Македонија
(Видео) Протест во Визбегово против групниот дом за деца
Група жители од населбата Визбегово излегоа на протест во близина на дисперзираниот дом за деца со воспитно социјални проблеми и упатија порака до надлежните дека треба да се дислоцира центарот, затоа што според нив не им било местото на овие деца тука. Тврдеа дека децата од домот не биле згрижени како што треба, излегувале во доцните ноќни часови, тропале по куќи и барале цигари, а биле изложени на опаснот и поради фактот што во близина има камп за бегалци.
„Јас лично сум имал средба со две деца од нив и сум ги бркал од мојот двор и тоа доцна навечер. Едното од нив е подисциплинирано, но другите две излегуваат и бараат цигари по куќи. Тоа ли е таа грижа што им ја пружа институцијата. Знаете каква е младината не можеме да се справиме со нашите, а не со овие. Од друга страна, наместо да направат школо, игралиште со клупи за 40 деца колку што ги има во населбата тие фрлаат пари за некакви си домови, кои немаат никаква функција. И ги знаеме тие нивни ветувања, денес се три, утре пет, за кратко време ќе ни донесат десет вакви деца. Ни носат проблем во наслебата, затоа што некој има интерес од тоа“, рече Владо Петковски, жител на Визбегово.
Прашани дали биле сведоци на некаков судир на децата од домот со бегалците или други лица, жителите велат дека не биле полицајци и дека нивните укажувања биле превентивни.
„Ние не сакаме да изигруваме полицајци, ние едноставно посочуваме дека ризици за немили настани постојат. Затоа и денеска излеговме да го упатиме оваа протестно писмо како превентивна мерка“, рече Бардул Марку, истотака жител на Визбегово.
Иако тврдеа дека не се против децата со нарушено поведение, сепак жителите велат дека требало да се дислоцира овој дом. Револтирани се како што велат и затоа што не биле прашани од инститиуцијата за тоа домот да биде сместен тука.
„Ние дознавме од медиумите дека носат деца тука. Оваа е нова населба која се гради, никој од нас кои престојуваме тука или имаме имоти не сме прашани дали сме за или против. Бараме да се најде соодветно место за нив, друга локација каде што ќе може да престојуваат , затоа што ова е урбана средина“, додава Марку.
Жителите најавија дека ова бил предупредувачки протест, ако не се изнашло решение за нивниот проблем, следниот пат ќе протестираат пред пред Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, кои стојат зад проектот мали диспрерзирани домови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски денес пак ќе отвора нова градинка
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Сопиште ќе присуствува на отворање на градинка во која има ќе има можност за згрижување на 84 дечиња.
Градинката „Сонце“, како што информира владината прес-служба, се наоѓа на локација која одговара за жителите од Долно и Горно Соње, Добри Дол и Ракотинци.
Во неа се предвидени јасли за згрижување на дечиња до двегодишна возраст, како и две хетерогени групи за дечиња од две до четиригодишна возраст и група за дечиња од четири до шестодишна возраст.
– Објектот е со вкупна нето квадратура од 362 м2 поделена во три занимални, дел за манифестации, административен дел, како и помошно технички дел. Средствата за изградба на оваа детска градинка се обезбедни од Владата преку Министерството за социјална политика, демографија и млади во висина од 21.000.000,00 денари, информира владината прес-служба.
Премиерот и вчера ја отвораше детската градинка „Кокичиња“ во село Таринци, Општина Карбинци. Станува збор за објект во кој ќе се сместат допонително уште 50 дечиња, со што капацитетот на целата детка градинка ќе биде двојно зголемен на 100 деца.
Македонија
Над 16.000 сообраќајки за четири години во државава
Со повеќе од 17.000 сообраќајни незгоди и над 27.000 настрадани лица за четири години, државната статистика покажува дека Македонија има континуиран раст на опасности во сообраќајот. Во овој контекст, стартува и најобемниот систем за автоматска контрола на сообраќајот – „Безбеден град“, кој уште во тест-периодот регистрира десетици илјади прекршоци дневно, отворајќи прашање дали напредната технологија може да го прекине растечкиот циклус на сообраќајни незгоди.
Бројот на сообраќајни незгоди, согласно податоците од Државниот завод за статистика, кој во 2021 година изнесувал 4.069, во 2022 година благо се намалил на 3.952. Но, наместо да продолжи надолниот тренд, веќе следната година бројката повторно расте до 4.274, а во 2024 достигнува 4.526 незгоди.
Паралелно со растот на несреќите, расте и бројот на настраданите лица. По значителното намалување во 2022 година, кога биле регистрирани 6.420 настрадани, повторно следува пораст – 7.105 во 2023 и 7.298 во 2024 година. Споредено со најниската точка во 2022 година, се работи за зголемување од речиси 900 лица во рок од само две години.
Особено алармантен е растот на бројот на загинати. Додека во 2021 година загинале 116 лица, во 2022 бројката се зголемува на 124, во 2023 достигнува 127, а во 2024 година бележи највисока вредност – 142 жртви.
Најголем дел од загинатите во 2024 се возачи, вкупно 85, а следуваат 33 патници и 24 пешаци. Иако бројот на загинати пешаци бележи благо намалување, загубите на живот меѓу возачите се највисоки во последните четири години.
Раст бележат и повредите. Потешко и полесно повредените лица, кои во 2021 година биле 6.659, во 2022 година се намалуваат на 6.296, но веќе во 2023 се зголемуваат на 6.978, а во 2024 достигнуваат 7.156 повредени.
Сумирано, последните две години покажуваат континуиран и јасен раст и на бројот на несреќи, бројот на повредени и бројот на загинати.
Истовремено, државата го стартува најкомплексниот систем за автоматска сообраќајна контрола – „Безбеден град“. Системот подразбира мрежа стационарни и мобилни камери, радари, интеграција со бази на податоци и автоматско креирање записници. Прекршоците (недозволена брзина, минување на црвено, нерегистрирани возила, непрописно паркирање) се документираат дигитално, а известувањата и платните налози ќе се испраќаат електронски, со попуст при навремено плаќање.
Пробниот период на системот „Безбеден град“ стартуваше на 1 декември 2025 при што според информациите од Министерството за внатрешни работи, во првиот тест период за 24 часа регистрирал 110 илјади прекршоци, додека, наредниот ден на 2 декември регистрирани се вкупно 50.652 прекршоци, што претставува преполовување на бројот на регистрирани прекршоци. Од нив 48.861 се прекршоци за брзина, 1.366 за црвено светло и 425 за нерегистрирани возила.
Македонија
Утринските температури во цела држава над нула
Минималните температури денеска се над нулата во цела држава. Најладно е во Гевгелија каде утрово се измерени два степена, а најтопло во Битола каде утринската температура е 12 степени.
За денеска синоптичарите најавуваат променливо облачно време со повремен локален дожд и наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17 степени.

