Македонија
(Видео) Томовски: Кире Наумов од СДС за еден мандат зема 120.000 евра плата, а никој не знае што сработил
Додека народот гладува и семејство во кое двајца сопружници земаат минимална плата и со неа не може да ги обезбедат сите потребни продукти и да ги задоволат животните потреби за еден месец, функционери именувани од Владата земаат плати од неколку илјади евра месечно, а за еден мандат цифрите се движат и во неколку стотици илјади евра, обвини Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„И, не е единствен проблем немаштијата во која живеат повеќето граѓани, туку и тоа што овие функционери со ништо не ги оправдале парите што ги земаат. Народот не гледа бенефит од нивната работа. Кире Наумов од СДС, директор на Македонската банка за обнова и развој, е уште еден во низата функционери дел од аферата ‘Паразити’. Наумов, кој беше дополнителен заменик-министер за финансии на СДС, денес месечно зема над 2.500 евра плата, за една година тој наплаќа над 30.000 евра, а за еден мандат дури 120.000 евра. Значи, додека Владата им зема оброк на студентите, Наумов заработува на грбот на државата 2.500 евра секој месец.
Директорот на АЕК, Јетон Акику, зема плата од 132.000 денари, поточно над 2.000 евра месечно или за една година околу 30.000 евра.
Уште еден во низата функционери со високи плати е и Славко Пројковски, финансиски директор во „Телеком“, каде што сопственост има и државата, е со плата од над 6.000 евра месечно. Тој за една година зема 72.000 евра, а за еден мандат од 4 години, дури 288.000 евра. Тоа е исто како директорот на „Телеком“, Љушев, кој за само еден месец зема 11.500 евра, тоа за една година се над 138.000 евра, а за еден четиригодишен мандат над 552.000 евра.
Овие тројца функционери, што ги презентиравме денес, за еден мандат земаат речиси 1 милион евра. Што сработиле овие тројца функционери и кој е бенефитот што го има државата од нивното работење за тие за еден мандат да наплатат 1 милион евра?“, праша Томовски.
Тој за утре најави продолжение на аферата „Паразити“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Беким Сали на средба со амбасадорот на Косово, Флориан Ќехаја
Во Владата на Република Северна Македонија, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари средба со амбасадорот на Косово, Флориан Ќехаја.
„На средбата се разговараше за билатералната соработка меѓу двете земји, заедничките проекти што ги поврзуваат нашите институции, како и за процесите на европска интеграција и унапредувањето на европската агенда во регионот. Двете страни ја истакнаа важноста од понатамошно продлабочување на регионалната соработка и размената на искуства во насока на стабилност, развој и европска интеграција“, соопштија од кабинетот на Сали.
Македонија
Техничката влада мора да остане, велат од СДСМ
Техничката влада мора да остане. Таа е единствена шанса, единствен обид за некакви минимални услови за фер избори, велат од СДСМ.
„Актуелната власт на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги злоупотребува институциите и државните ресурси за партиски и криминални цели. Воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, се носат измени на Кривичниот закон за спас на актуелните функцонери, се партизира и се злоупотребува полицијата. Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата, со Законот за полиција се оди кон целосна партизација на МВР“, велат од партијата.
Од СДСМ, исто така, велат дека случајот со ИПАРД 3 и апсењето на директор кој е поставен од ВМРО е уште една причина зошто мора да има техничка влада.
„Легализацијата на масовен надзор со 65 илјади камери, овозможува дигитален надзор на движењата на граѓаните а за тоа се уште нема контролни механизми ниту заштита од злоупотреби. Технички министер за внатрешни работи од опозицијата е гаранција дека овој систем нема да се злоупотреби за следење на граѓаните или опозицијата за време на кампањата“, велат од СДСМ.
На Мицкоски и на ВМРО им се брза со предремени избори и мигранти за пари, додаваат од опозицијата, но факт е дека не се созреани условите во општеството за укинување на техничката влада поради криминалната власт.
„Во вакви услови укинувањето на техничката влада би значело директен удар врз демократијата и загрозување на волјата на граѓаните. Техничката влада мора да остане и СДСМ ќе ги искористи сите демократски механизми, да го заштити изборниот процес и слободната волја на граѓаните“, веалт од партијата.
Македонија
Пратениците за една година потрошиле 14,3 милиони за патни трошоци, објави Левица
Во држава во која минималната плата едвај достигнува 400 евра, а јавните политики постојано се правдаат со „недостаток на средства“, пратениците само во една година потрошиле 14.369.470 денари за патни трошоци. Станува збор за износ кој јасно ја разоткрива изопачената хиерархија на приоритети – за комфорот на елитата секогаш има пари, но за основните потреби на граѓаните континуирано нема, велат од Левица.
„Со оваа сума би можело да се реконструираат и опремат училишни кабинети, да се набават медицински апарати за регионални болници што со години работат без или со застарена опрема, да се финансираат јавни кујни за илјадници сиромашни семејства во текот на цела зима, да се субвенционираат градинките за коишто градоначалниците на ДПМНЕ ги зголемија надоместоците на товар на граѓаните. Наместо тоа, 14 милиони завршија во систем на патни надоместоци кој одамна не служи за покривање реални трошоци, туку како дополнителен извор на лични приходи“, велат од партијата.
Според Левица, апсурдот станува уште поочигледен ако се направи директна споредба со социјалните политики што државата одбива да ги финансира.
„Истата таа држава не субвенционира меѓуградски превоз за студентите, кои секојдневно патуваат на сопствен трошок за да можат да студираат. Истата таа власт го одби и амандманот на Левица за субвенции за кирии за жени жртви на семејно насилство, оставајќи ги без институционална поддршка во најкритичните моменти од нивниот живот. Но, додека за студентските билети и за безбедниот кров над глава на жртвите на насилство „нема пари“, за пратеничките кирии од по 400 ЕУР месечно и за патните трошоци секогаш има. Има пратеници кои истовремено наплаќаат и кирии и патни трошоци. Има и такви кои поседуваат сопствени станови во Скопје, а сепак земаат патни надоместоци. Буџетот се користи како штит за привилегираните, а како изговор за најранливите. Пари има за удобноста на функционерите, но не и за мобилноста на студентите и за елементарната сигурност на жените жртви на насилство“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека Левица останува единствената парламентарна партија чии пратеници не земаат ниту денар за патни трошоци, гориво, патарини, амортизација, ниту пак за кирии.
„Додека владејачката структура предводена од ДПМНЕ и Мицкоски го одржува системот на расипнички бенефиции, граѓаните со минимална плата од 400 евра и со отсутна социјална поддршка плаќаат двојна цена – прво преку буџетот што се троши за туѓ комфор, и второ преку државата што им свртува грб кога им е најпотребна“, велат од партијата.

