општество во чекор со општествата од кои сакаме да бидеме дел, модернизација која нема да остане само на хартија како проект во некое од министерствата и да се гледа како можност за криминал и корупција, модернизација која ќе значи брзи и сигурни услуги за граѓаните, идеја за европски систем на вредности, а не желба за фотељи, тендери, корупција и криминал, изјави Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„ Другата разлика е тоа што Унијата на млади сили не ја создава лидерот, туку Унијата на млади сили создава ЛИДЕРИ! Пред малку, зад мене на видеото ги видовте лидерите кои веќе ги создала Унијата на млади сили, а јас ОВДЕ ПРЕД МЕНЕ ГИ ГЛЕДАМ ЛИДЕРИТЕ ШТО ДОПРВА ЌЕ СЕ СОЗДАВААТ И ЌЕ СОЗДАВААТ НОВА ИДНИНА!
Драги млади, можеби не се согласуваме за сè, но сигурен сум дека се согласуваме во желбата и идејата да ја направиме Македонија подобро и поубаво место за живеење, Македонија во која нашето општество нема да биде поларизирано, Македонија во која системот ќе функционира за сите исто, Македонија во која студентите и политичарите ќе живеат подеднакво достоинствено, Македонија во која политиката нема да биде синоним за криминал, Македонија во која спортистите и уметниците ќе бидат поддржани од државата.
Нам ни се потребни промени, премногу време младиот човек и неговите барања и потреби се тема за пред избори на политичкиот естаблишмент, се сеќаваме сите на брдата и долините кои им беа ветени на младите, студентски градови, конкурентни универзитети, младинска гаранција и што уште не, а гледаме дека нашите студенти живеат во студентски домови кои личат на хорор филмови, образование, кое со нивните концепти и експерименти, на секое рангирање тоне сè повеќе.
Последната манипулација што сакаа да ја протнат во јавноста беше субвенционираниот студентски оброк. Пробаа да го скратат бројот на студенти кои можеа да го остварат ова право, па потоа со омилениот студент на Владата, навидум се договараа. Овие театри нема да ви поминат, затоа што се виде вашиот слух и вашата грижа за студентите. За вас поддршката и инвестирањето во студентите и младите се непродуктивни трошоци кои ги рационализирате! ОВА НЕМА ДА ВИ ПОМИНЕ! БОРБАТА ЗА СТУДЕНТСКИ И МЛАДИНСКИ СТАНДАРД НЕМА ДА ЗГАСНЕ!
Унијата на млади сили и јас како нејзин претседател се обврзуваме дека од оваа борба нема да отстапиме, нема да отстапиме ниту милиметар од барањата за подобро утре. Првиот чекор во оваа борба е предизвикување на избори на кои ВМРО-ДПМНЕ И КОАЛИЦИЈАТА УБЕДЛИВО ЌЕ ПОБЕДАТ, А ТРГОВЦИТЕ ВО ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ИСПРАТИМЕ ВО ТЕШКА ОПОЗИЦИЈА. По победата на избори се обврзуваме дека ќе бидеме партнер на младите и мегафон на нивните барања, нема да дозволиме младите повторно да западнат во апатија, нема да дозволиме повторно враќање на статус кво, нема да дозволиме ниту еден млад човек да се почувствува дека е на маргините и дека неговиот глас не е слушнат!“ порача Попов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ТИТАН Усје: Работиме согласно законот, неоснованите обвинувања се тенденциозни и не придонесуваат кон изнаоѓање на одржливи решенија
ТИТАН Усје е одговорна компанија која, во сите сегменти од своето работење, работи согласно домашната регулатива. Kомпанијата ги применува најдобрите достапни практики во производството и применува технологија идентична со најдобрите компании од цементната индустрија во Европската Унија, велат од компанијата.
„Како конструктивен дел на заедницата, ТИТАН Усје целосно ја разбира загриженоста за квалитетот на воздухот во Скопје, но смета дека нападите кон нејзиното работење, кои не се темелат на аргументи и податоци, се некоректни и тенденциозни, и воедно не придонесуваат за изнаоѓање на вистински одржливи решенија за ваквата состојба. Во интерес на вистината би сакале повторно да ги истакнеме фактите дека ТИТАН Усје целосно ја почитува законската регулатива во сите области од своето работење, ги применува светските добри практики во производство на цемент и на јасен и транспарентен начин комуницира со сите засегнати страни. Имено, согласно домашната регулатива, која во овој сегмент е идентична со онаа на Европската унија, ТИТАН Усје како компанија носител на А-интегрирана дозвола, е под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни. Граничните вредности на емисиите утврдени во дозволата која ја поседува ТИТАН Усје се построги од оние пропишани со Законот. И покрај тоа, компанијата, во своето работење, не ги надминува вака дефинираните дозволени гранични вредности. Тоа е овозможено со високоефикасен, комплексен систем на современи филтри кои фабриката ги има инсталирано и задолжително работат секогаш кога работат и производните линии. Покрај тоа компанијата континуирано инвестира во модернизација на технолошките процеси. Имено, во изминатите шест години инвестициите надминаа 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра беа наменети за унапредување на заштитата на животната средина“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека бројките недвосмислено покажуваат дека и кога ТИТАН Усје не работи, амбиенталниот воздух е со истиот квалитет, што, како што се наведува, е јасна потврда за тоа дека компанијата не е причина за состојбите со квалитетот на воздухот во Скопје.
„Сите независни студии укажуваат дека индустријата има помало влијание на квалитетот на амбиенталниот воздух споредено со загревањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено. Како компанија која во целост работи согласно утврдените законски рамки, секогаш ќе настојуваме на почитување на принципите на владеење на правото. Како активен член на заедницата во изминатите 70 години, подготвени сме да помогнеме во сеопфатно решавање на системскиот проблем, со цел да се надминат состојбите со лошиот квалитет на воздухот во градот, што е во интерес на сите нас. Притоа секогаш ќе инсистираме на соработка и дебата базирана на факти и докази, а не на паушални заклучоци и ќе бидеме јасни и прецизни во нашиот став – изворите да се бараат на вистинските места“, велат од комшанијата.
Македонија
МВР алармира: Граѓаните да не отвораат лажни пораки, наводно испратени од „Безбеден град“, и да не споделуваат лични податоци
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека изминатиов период е забележана појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници и пораки на социјалните мрежи.
Лажните пораки наводно пристигнуваат од Оддел за моторни возила како известување од системот „Безбеден град“ и во истите е наведен лажен линк преку кој се пренасочуваат граѓаните да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.
„Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка“, велат од МВР.
СМС известувањата за направен прекршок треба да бидат од испраќач “MVR-SC”. Во текстот задолжително треба да содржи регистарска ознака од возилото кое направило прекршок, и линк од следниот формат “https://safecountry.mvr.gov.mk…”
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.
Македонија
И електронските цигари влегуваат во новиот закон за заштита од пушењето
Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува регулирање на сите никотински производи, вклучувајќи цигари, електронски цигари (со и без никотин), загреани тутунски производи, бездимни никотински производи, како и производи што го имитираат пушењето.
Од Министерството за здравство велат дека целта е да се регулира употребата и на новите никотински производи, имајќи предвид дека тие создаваат чад или аеросол со штетни материи, а според последните истражувања овие производи често полесно создаваат зависност.
Исто така, предвидена е забрана за производство, увоз и продажба на никотински производи со: овошни, слатки, ментол, билни и други вкусови, за кои се смета дека ја олеснуваат првата употреба и ја забрзуваат зависноста.
„Примарна цел на овој сегмент од законот е заштита на здравјето на младото население, за кое најновите истражувања покажуваат дека меѓу учениците на возраст од 13 до 15 години вкупно 9,0% моментално користат електронски цигари, додека 4,9% од учениците моментално користат тутунски производи кои се загреваат, а 10,6% пријавиле дека некогаш ги користеле“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Воедно, предлог-законот за заштита од пушење е усогласен со глобалните јавно-здравствени политики и со насоките на Светската здравствена организација преку рамковната конвенција за контрола на тутунот. Тој воспоставува сеопфатен систем што ги следи клучните принципи на конвенцијата: заштита од изложеност на чад, ограничување на маркетинг, промоција, спречување индустриско влијание преку спонзорства, контрола на достапноста и мерки за превенција и поддршка за откажување.
фото/Depositphotos

