Македонија
(Видео) Рамбабова: Мерките се неопходни за заштита, Мицкоски да повика на вакцинација а не да поткопува

Растечкиот број случаи на новозаразени од коронавирусот повикува на одговорност и разум од секој поединец, од целото општество, изјави на денешната прес-конференција пратеничката од СДСМ, Емилија Рамбабова.
Таа оценува дека исклучително е важно што повеќе граѓани да се вакцинираат во овој период и да не наседнуваат на лажни информации.
Вакцините, рече Рамбабова, докажано штитат од тешки форми на болеста Ковид-19, од секој сој и се најефикасната алатка за справување со пандемијата.
„Едноставно кажано, повеќе вакцинирани, значи помалку хоспитализирани и помалку рестрикции. Дезинформациските кампањи и теории на заговор пласирани од разни центри, кои ги одвраќаат луѓето од имунизацијата и сеат недоверба кон медицината и науката, се на штета на здравјето на граѓаните. Затоа, да бидеме разумни, да бидеме одговорни кон себе и кон другите и да го дадеме својот мал, но значаен придонес во оваа борба која е заедничка за целиот свет“, рече пратеничката од СДСМ.
Новите рестриктивни мерки кои се најавени, според неа, мора да стапат на сила пред состојбата дополнително да се влоши. Истовремено, нагласи дека сите граѓани треба да бидат внимателни и да ги почитуваат мерките за лична заштита.
„Јавното здравје и колективната заштита се приоритет, а мерките кои се донесени се исклучиво во таа насока. Затоа и многу други држави ги применуваат. Тие не го ‘делат народот’, како што неодговорно вели Христијан Мицкоски, туку се нужни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем. Сè додека седи на страна, сè додека го гледаме по кафани и вежбалници и ја игнорира маката на народот, Мицкоски останува политички и здравствен пироман“, потенцира таа.
Додаде дека и Мицкоски треба да излезе и да ги повика граѓаните да се вакцинираат, да ги почитуваат мерките, наместо како што рече да го поткопува здравствениот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Инспекцијата за животна средина на Град Скопје при вонреден надзор во општина Сарај затече запалена дива депонија

„Денес инспекцијата за животна средина на Град Скопје при вонреден инспекциски надзор во Општина Сарај затече запалена дива депонија составена од опасен отпад и градежен шут“, извести Град Скопје.
Локализиран е пожарот по брзата интервенција од страна на Противпожарната бригада на Град Скопје, а дополнително затечени се палења на стрништа во Крушопек и Лака, а сторителите се санкционирани. Во изминатата недела инспекторите за животна средина и комуналните инспектори на град Скопје имаат изречено казни на над 100 сторители“, велат од Град Скопје.
Македонија
Вонреден инспекциски надзор на реонот Смилковско Езеро, затекнати три лица кои согорувале отпад

Денес инспекцијата за животна средина на Град Скопје, изврши вонреден инспекциски надзор на реонот Смилковско Езеро, каде затече три лица со живеалиште во општина Бутел, како на дива депонија која сами ја направиле согоруваат отпад со што се загрозува животната средина и здравјето на граѓаните. Во изминатата недела инспекторите за животна средина на град Скопје и комуналните инспектори имаат изречено казни на над 100 сторители, извести Град Скопје.
„Нашите инспектори продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина. Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот. Континуирано поднесуваме кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад.
На територијата на Скопје покрај Инспекторатот на Град Скопје, има уште вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните. Досега единствено градот Скопје реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска“, соопшти Град Скопје.
Македонија
На средба со жителите на Чаир, градоначалникот Висар Ганиу ги претстави проектите што ќе се реализираат оваа година

На средба со жителите на Старо Чаир, градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, ги претстави проектите што ќе се реализираат оваа година за подобрување на инфраструктурата и создавање подобри услови за заедницата. Сите проекти се подготвени со техничка документација и имаат обезбедени дозволи за градба, велат од општината.
Главните проекти вклучуваат:
• Реконструкција на улицата „Парашкеви Кирјази“ во должина од 354.26 метри.
• Реконструкција на улицата „Дервиш Хима“ и сите споредни улици во должина од 687.77 метри.
• Реконструкција на улицата „Емин Дураку“ и паркингот во должина од 383.12 метри.
• Реконструкција на улицата „Струмичка“ и двете споредни улици во должина од 523.51 метри.
„Вкупната вредност на овие проекти изнесува 28.6 милиони денари (465,240 евра) и ќе биде финансирана од Владата на Република Северна Македонија во рамките на проектот „250 милиони евра за општините“.
Исто така, во завршна фаза е подготовката на техничката документација за целосна реконструкција на Паркот во Чаир, додека општината од својот буџет ќе реализира реконструкција на пешачките патеки и поставување на детски игралишта.
Реконструкцијата на салата „Партизан“ веќе започна, а дополнително ќе продолжи и проектот за реконструкција на фудбалското игралиште на стадионот во Чаир, со цел да се создадат подобри услови за развој на спортските активности во оваа зона“, соопштуваат од општина Чаир.