Македонија
(Видео) Стоилковски: Филипче без план ќе троши 500 милиони евра за нов клинички
Јавниот здравствен систем тоне, а Зоран Заев и неговиот незаменлив Венко Филипче во него гледаат само можност за тендери и слевање пари во партиските џебови. Денес, наместо 120 милиони евра колку што требаше вкупно да чини новиот клинички центар „Мајка Тереза“, притоа планот веќе беше направен до половина, сега Филипче и Заев сакаат да потрошат 480 милиони евра!? Четири пати повеќе!, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„За потсетување, оваа власт го раскина договорот за изградба на новиот клинички центар, вреден 128 милиони евра, за кој сè беше готово, само требаше да стартува изградбата. Потсетувам, ВМРО-ДПМНЕ остави готов проект, со потпишани договори за градба вредна 72 милиони евра, со физибилити студии, со финансиски планови, со најдени пари, со сè’ подготвено, ама тоа пред две години не ѝ чинеше на оваа влада! А сега е јасно зошто!
Немаат финансиски план, а пресметале дека ќе потрошат 480 милиони евра!? Овој проект е дел од оние капиталните кои никогаш, ама никогаш со Заев нема да го видат светлото на денот!
Исто како што јавното здравство со Филипче се сведе на: крвави тендери вредни 36 милиони евра, ќерка дава тендер на татко од 3 милиони евра, афера инсулини со кус рок, афера вакцини со минат рок, приватизирање на Итна помош, предадена детска кардиохирургија во приватниот сектор. Излажани доктори за плати, излажани специјализанти, неводење сметка за паркинг, за хигиена, за ништо! Така ќе заврши и проектот за клинички, на лажни ветувања, сè додека има можност за нови и нови тендери и договори во корист на партиските џебови на СДСМ.
И бидејќи веројатно ќе реагираат на оваа прес-конференција, еве нека одговорат и на прашањата: Дали се направени геомеханички испитувања на теренот каде што наводно ќе се гради клиничкиот, за што треба најмалку 6 месеци? Има ли идеен, па основен, па ревидиран проект за градбата, има ли за тоа кој ќе го прави проектот, бидејќи само за изработка на ваков проект потребна е околу година и пол. Повторно, знаат ли дека за сè ова се потребни тендерски постапки?
И за крај и најважното, колку време ќе им треба за преговарање со финансиските институции од каде што ќе треба да се земат, да се позајмат над 500 милиони евра за целосно завршување на проектот?, истакна Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

