Македонија
(Видео) Стаменкоска-Трајкоска: Проблеми при уписите во средното образование, децата не знаат дали се примени во училиштата
Пратеничката Бети Стаменкоска-Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта за проблеми во системот за електронско пријавување за упис во средно училиште.
„Деновиве актуелни се уписите во средните училишта. Владата и Министерството за образование и наука помпезно најавуваа значително олеснување на овој процес по електронски пат и, како што велеа, поголема транспарентност и елиминирање на влијанието на човечкиот фактор во рамките на уписите. За жал, се случи катастрофа. Системот за електронско пријавување падна пред да почне аплицирањето. Потоа беше во функција одвреме-навреме, па многумина успеаја да поднесат електронска апликација по многу часови поминати во обидување.
Уште пострашно е што сега цела генерација деветоодделенци и нивните семејства сè уште се во неизвесност. Резултатите што требаше да бидат објавени, како што најави и самиот министер за образование и наука, на 18 јуни, сè уште не се објавени. Децата не знаат дали се примени во училиштата во кои аплицирале, а веќе утре во согласност со информациите во конкурсот, треба да почне новото пријавување“, изјави Стаменкоска-Трајкоска.
Таа праша дали поради ова доцнење, многу ученици ќе бидат оштетени.
„Зошто резултатите доцнат и дали наместо да биде елиминиран човечкиот фактор, всушност резултатите се фингираат во нечии канцеларии, што со оваа Влада е многу веројатно? Кога јавноста ќе дознае во кои училишта се преостанати слободни места ако веќе од утре почнува второто пријавување? Ако оваа Влада не е способна да спроведе рутински процес, уписи во средно образование, кои никогаш во минатото не претставувале проблем, се поставува прашањето дали може да ја промени катастрофалната состојба во образованието, која неспособните кадри на коалицијата на власт сами ја создадоа и ни предизвикаа огромни срамови во меѓународната јавност?
Одговорот е јасен. Ниту размислуваат ниту имаат капацитет за поквалитетен образовен систем. За 5 години, се сменија 4 министри и секој си тераше своја политика и свои интереси. Ниту план, ниту долгорочна стратегија ниту континуитет. Затоа денес образованието е каша попара, а институциите не може да им гарантираат на граѓаните ниту остварување на основните уставно загарантирани права“, додаде таа.
Стаменкоска-Трајкоска истакна дека нема учебници, ниту свидетелства, дека училиштата должат за струја, за парно, за вода. Наставниците протестираат за повисоки права, плати и подостојни услови за работа, дека паѓа рејтингот на високообразовните установи. Научниците немаат поддршка за проекти и истражувања.
„Ова е премногу! Време е за промени и тоа граѓаните го побараа во саботата. Заедно ќе ставиме крај на оваа неспособност и по изборот на нова влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе следува вистинско реформирање на образовниот систем“, порача таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поднесено обвинение за злоупотреби и измами со набавките во РЕК Битола, обвинети се директори и раководители
По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице за злоупотреби поврзани со постапки за јавни набавки во РЕК Битола.
Во текот на 2023 година, петмина од обвинетите, како службени лица – директори и раководители на подружници во РЕК Битола, вклучувајќи го и директорот на комбинатот, вршеле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Тие заедно не ја извршиле својата службена должност за законито и совесно постапување и ги повредиле начелата на економичност, ефикасност, ефективност, сразмерност и конкурентност предвидени во Законот за јавни набавки.
Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка за јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот “Осломеј” во рудниците на РЕК Битола, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК. Имено, поради неправилната форма на површинскиот коп и поради малиот век на експлоатација (околу 14 години) во рудникот Живојно не е предвидена примена на методата за откопување со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти) какви што биле дислоцираните погонски станици од Осломеј.
Обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка, а минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи само едно правно лице. Со тоа и овозможиле на обвинетата компанија да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 90.000.000 денари без ДДВ (106.200.000 денари со вклучен ДДВ).
Првообвинетиот сопственик на фирмата, двајца вработени и правното лице се товарат за кривично дело – Злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство од член 275-в, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола. Незавршената обврска ја наплаќале врз основа на невистинитата документација со што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од големи размери. Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК Битола, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК Битола да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело – Измама во службата од член 355 став 3 од Кривичниот законик.
Со обвинението, јавниот обвинител предложи да биде одземен износот од околу 1,7 милиони евра со ДДВ кои и биле исплатени на компанијата како резултат на сторените кривични дела.
За таа цел, обвинителството во текот на постапката, користејќи и инструменти на меѓународна правна помош, лоцираше и обезбеди 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, 3 златни монети и 1 златна плочка од банкарски сеф во Белград, сопственост на првообвинетиот, како и над 500.000 евра на сметки во домашни банки. Дополнително, замрзнати се и 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година од фирма во Србија во сопственост на првообвинетиот, кои исто така можат да бидат предмет на конфискација.
Сознанијата на истрагата се дека обвинетиот поседува две компании во Србија, од кои едната основана на крајот на 2024 година, но и дека согласно анализираното движење на паричните средства има јасна тенденција тој да ги префрла парите со кои располага кон тие компании. Исто така, обвинителството го ценеше фактот дека обвинетиот одржува блиски врски и со други држави каде би можел да има парични средства, што го прави сериозен ризикот од бегство, па јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за овој обвинет со цел негово обезбедување во текот на судската постапка.
Македонија
Променливо облачно време со температура до 6 степени
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во западните делови ќе има слаб локален дожд, а на планините снег.
Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -14 до -6, а максималната ќе биде од интервал од -4 до 6 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди и студено со умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Под влијание на циклонска активност од сабота ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и некои од повисоките населени места од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Министерството за здравство ги разгледува можностите и капацитетите за поддршка на Швајцарија за згрижување на повредените од трагичниот пожар
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана, соопштија од таму.
„Во таа насока, Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
Воедно, Министерството за здравство изразува искрено сочувство до семејствата на настраданите и најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан“.
фото/епа

