Македонија
(Видео) Стоилковски: Толку ли е голем притисокот на власта за случајот со Дудуш, па Обвинителството мора да молчи
Градоначалникот пулен на Заев, кој тепа, навредува и омаловажува граѓанин во својот кабинет, го штити Заев, кој молчи за целиот скандал, но и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој целиот случај, наместо пријава, го завериле како поплака, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој обвини дека и по пет дена во Јавното обвинителство никако да стигне гласот за аудиоснимката, во која постојат наводи дека градоначалникот на СДСМ, Курто Дудуш, во својот градоначалнички кабинет бесправно лишил од слобода, измачувал, тепал и навредувал граѓанин. Во Јавното обвинителство, како што вели Стоилковски, два дена сè уште не виделе дека полицијата предводена од Оливер Спасовски го забошотува случајот, односно поднесената пријава само ден подоцна, којзнае под какви притисоци, била преквалификувана во обична поплака по која МВР нема обврска да дејствува.
„Уште колку долго Обвинителството при уши ќе се прави глуво и при очи слепо? Толку ли е голем притисокот на власта овој случај да се забошоти, па мораат во Обвинителството вака да се однесуваат? Тоа што Заев го заштитува, одобрува и поттикнува беззаконието веќе е јасно. Но, пред некој ден стана јасно дека структурите на МВР го штителе ова насилство, ама сега гледаме дека и Обвинителството молчи и се прави недоветно и со тоа се претвора во соучесник на оваа политичко-институционална насилничка банда која измачува граѓани. На Обвинителството треба да му биде јасно дека Курто Дудуш, СДСМ, Оливер Спасовски и Зоран Заев прават сè овој скандалозен случај да не добие разрешница и доколку се утврди вина, и соодветно да се санкционира.
Постојат докази и само слеп политички послушник не може да ги види и да ги процесира.
Тоа што ова заробено Рускоска-обвинителство нема да го процесира, ќе го процесира обвинителството што ќе биде ослободено од стегите на Заев и власта во заминување. Граѓаните гледаат дека овој криминално-насилнички картел е во распад и следува период кога ќе има одговорност за сите од власта на Заев, кои го тероризираа, пљачкаа и осиромашуваа овој народ, но и за сите оние што тоа го штитеа“, истакна Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.

