Македонија
(Видео) Талески: ВМРО-ДПМНЕ ја поткопува работата на институциите за дојавите со бомби
ВМРО-ДПМНЕ ја попречува работата на институциите во спроведување на мерките за справување со дојавите за поставени бомби во училиштата, обвини пратеникот на СДСМ, Миле Талески.
„Јавните настапи на претставници од ВМРО-ДПМНЕ, како, на пример, Весна Јаневска, која повикува на непочитување на новите протоколи, е директно поткопување на дејствувањето на надлежните институции во борбата против хибридните напади. Безбедносна на учениците и обезбедувањето непречен образовен процес се најважни и новите протоколи за постапувањето, изработени од експерти, се во оваа насока.
Благодарение на таквиот пристап веќе четири дена наставата се одвива без прекин, а безбедноста на учениците и наставниците е загарантирана. Обезбедено е и соодветно присуство на полицијата во училиштата. Она што загрижува и што отвора сериозни сомнежи е деструктивното однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ директно поврзани со поткопување на работата на институциите.
Како пратеник и претседател на Комисијата за одбрана и безбедност имам обврска пред граѓаните, но и пред Собранието, да реагирам јавно. Министерството за внатрешни работи има сознанија за тоа од каде доаѓаат дојавите, а освен од трети земји, некои од нив се и од македонска територија. Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ отвора сериозен сомнеж за нивната улога. Дали ВМРО-ДПМНЕ на некаков начин е поврзаната со внатрешните соработници?“, рече Талески.
Тој праша дали ова се причините за вакво деструктивно постапување на ВМРО-ДПМНЕ, партијата, која, како што рече, е во целосно заложништво на Левицата.
Талески смета дека ВМРО-ДПМНЕ со крајно неодговорно однесување застанува зад хибридните напади, чија цел, како што објасни, е создавање немир, тензии, недоверба и чувство на страв кај граѓаните.
„Ова не е и не смее да биде тема за дневна политика, се работи за безбедноста на училиштата и наставниот процес. ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да ја опструира и поткопува работата на институциите, кои работат на обезбедување целосна безбедност на децата, на неутрализација на проблемот и овозможување непречена настава“, порача Талески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

