Македонија
(Видео) Стаменковска: Одвојување на партијата од државата веднаш или датум нема да ни дадат ни во Унијата на Западен Балкан
Власта е во очај и безнадежност и ризикува да ја прокоцка европската перспектива иако беше предупредена од нашите пријатели од ЕУ дека претстојните избори мора да бидат фер и демократски, изјави Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Загрижени за состојбата во која нè внесува власта во Македонија, ви укажуваме на следното:
– владата и министрите не смеат да користат државни ресурси за организирање партиски трибини;
– владата и функционерите не смеат да ѝ вршат притисок на администрацијата со закани и уцени со спроведување дисциплински постапки и распоредувања;
– владата и функционерите мора да запрат со поткупот на гласачи преку вработувања во администрацијата;
– владата и функционерите мора да запрат со злоупотреба на институциите за партиски цели.
Одвојувањето на партијата од државата мора веднаш да почне, во спротивно контаминиран е целиот процес, кој не трпи импровизации. Доколку вака продолжите, нема датум да ни дадат ни во Унијата на Западен Балкан!
Од денес почнуваме со прес-конференции пред зградата на Делегацијата на Европската Унија. Нашата цел е да ги информираме нашите пријатели од Европската Унија за поткупот што се спроведува од страна на власта со вработувањата во државната и јавната администрација, како и уцените и заканите што се спроведуваат врз административните службеници.
Имено, секој ден ќе ги информираме амбасадите за злоупотребите и поткупот од страна на власта за да се вразумат и да запрат со тоа и да не ја загрозуваат европската перспектива на Македонија. Демократска држава, демократските избори и демократскиот изборен процес не почнува од денот на изгласување техничка влада или од денот на официјалниот почеток на кампањата. На 20 октомври се договорија предвремени парламентарни избори, кои требаше да значат дополнително внимание при практикувањето на власта. Наместо внимание и европски вредности, ние сме сведоци на вандалско и расипничко искористување на буџетските пари за партиски цели, брутално кршење на работничките права и поткуп на гласачи преку вработување во администрацијата.
Во прилог на ова ви укажуваме:
– од 20.10.2019 година до денес објавени се над 1.200 јавни огласи за вработување за над 2.200 извршители во институции, на определено и неопределено работно време;
– почнати се стотици дисциплински постапки и изречени се десетици казни за вработени во државната и јавната администрација. Исто толку вработени во државната и јавната администрација се распоредени на работни места надвор од местото на живеење;
– секојдневно сме сведоци на злоупотреби на службената должност и овластувањата, на лаги и нереални ветувања. Се предлагаат закони по итна постапка и се расфрлаат со државните субвенции и државната помош за да регрутираат нови гласачи. Извршната и законодавната власт целосно е насочена кон испумпување на државните пари за партиски цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

