Македонија
(Видео) Стоилковски: Железничкиот сообраќај е во тотален колапс
„Го видовте Зоран Заев и неговите ветувања. Вели во првите две години комплетно ќе го обновел и развиел железничкиот сообраќај, па ветува пруги, линии, возови, транспорт до секое село, исто како со 600-те км автопати, така поминува и ова ветување. Поминаа повеќе од две години владеење на Зоран Заев, а железничкиот сообраќај во државата за жал е во тотален колапс”, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, железничкиот превоз е небезбеден. Наместо ветените посигурен и побрз железнички транспорт, за жал, зголемен е бројот на железнички несреќи. „Сè почести се незгодите на патните премини, сè почести се исклизнувањата на локомотивите и на вагоните од пругите. Вчера се случи една од досега најголемите железнички несреќи во нашата држава, во која, за голема среќа, немаше жртви, но се предизвика огромна материјална штета. Се поставува прашањето што ако на местото на товарниот воз беше патнички воз полн со патници? Колкава ли ќе беше трагедијата? Но дали некој ќе ја преземеше одгворноста? Кој ќе ја преземе одговорноста за цунамито во железничкиот сектор во Република Македонија?”, прашува Стоилковски.
Според него, причините за катастрофалната состојба на железниците во Македонија лежат исклучиво во тоталната незаинтересираност на Владата за овој важен сектор за економијата. Нема никакви нови проекти, нема никакви инвестиции и вложувања во железничкиот сектор. Нема инвестиции за одржување и ремонт на пругите, ниту на возовите. Имаме министер за транспорт и врски за којшто гледаме дека предизвикот на овој сектор му е преголем залак.
„Секојдневно се намалува расположливоста на локомотивите и патничките возови, а со тоа се доведува во прашање и безбедноста на железничкиот сообраќај. За само 2 години преполовен е бројот на исправни возови и локомотиви. Во овој момент целиот патнички железнички сообраќај го вршат новите возови коишто беа набавени од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Застоите на товарниот железнички сообраќај се сериозен проблем за тековното работење на компаниите корисници на железнички услуги, што негативно се одразува на економијата во целина. А негативно се одразува и на работењето на двете железнички претпријатија МЖ Транспорт АД и ЈП МЖ Инфраструктура, коишто нижат милионски загуби, а тука е ФШВ Колска Велес на чии вработени им се должат дури 5 плати.
Очигледно оваа Влада на Зоран Заев со министерот Горан Сугарески ниту имаат капацитет ниту волја да се справат со предизвиците на железничкиот систем. Негрижата создава непоправливи штети и го загрозува безбедното одвивање на железничкиот сообраќај. Македонија никогаш не била во полоша состојба во делот на железничкиот транспорт. Ова уништување што поскоро мора да запре и ќе запре само со промена на власта.Наместо да парадираат помеѓу вагони и локомотиви, Зоран Заев Анѓушев и Сугаревски мора што побрзо да си заминат за добро на железничкиот сообраќај, за добро на економијата за добро на Македонија”, додава Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски до ДУИ и Ковачевски: Европски ли е кога Ахмети викаше УЧК во Скопје?
Додека се колнат во ЕУ, ја купуваат Соравија, додека зборат за правда делат шамари во контролата на летање во Скопје. Додека народот гладува тие си слават родендени во државни институции. Додека зборат за стандарди, на онкологија ги крадат болните од рак. И треба да знаете дека ниту една лекција не ја научија. СДСМ не се огради од криминаот на ДУИ, ниту пак има намера. А од ДУИ го употребуваат истиот наратив дека биле европска партија, во исто време кога џебовите им се полни со Европски пари, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Виница.
Претседателот упати и прашање до ДУИ, а и Ковачевски, кој продолжува да молчи, дали кога Али Ахмети викаше среде Скопје УЧК, УЧК е европски чин? Дали тоа доликува на европскиот фронт на ДУИ СДСМ праша тој.
Исто како што купувањето на Соравија што е европски чин, од страна на голобрадо момче, случајно кој е внук на Ахмети исто како што Мерко е европски градоначалник, море светски… како Артан што возеше ауди со полициски флешери на име на фирмата што зела тендер на Шапка? Е сето ова е многу европски, директно не носи во ЕУ, кажа претседателот.
Тој потенцира дека однесувањето на ДУИ и СДСМ ја подрива европската идеја во Македонија. Тие стануваат минери на европската идеја затоа што народот нив не ги идентификува со Европа и има европски функционери кои се срамат што ликови како Артан, Мерко и Талат овде зборуваат за ЕУ. Затоа што ЕУ не е олицетворение на корупција како што се Артан, Мерко и Талат.
И затоа резултатот е таков во првиот круг. Овде во Виница победивме со 4571 на 1764 гласови за СДСМ. Народот е определен, и јас искажувам длабока благодарност и почит до секој еден од вас. Но работата не е завршена. Ова беше само првиот круг, и жолтиот картон, мора да стане црвен на изборите на 8 мај. Народот да го зададе финалниот удар против корупцијата, криминалот и сиромаштијата. Повикувам на масовна излезност, затоа што излегувањето на овие избори меѓудругото е и патриотска должност и обврска кога Македонија е толку силно разградена со криминал и корупција. Да одиме напред, и да ги победиме сите сценарија кои ги разработува дуото СДСМ и ДУИ, заклучи претседателот.
Македонија
(Видео) Ковачки: СДС не е противник само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на народот
Победата во првиот круг е огромна. Победата е ваша на сите граѓани. Затоа што вие одлучувате во каква Македонија ќе живеете. Сакам да ви честитам на сите кои се обединивте и се приклучивте на промените. Но имаме уште работа. Пред нас е вториот круг за избор на претседател на Македонија и избор за нова влада. Во вас е силата за конечна промена на Македонија и враќање назад на државата, во вашите раце, вели Драган Ковачки, носител на изборната единица 3 на денешниот митинг во Виница во рамки на парламентарната и претседателска кампања.
Ковачки, посочи дека по победата на ВМРО-ДПМНЕ следи одговорност за власта на СДС и ДУИ за криминалот и сите штетни политики кои ја потонаа Македонија.
Има уште два удари кои треба да ги зададеме на оваа криминална влада на СДС и ДУИ. Едниот на 8 мај. А потоа по победата на ВМРО-ДПМНЕ следува и третиот удар за секој еден кој се огрешил пред законот. Тоа се вика одговорност. Одговорност за сите штетни политики кои ја потонаа Македонија. И одговорност за целиот криминал кој го правеше ДУИ и измеќарите од СДС, дециден е тој.
Ковачки истакна дека народот е силата и одговорот на сите порази и скандали на Ковачевски и Ахмети.
Вие покажавте што значи кога некој си игра со вашите судбини. Вие сте силата и одговорот против сите порази, скандали и афери на Димитар Ковачевски и Али Ахмети, рече тој и додаде дека порано СДС поразот го славел како победа, а денеска се тешат со истиот тој пораз, укажувајќи дека 360 илјади граѓани им порачаа дека се готови.
Деновиве после поразот ги слушам како велат ја примивме пораката од народот. Ќе се промениме. Но лажат. И тогаш ви кажав и сега ви кажувам, лажат сушат. Лажат за да продолжат да крадат, малку им е што ве покрадоа. Сакаат уште. Денеска ги слушам како велат резултатот е нула. Се сеќавате порано поразот го славеа како победа, како триумф, денеска се тешат со поразот. Но, не сфаќаат дека 360 илјади граѓани му дадоа црвен картон на СДС, Ковачевски, Пендаровски, Али, Груби. 360 илјади граѓани им порачаа ГОТОВИ СТЕ! Затоа ајде да го тродуплораме овој резултат овде и секаде низ општините во Македонија, порача Ковачки.
Ковачки, додаде дека СДС не е противник само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и противник на народот.
Затоа што СДС не е противник само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и противник на народот, противник на Македонија, затоа што изминатите 7 години од политичка партија се претвори во обичен измеќар на ДУИ. Ковачевски прифаќаше секаква наредба од Али само за да опстои на власт, Стево пак не го видовме воопшто да се спротивстави на криминалот и корупцијата на СДС и ДУИ, напротив коленичи пред ДУИ. се фасцинира од Али и Груби. Епа не ни треба таков човек кој е нем посматрач додека Македонија ја распродаваат. Не ни треба Ковачевски кој за секој скандал на ДУИ и Али има оправдување, затоа што и тој е вмешан. За пусти пари го брани и она неодбранливото. Епа доста е!Нашата визија е Македонија повторно ваша. Во вашите раце. Затоа што вие сте сила на една држава.
Во однос на проектите, Ковачки кажа дека Платформата 1198 за Виница се обврзува на реализација на:
Изградба на Булевар Илинденска на влез во Виница, изградба на кружен тек, ул. Браќа Миладинови, изградба на локален пат до туристичка и викенд населба на Плачковица, село Градец – Маринково, Блатец – Детлово (2 фаза), регулација и партерно уредување на Виничка река, регулација на Градечка река – Виница, партерно уредување на кеј на Градечка река во Виница, изградба на локален пат Трсино – Голак (1 фаза), изградба на спортска сала во ООУ Гоце Делчев – Виница, изградба на спортски терени во село Градец и село Трсино, изградба на канализациона мрежа во село Липец, изградба на пречистителна станица за отпадни води во село Блатец, регулација на речно корито на Кајанечки дол село Истибања, изградба на водоводна мрежа во Големчево – село Истибања, изградба и реконструкција на улици во Виница и други населени места. И уште многу други проекти за кои се обврзуваме да ги реализираме во 4 годишниот мандат.
На крај, Ковачки побара поддршка од граѓаните на 8 мај за ВМРО-ДПМНЕ за идна влада и Гордана Силјановска Давкова за нов претседател на Македонија.
Ни треба вашата поддршка и масовна излезност на 8 мај за бројот 2, за двојна победа. 2 за ВМРО-ДПМНЕ за идна влада, и 2 Силјановска Давкова за претседател на Македонија. За Макаедонија да ја трансформираме напред кон нови победи, проекти и реформи. Ни треба поддршка сплотеност и обединетост за да создадеме иднина овде во сопствената Македонија.Ни треба вашата поддршка за да си ја вратиме изгубената држава, за институциите да бидат во ваша служба, а не во служба на криминалците од СДС и ДУИ. Ние ја сакаме Македонија повторно твоја. Македонија на земјоделците, на здравствените работници. Македонија повторно твоја на просветните работници, Македонија на пензионерите. Македонија на младите. Македонија на успешни компании и странски инвестиции. Македонија земја на горди граѓани, порача Ковачки.
На 24 април го делегитимиравме Ковачевскии Ахмети и бандитите. А на 8 мај да ги срозиме. И да го победиме ова зло поради кое Македонија и вие граѓаните тонете, изјави тој.
Македонија
Пендаровски: Наместо да се извинат за 27 април, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател најавува амнестија за насилниците
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на 7 -годишнината од упадот во Собранието, кој се случи на 27 април 2017-тата година, истакна дека насилниците коишто влегоа да тепаат пратеници и новинари, не им се извинија ниту на граѓаните, ниту пак на луѓето кои ги поттикнуваа на насилство против своите сограѓани, само за да ги зачуваат своите фотелји затоа што не сакаа мирно да ја предадат власта, туку повеќе беа подготвени да ја жртвуваат државата. Наместо извинување, сега ВМРО – ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседател најавуваат амнестија на насилниците доколку дојдат на власт.
„За жал истите луѓе кои на тој ден упаднаа во Собрание, сега бараат власт. Претседателот на главната опозициона партија беше влезен исто така. Не велам дека сите што влегоа внатре се криминалци, меѓутоа сакав да го прашам и тогаш и сега што бараше внатре во Собранието? Дали да ја заврши работата која ја организираа од неговата партија, да не дозволи мирен трансфер на власта – сите знаеме дека беше тоа, имаше судски пресуди на таа тема. За жал од тогаш поминаа 7 години, ни еден од актерите, особено ниту еден од организаторите не се извини затоа што за прв пат во историјата партијата на власт за да не ја даде власта организира бунт и со помош на пратеници, нападна пратеници, еден, двајца беа на работ на смрт. Освен што не се извинија, денеска нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија“, рече Пендаровски.
И дополнително, како што додаде Пендаровски се претставуваат како патриоти кои ја бранеле Македонија.
„Јас разбирам да кажеш криви биле тие и тие, по име и по презиме и да речеш дека многу им се високи казните или во име на некакво национално помирување да им простиме дел од казната, да си одат дома, било што било. Но ништо од тоа не се случува, само се најавува амнестија. Според мене тоа е јасен индикатор дека на таков начин, ако дојдат на власт и ќе се владее“’, додаде Пендаровски денеска во Пештани.