Македонија
(Видео) Пресечен меѓународен канал за транспорт на дрога вредна околу 300.000 евра
Во текот на вчерашниот ден (31.5.2022) во Pрилепско, Министерството за внатрешни работи, поточно полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и СВР Битола – ОВР Прилеп, реализираа акција за сузбивање недозволена трговија со дрога, во која беше пресечен меѓународен канал за транспорт на дрога од Албанија, преку нашата земја, со крајна цел – Република Грција, а беа запленети околу 86 кг марихуана во вредност од околу 300.000 евра и од слобода е лишено едно лице.
Во утринските часови на регионалниот пат Битола-Прилеп, на влезот во Прилеп, од страна на полициски службеници од сообраќајна полиција била дадена наредба за запирање на патничко возило „ауди А4“ со охридски регистарски ознаки, но возилото не сопрело, туку забрзало, оштетувајќи две службени возила на МВР и загрозувајќи ја безбедноста на полициските службеници кои извршувале службени дејства.
Набрзо, на излезот од Прилеп возилото било пронајдено, а А.Г.(23) од Охрид, кој го управувал возилото, бил лишен од слобода во моментот додека од возилото исфрлал четири торби покрај патот. Од извршениот увид, во присуство на Јавен обвинител од ОЈО Прилеп, во торбите покрај возилото биле пронајдени повеќе пакувања со марихуана, кои се подигнати и предадени на вештачење. Воедно, при претрес извршен со судска наредба во домот на А.Г. во Охрид, биле пронајдени 17 куршуми со различен калибар, соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.

Од страна на ОВР Прилеп во текот на денешниот ден против А.Г. ќе биде поднесена кривична пријава за сторени кривични дела по чл.215 за „недозволено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, по чл.383 за „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и по чл.396 за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, сите според Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

