Македонија
(Видео) Талевски: СДСМ ја поздравува одлуката на претседателот Бајден
ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски денеска повторно го покажаа своето антизападно и антидржавно лице. Се редат изјави на функционери од ВМРО-ДПМНЕ дека и понатаму оваа партија е против Договорот од Преспа, изјави Миле Талевски, пратеник на СДСМ.
Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека е против државните интереси, против членството во НАТО и ЕУ, против нашите стратешки партнери.
„За нив не се важни интеграциите на татковината ниту нејзината иднина, ти е се само за блокади. За Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се важни ниту односите со нашиот стратешки партнер и докажан пријател САД. Стануваат изолирани и неважни. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, им врти грб на граѓаните, на нашиот најважен стратешки сојузник, САД. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ е на страна на државата, на страна на напредокот, на страна на граѓаните“, нагласи Талевски.
СДСМ ја поздравува последната одлука на претседателот на САД, Џо Бајден. Според владејачката партија, со оваа одлука се проширува опфатот на санкциите и врз оние лица или ентитети што ги загрозуваат Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.
„Рамковниот договор и Договорот од Преспа се дел од нашите државни и национални интереси и тие се поклопуваат со интересите на нашите пријатели и стратешки партнери, САД. Овие два договора се гарант за стабилноста, пример за стабилизација и напредок на нашата држава и целиот регион, а еден од најсилните гарантори за договорите е нашиот стратешки сојузник САД“, вели Талевски.
Тој порача дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со блокади и работи на штета на државните и националните интереси, СДСМ продолжува со храбри визионерски чекори и презема политики што носат напредок развој и интеграција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

