Македонија
(Видео) Родителите на убиените деца кај Смилковци: Заев да ја каже вистината за „Монструм“
И по седум години, молк, тага и солзи на лицата на родителите и роднините кои ги загубија своите најблиски во свирепото убиство кај Смилковското Езеро. На местото каде што се убиени запалија свеќи и се помолија за мир и спокој на четирите момчиња од Радишани, кои на кобниот Велики четврток ловеле риба крај езерото. Родителите на децата не можеа да го скријат револтот бидејќи за случајот сè уште нема судска разрешница. Таткото на Александар, Горан Наќевски, му порача на премиерот Зоран Заев да се појави во судот, да не ја крие вистината, туку да ја каже, како што им ветувал пред изборите.
„Целата јавност знае дека ни ветуваше, велеше дека има докази во бомбите за нашите деца, споменуваше странски служби, сè и сешто. Сега кога дојде на власт заборави, оглуве и онеме. Ветуваше дека ќе ги каже петтемина функционери на ДУИ, му поверувавме. Нè излажа. Ние ќе бараме да се појави на суд и да каже што знае, ако не сака, ќе бараме и стражарно да биде приведен и да сведочи. Ако судот може да вика сведоци по допрен глас, зошто па тој да не дојде, кога самиот тврдеше дека ја има бомбата за Смилковско Езеро“, изјави Наќевски.
Семејствата на трагично загинатите момчиња велат дека ја изгубиле вербата во судството и дека единствена надеж гледаат во специјалното јавно обвинителство кое го презеде случајот „Монструм“.

„Уморни сме седум години барајќи одговори кој и зошто на ова место ги уби нашите деца”, рече Раде Славковски.
„Знаеме дека има бомба во која се споменуваат децата од Радишани. Но, што се зборува во неа, не знаеме. Дали е навистина така, ќе треба да почекаме. Иако, трпението ни е при крај, нема да се откажеме. Светла точка ни е СЈО, но ако бомбите не важат како докази, како што слушаме по медиумите, тогаш не знам што да кажам. Единствено дека нема држава, нема власт”, рече Раде Славковски, татко на Филип.
Порачаа до премиерот Заев да ја закаже владината седница на која треба да се расправа за случајот, но и средба со косовските власти за екстрадиција на двајцата обвинити Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство.
Инаку, петкратното убиство кај Смилковско Езеро честопати тогашните опозициски функционери, меѓу кои и лидерот, сега премиер Зоран Заев го третираа како политичко монтиран случај. Тврдеше дека има докази во бомбите, за случајот „Монструм“ , чие судење се врати од почеток, откако предметот го презеде специјалното јавно обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

