Македонија
(Видео) Сопрено уништувањето на Водно за гасоводот, работно тело ќе го преиспитува случајот
Владата, Акционерското друштво „Македонски енергетски ресурси“ (МЕР) и Град Скопје ќе го преиспитуваат последното уништување на зеленилото на Водно поради изградба на гасоводот. Од Град Скопје велат дека градежната механизација ангажирана од МЕР се искачила на Водно без најава и без одобрение отстранила дел од зеленилото. Градежните работи се стопирани.
„Градот Скопје не е поврзан со градежните активности што во изминатите денови беа забележани на сртот на планината Водно. Сакаме да нагласиме дека Град Скопје не беше запознаен со почетокот на градежните активности на посочената локација и апсолутно се спротивставува на уништувањето на зеленилото. По добивањето на информациите, Град Скопје веднаш реагира. Според процените, направена е минимална штета и во моментот градежните активности се целосно стопирани. Град Скопје, Владата на Република Македонија и МЕР ќе формираат работна група со цел надминување на ова недоразбирање и заедничко одлучување за натамошните чекори“, велат од Град Скопје.
Во вторникот минатата недела, в зори, четири багери се искачиле на Водно на местото кое шумарите го знаат како Бел Камен, над селото Чифлик, и почнале да го рамнат теренот. Уништено зеленило има по целиот пат што води до Бел Камен, каде што поминале багерите, а на местото каде што почнала подготовката на теренот за гасоводот, пак, откорнати се неколку борови. Израмнет е простор со должина од речиси 200 метри и ширина од 25 метри.
За изградба на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар е ангажирано друштвото „Рапид билд“ ДОО Куманово. Според објавата на Бирото за јавни набавки, оваа фирма треба за 28 милиони евра да ја изгради делницата од Скопје до Гостивар. Договорот со оваа фирма бил склучен во октомври 2010 година, но од МЕР не одговорија на прашањата дали механизацијата на Водно е на оваа градежна компанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

