Македонија
(Видео) По години трупање смет, се чисти депонијата на патот кон Езерани
По години трупање смет, утрово, ученици од Преспа и механизација од ЈКП „Пролетер“ почнаа да го чистат ѓубрето од депонијата на патот кон Езерани во близина на Преспанското Езеро во акција со мото „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, организирана од Институтот за комуникациски студии.
Околу Преспа досега се мапирани над 30 диви депонии, кои веќе се ставени на листа за чистење.
Градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, најави дека заедно со чистењето на депониите на домаќинствата бесплатно ќе им поделат канти за селектирање на отпадот, а ќе работат и на подигање на свеста кај населението за фрлањето ѓубре.

„Влегуваме во чистење 30 вакви локации, но и на подигање на јавната свест за селектирање на отпадот, компостирање и сл. Да ги замолам граѓаните да престанат да фрлаат ѓубре, депонијата бесплатно може да ја користат“, рече градоначалникот Тозиевски.
Со проектот организиран од Институтот за почеток ќе бидат исчистени осум диви депонии.

Од Институтот велат дека целта им е да иницираат промени.
„Истражувањата покажуваат дека главните извори на загадување се ниската еколошка свест, недоволната опременост и неефикасното собирање на отпадот. Со оваа кампања сакаме да иницираме промена во секојдневните навики на граѓаните и да ги мотивираме да станат дел од решението“, нагласи Дејан Андонов од ИКС.
Ист е и ставот на ЈКП „Пролетер“, од каде што неодамна со европски пари го засилиле возниот парк.

„Преку партнерство со граѓаните ќе настојуваме да дојдеме до трајно решение за отпадот. Досега ситуацијата ни беше лоша со опременоста со возила, но преку проектот ‘ЕУ за Преспа’ добивме камиони за собирање смет и ќе почнеме да го собираме онаму каде што до сега не се собираше“, рече директорот ЈКП „Пролетер“, Марчел Русу.
Акцијата за чистење е поддржана од „Екогерила Преспа“, од каде што сметаат дека главен проблем за трупањето отпад на недозволени места е ниската свест кај жителите.
Градоначалникот Тозивски рече дека ќе настојуваат со облагодарување на локациите, кои се претворени во депонии, ќе настојуваат да им укажат на жителите дека тоа не се места за фрлање ѓубре оти за казнување немаат капацитет со тројцата инспектори што ги имаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево време, утрински температури до -10 степени
Времето утре ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.
Македонија
УЈП најави привремен прекин на електронските услуги од 16 часот
Управата за јавни приходи ја известува јавноста дека денеска, 30.12.2025 година, со почеток од 16:00 часот, ќе има привремен прекин во функционирањето на електронските услуги кои Управата (УЈП) ги нуди кон даночните обврзници.
Се очекува прекинот да трае до доцните попладневни часови, по што услугите повторно ќе бидат достапни.
Управата за јавни приходи ги замолува даночните обврзници за разбирање.
Македонија
Владата го усвои предлог Законот за јавно обвинителство
Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
„Донесувањето на овој закон претставува значаен исчекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како столб на правниот систем и гарант за заштита на јавниот интерес. Законот е резултат на сеопфатен процес на анализа, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики“, се наведува во соопштението од Владата.
Од таму појаснуваат дека со новото законско решение се воведуваат измени во постапката за избор на Јавен обвинител на Република Северна Македонија, со јасно дефинирани критериуми и механизми кои обезбедуваат транспарентен, инклузивен и мерит-системски пристап при изборот на најквалитетните кандидати. Во законот се вградени релевантните препораки, со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и заснован исклучиво на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Дополнително, законот предвидува прецизни и обврзувачки рокови за постапките за избор, унапредување и се воведува принцип на категоризација на дисциплинска одговорност на јавните обвинители, што придонесува за поголема правна сигурност, предвидливост и функционалност на системот, а воедно и поголема одговорност на самите јавни обвинители. На овој начин се зајакнува довербата на граѓаните во институциите и се воспоставува појасна одговорност во работењето на обвинителството.
„Владата останува цврсто посветена на реформите во правосудството како приоритет од највисок јавен интерес и како неопходен предуслов за напредокот на државата на европскиот пат. Усвојувањето на Законот за јавно обвинителство е конкретен доказ за определбата да се градат силни, независни и професионални институции, во служба на граѓаните и владеењето на правото“, се наведува во соопштението.

