Македонија
(Видео) Скапотијата го изеде 8 Март, продавачите разочарани и со поплаки
Колабира продажбата на цвеќиња на цветните пазари во Скопје. Ретко кој од продавачите беше расположен да зборува пред камера, а уште помалку од нив се задоволни од бројот на потрошувачи. Заедничко на сите им е тврдењето дека не ги зголемиле цените по кои ги продаваат цвеќињата иако ги набавуваат по повисоки цени.
„Оваа година многу слабо. Доста купуваат за овој ден. Цените се исти, како и минатата година“, вели продавачка на Цветниот пазар.
На друга тезга на истиот пазар имаше задоволни продавачи.
„Не цел ден работиме овде. Потрошувачката оди добро, супер. Цените се исти секогаш, не се покачуваат за празниците. Барем за нас тука, за другите не знам“, вели продавач.
Атмосфера дека е 8 Март немаше ниту на Зелениот пазар во Скопје, кој изминативе години беше преплавен од потрошувачи. И тука оние што сакаа да зборуваат пред камера се жалеа на слабата потрошувачка.
„Послабо е од минатата година. Сè е поради скапотијата. Скапо е. Што и да земеш, сè е изгор. Зголемени се цените, а ние ги продаваме по иста цена како и лани“, вели продавач.
На двете места трговците коментираа дека нема празнична атмосфера.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.
Македонија
По 8.000 денари за секое бебе во општина Аеродром
Секое семејство со живеалиште во Општина Аеродром кое во текот на 2026 година добило новороденче или посвоило дете до една година, ќе добие еднократна парична помош во износ од 8.000 денари.
-Оваа мерка е наменета како практична поддршка за семејствата, особено во првите месеци од грижата за детето. Општина Аеродром останува посветена на семејствата и на децата, со љубов и внимание кон најмалите, создавајќи средина каде што тие можат да растат среќни, сигурни и поддржани, соопшти Општина Аеродром.
Македонија
Нека е со среќа, нека е аирлија, порача Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“
Во Тетово денеска беше пуштена во употреба реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ .
На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски кој изрази задоволство што за само неколку месеци со, како што рече, силна и посветена работа, е завршена реконструкцијата на гимназијата.

– Тоа што тогаш можеби делуваше невозможно, денеска е возможно, реално. Сакам да се заблагодарам на градоначалникот, на советниците од Општина Тетово коишто го поддржаа овој проект, да се заблагодарам на Министерството за образование, на сите оние коишто се добронамерници за Тетово и тетовци и што изминатиов период се дел, би рекол, од многуте проекти коишто се реализираат во Општина Тетово, изјави Мицкоски.
На учениците и на наставниците од училиштето тој им посака успеси во работата односно во учењето и, рече, „уште многу успешни тетовчани да произлезат од клупите на ова училиште“.

– Нека е со среќа, нека е аирлија и да ни се множат уште многу вакви успешни проекти, додаде премиерот.

