Македонија
(Видео) Стоилковски: Колку криминалци со досие добиле дозвола за оружје од комисија составена од Оливер Спасовски?
Оливер Спасовски се крие зад флоскули на „Фејсбук“ и не одговара на тоа колку криминалци со досие од списокот „Безбеден град“, МВР со Музафер Каришиќ им издало дозвола за оружје. Дали Каришиќ со комисијата составена од Оливер Спасовски дал одобрение за оружје за Шукри Асани, лице со досие, осомничен за транспорт на кокаин, член на криминалната група од Грчец, меѓу првите десет за проверка во Скопје, праша на денешната прес-конференција Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Стоилковски побара одговор и на прашањето колку криминалци со досие добиле дозвола за оружје од комисија составена од Оливер Спасовски?
Ова се прашања што не смее да се игнорираат, рече Стоилковски.
Стоилковски додава дека Каришиќ е лице од доверба на Спасовски и на Тасевски, а началникот на крим-полиција е и прв во комисијата за одобренија за оружја!
Спорeд него, срамота е Спасовски да се крие на „Фејсбук“ по скандал дека полицијата дава дозволи за оружје на криминалци додека се случуваат брутални мафијашки ликвидации во центарот на Скопје.
Македонија ова со ништо не го заслужила! Неопходни се одговори и одговорност, а не шурување со криминалот, изјави Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Граѓаните масовно да излезат на изборите на 8 ми мај, се одлучува за иднината
СДСМ ги повикува граѓаните масовно да излезат на изборите на 8 ми мај и да гласаат за Стево Пендаровски за претседател и за пратеничките листи на СДСМ и Коалицијата за европска иднина.
„На 8 мај се одлучува за иднината. Во овој клучен момент државата се наоѓа на крстопат. На една страна е враќање назад кон изолација, конфликти, меѓуетничка нетрпеливост и внатрешни поделби со ДПМНЕ. А на другата, продолжување напред, кон прогресот и просперитетот на Македонија во ЕУ, со СДСМ и Коалицијата за европска иднина“, дополнуваат од СДСМ.
Според нив, на 8 мај постои само една социјалдемократска опција, само една лева прогресивна опција која се вика СДСМ.
„Граѓаните со моќта на својот глас можат да кажат стоп за враќањето во кошмарното минато на поделби и тензии и да испратат јасна и гласна порака на сите ретроградни сили дека во Македонија живеат прогресивни луѓе, кои сонуваат за подобра европска иднина за себе и своите деца“, завршуваат од СДСМ.
Македонија
Православните верници денеска слават втор ден Велигден и Ѓурѓовден
Денес, освен вториот ден од Велигден, се празнува и Ѓурѓовден, празник во чест на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, празникот на обновувањето на природата и на животот воопшто.
Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај според новиот или на 23 април според стариот календар.
Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Македонија
Времето денеска сончево, од среда пороен дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне во планинските региони ќе има услови за изолирана појава на краткотраен пороен дожд. Минималните температури ќе бидат во интервал од 3 до 10, а максималните ќе достигнат од 20 до 26 степени.
Во Скопје ќе преовладува сончево време со мала облачност и со слаб ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се спуштат до 8, а максималните ќе достигнат до 26 степени.
Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер. Потоа условите за нестабилно време ќе се намалуваат.