Македонија
(Видео) Стоилковски: Почитувани судии од Апелација, исправете се над театарската претстава наречена притвор за Јанакиески и Божиновски
Почитувани судии од Апелациониот суд, издигнете се над состојбата во која сте на сила втурнати, земете ги предвид аргументите на одбраната при носењето на одлуката и исправете се над театарската претстава наречена притвор за Миле Јанакиески и Кирил Божиновски за покривање на неспособноста на оваа власт. Судството и правдата повеќе не смеат да бидат покритие за хунтата, за нивните злодела, криминал, политички терор. Судиите повеќе не смеат да бидат дел од театарот за замајување на јавноста и прикривање и неспособноста на хунтата да се справат со реалните проблеми на граѓаните, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Република Македонија досега немала понеправедно општество, со кое владее хунта на неспособни, но и незаменливи. Апелациониот суд ја има можноста за покажување трошка пркос и волја за демократија со тоа што нема повеќе да дозволи притворот да биде замена не само за казна – туку и за затскривање на властодршците.
„Незаменливоста на Оливер Спасовски го претвори ова општество во притвор – во кој нема решени случаи за убиства, нема решени случаи за пукотници среде центарот на Скопје, нема постапки за криминал по допрен глас, нема контрола врз злоупотребите на системот за безбедност, кој. наместо со реалните предизвици, се занимава со кабинетот на претседателот на државата, со фингирање податоци во службени белешки класифицирани како строго доверливо, а кои се цитираат во јавноста и се користат во судствот.
Македонското општество, поради неспособноста на оваа власт, се претвори во т.н. реално шоу притвор, во кое секој може да биде притворен само за дефокус од реалните проблеми.
Сето тоа го турка македонскиот правосуден систем не на дното, туку во мислена именка.
Оттука, правичната одлука на апелационите судии со преиначување, а во врска со мерката притвор за Јанакиески и Божиновски, изречена по цели 18 месеци редовно почитувани претходно изречени мерки, како и редовно присуство на судските рочишта, ќе значи и блесок на правичност, блесок на самостојност, блесок на верба во македонското судство, момент на раскинување на пупката во која Заев го затвори судството. Тоа ќе значи и трошка надеж и верба во неселективноста на првото и правдината за притворените за случувањата од 27 април, чија судбина е на тезгата на политичките пазари на сметка на самостојноста на правосудството и судската доблест“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

