Македонија
(Видео) Таравари се пофали дека ја стабилизирал Македонија со влезот во Владата: Македонија е во подобра положба отколку пред 100 дена
Арбен Таравари, лидер на Алијансата за Албанците (АА), тврди дека со неговата партија како дел од власта, Македонија се движи напред и има подобра положба за само сто дена по влегувањето на неговите кадри во институциите. Фалејќи се, зборуваше за надминувањето на кризата, како и дека ја стабилизирале државата. Посочи дека влезот во Владата било во координација со меѓународниот фактор.
„Денес, стојам пред вас како претседател на АА за да рефлектирам за достигнувањата и предизвиците во овие први 100 дена. Пред 100 дена земјата беше парализирана, имавме глобална економска и енергетска криза, имавме домашна криза на корупција и на уставни измени. Соочени со оваа парализа, беше неопходно да дејствуваме. Во координација со меѓународните пријатели решивме да станеме дел од Владата. Беше тешка одлука, но тоа го направивме за да ја стабилизираме државата и да обезбедиме перспектива за граѓаните, кои масовно ја напуштаат државата. Ете, времето докажува дека сме биле во право. Нашето учество во власта има многу ограничувања, пред сè, временски. Неоспорно, денес Македонија е во многу подобра положба отколку пред 100 дена“, вели Таравари.
Таравари посочи дека неговите кадри изготвиле иницијатива за уставните измени, кои ќе одат во Собранието, па додаде: „Денес гордо можам да кажам дека Македонија се движи напред“.
„Верувам само во резултати, добиени преку примерно работење и владеење. Постојано барам од секој функционер од АА конкретни резултати и нулта толеранција за корупција затоа што ние сме различни и мора да ја зачуваме чистотата што не одликува. Наследивме ситуација во која само 2.7% од граѓаните веруваат во судството и обвинителството. Од почетокот на нашето владеење во министерството за правда преземавме силни мерки за враќање на довербата на граѓаните, во независноста и ефективното владеење на правото. Би ја издвоил подготовката на меѓународната конференција за изнаоѓање на најдобар модел за ветинг за правото. Го започнавме процесот за дигитализација на судството и обвинителството за да го замениме механизмот АКМИС кој овозможува манипулации во распределба на судските предмети. Наскоро ќе предадеме во владина процедура предлог закон за управување со одземен имот и ќе отвориме канцеларија за бесплатна правна помош низ целата држава. Посветени сме на враќање на универзитетот во Тетово во законски рамки со цел зголемување на квалитетот на високото образование“, додаде тој.
Тој зборуваше и за тоа што работи Министерството за правда.
„Втор столб на нашето делување е држава за сите. Во овие 100 дена работевме за правична и соодветна застапеност во сите области од јавниот живот и за елиминирање на сите форми на дискриминација. Преку Министерството за правда обезбедивме националност да фигурира како нова графа во матичните документи. Во Министерството за одбрана и Армијата значително ја подобривме положбата на Албанците со примањето на 45 албански кандидати за војници, унапредување на 25 албанци во подофицери и 3 други во командни позиции како и делегирање на 43 албанци во мировните мисии. Албанскиот јазик за прв пат е во официјална употреба во сите инстанци во ова министерство. Во МЗШВ имавме најголем буџет. За само 2 месеци над 60 милиони евра им се исплатени на 78 илјади земјодселци, овчари, градинари, продавачи на тутун.
Во наредните месеци ќе донесеме закон за правична застапеност со која ќе се дефинираат механизмите за остварување на пропорционални вработувања во јавниот сектор. Ова ќе важи за етничките заедници но и родовата застапеност и на лицата со посебни потреби. Испитот за административци нема да биде само на македонски јазик туку конечно 22 години по рамковниот договор ќе се оджи на мекдонскиот јазик“, додаде Тарвари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Сопственикот на илегалната дрога, рамо до рамо со Венко Филипче, јасно е кој седи позади дрогата
Со денови ги слушаме СДС и Филипче, во прашална форма како лажно ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за некаков шверц на дрога, па го мешаат Томовски, и кој се уште не, но, еве ја вистината на дело.
Откриваме фрапантен податок и фотографија, која покажува директна инволвираност на Венко Филипче со шверцот на илегалната дрога. Венко и газдата на фабриката со илегалната марихуана – еден до друг, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче на телевизиско интервју, кажа дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на Фирмата „ЦБД Медплант“ и поранешен функционер на СДС, Тони Котев, а како што гледаме на сликата тие двајца добро се познавале и соработувале.
Венко Филипче и Тони Котев, рамо до рамо еден до друг.
Венко Филипче и СДС, наместо секојдневно да прашуваат и да шират невистини и манипулации, треба да одговорат на вистинското прашање, зошто се толку потресени и толку силно водат кампања за овие заплене на околу 30 тони дрога? Дали во СДС се исплашени затоа што Филипче и Заев се вмешани во трговијата со дрога? Затоа ли Филипче добро знае колку камиони требаат за одредена количина на дрога? Затоа ли во 2023 година го променија правилникот за одгледување на канабис? Колку милиони требале да заработат и на овој криминал“.
Според него, каде има чад, има и оган.
„Каде има криминал и корупција, таму се и Филипче и Заев. Ако порано се велеше дека сите патишта водат кон Рим, денес сите патишта за криминал и корупција, водат кон Филипче и Заев“.
Го повика ЈО, да ја истражи поврзаноста на Филипче и Заев, во случајот со 30-те тони запленети дрога.
Македонија
(Видео) Македонија на чекор до историски трговски договор со САД, рече Стојаноски
Македонија е на чекор до потпишување историски трговски договор со Соединетите Американски Држави, објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на денешната прес-конференција, нагласувајќи дека се работи за „историски успех за македонската Влада и дипломатија“.
Како што информира Стојаноски, доцна синоќа Белата куќа објавила Заедничка изјава за реципрочна трговија помеѓу САД и Македонија, со која се најавува рамка за договор со царински тарифи до 15%, а за одредени производи и 0%.
„Се идентификуваат производи коишто ќе добијат до 0% реципрочна тарифа, што значи дека за дел од клучните индустрии и производи царинските тарифи ќе се намалат до нула“, рече Стојаноски.
Според него, ова претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и економската соработка меѓу двете држави. Договорот, како што рече, на македонските компании ќе им обезбеди конкурентска предност, регулаторна сигурност, предвидливост и посилна позиција на американскиот пазар.
„Во овие непредвидливи глобални времиња се зачувани илјадници работни места, а се испраќа и сигнал за политичка и економска стабилност на нашите односи со официјален Вашингтон“, додаде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, Стојаноски истакна дека документот е доказ за неоснованоста на критиките од СДСМ дека Владата нема надворешен план или визија. Целта на Владата, рече тој, е повеќе извоз, инвестиции и добро платени работни места дома.
Македонија
Левица: Радикално кратење на земјоделските субвенции, десничарската ДПМНЕ покажува дека не и требаат земјоделци
Со усвојувањето на новата програма за унапредување и поддршка на македонскиот аграр од страна на владата, сведоци сме дека оваа таканаречена програма не нуди ни унапредување ни поддршка, а ни развој на домашното земјоделско производство на храна, велат од Левица.
Ова, како што додаваат, е уште една капка која веќе ја прелива чашата на неиздржливост, која радикално десничарската реакционерна партија ДПМНЕ, им ја сервираше на македонските земјоделци во овие неполни две години власт.
„Партијата позната по криминалот и корупцијата, по луксузот кој си го уживаат нејзините функционери платени од парите на работниците, реши да ги скрати земјоделските субвенции за цели 40 милиони евра, од 140 на 100 милиони евра, пари кои сега нема да отидат кај земјоделците туку партијата ќе си ги троши за свои потреби.
И оваа е уште една од вестите за катастрофата што и се случува на нашата земја и домашното производство на храна, после веста дека во 2025 година имаме рекорден увоз на храна од над 1,1 милијарди евра, односно, околу 600 милиони евра трговски дефицит кај храната, пари кои наместо кај домашните земјоделци, завршија кај странските корпорации и трговците блиски до партијата на власт“.
Затоа, за да се спречи пропаста на нашето земјоделско производство и да се заштитат земјоделците кои од чесни производители на храна, оваа влада има намера од нив да направи социјални случаи, апелираме, истакнуваат од Левица, на будност и спремност, на неопходно организирање и преземање на работите и судбината во свои раце.

