Македонија
(Видео) Стоилковски: Доверливи информации се изнесени од безбедносната служба за да се уценува познат бизнисмен
И повторно медиумите и социјалните мрежи вријат со нов скандал поврзан со рекетарскиот октопод. Според објавеното доверливи информации од безбедносна служба незаконски биле изнесувани за со нив да се уценува познат бизнисмен, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Ова е скандалозно! Дали на тие информации и фотографии имало незаконски дејствија не знаеме, но самиот факт што тие не се процесуирани, туку се предадени на рекет – октоподот, говори дека Заев ги има ставено сите институции во функција на лично богатење и политички притисоци.
Според она што се пренесува во медиумите, пишува дека се злоупотребени информации кои што поврзуваат извесни активности на познат бизнисмен со малолетнички и дека тие информации се изнесени од безбедносни служби, само и само во насока да биде изрекетиран бизнисменот, кој што бил уловен во такви информации доколку се точни информациите меѓутоа тоа мора да го каже Русковска, тоа мора да го каже обвинителството.
Доколку на Вилма Русковска ѝ требаа скоро четири месеци за да отвори истрага за „Рекет“ преку СЈО, колку ќе ѝ требаат за да истражи дали постоеле незаконски дејствија со малолетнички и дали тие се прикриени само со исплата на огромни суми пари?
Кои се блиските соработници на Заев што имале допир со доверливи материјали во поранешната УБК, а кои што се неговите функционери кои се материјали можеле да му ги достават на Боки 13?
Досегашното искуство вели дека нема зошто да не се верува дека во телефонот на Боки Тредичи пишува „Многу си го обрал друже“. И дека таа порака не е од главата на октоподот!
Русковска, постои ли таква порака, од кого е и во кој период е испратена? Ако постои како порака дали е тоа испратена од Зоран Заев?
Јовески, Русковска и правосудниот систем ја навредуваат интелигенцијата на јавноста со своето неделување и селективност во расчистувањето на „Рекет“! Месеци минаа додека не почна постапка против Боки Тредичи и Зоран Кичеец. Месеци минаа, а да не беа и оние истекувања низ странските медиуми со гласот на Катица и таа се уште ќе шеташе по одмори или медицински установи! Правосудството во пупката на Заев игра само на една карта – како да го заштити октоподот и неговата глава?
Скандалозно е однесувањето на Обвинителството, скандалозно е однесувањето на судот, скандалозни се одлуките кои што се носат, скандалозни се изјавите на Заев во обид на амнестија на Јанева дека можеби таа и не земала пари. Преземањето мерки за „Рекет“ не е само услов за ЕУ, „Рекет“ е услов за мир и правда во земјата и стабилизирање на колапсот на економијата.
Истрагата што се води е целосно компромитирана. Наместо да се затвораат дилеми и шпекулации, секојдневно излегуваат нови детали за прикривање на докази. Одговорност за ваквото поигрување со правдата и законите мора да има и ќе има. По поразот кој што го чека на изборите целосно ќе биде расветлена улогата на Заев во рекетот и на сите негови функционери“ порача Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.

