Економија
(Видео) Тренчевска: ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати решенијата на СДСМ за намалување на цените и повеќе пари за граѓаните
Се потврди тоа што го говоревме и што граѓаните го гледаат секој ден – нема намалување на цените во маркетите, владината мерка не даде резултат. Податоците коишто ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека цените на мало во месец октомври се намалиле за само 0,1%, истакна Јованка Тренчевска, пратеника на СДСМ.
Ова според неа значи дека намалување на цени нема и затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Владата треба итно да ги прифатат пакет законските решенија на СДСМ:
„Да се усвои Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра.
Да се усвои Законот за укинување на ДДВ за храната со кој граѓаните ќе заштедат и до 2.000 денари месечно.
Итна да се примени Законот за нефер трговски практики за спречување на нов раст на цените“, потенцира Тренчевска.
Како што додаде, овие пакет решенија на СДСМ ќе значат намалување на цените, зголемување на платите односно повеќе пари за граѓаните и семејните буџети.
СДСМ уште еднаш повикува да проработи разумот кај власта, пред се кај пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Подаваме рака за соработка, за подобар животен стандард и поддршка на граѓаните во време кога нивниот живот станува се потежок.
Просечната плата во земјата е намалена за 1,000 денари а македонската економија е во слободен пад. Индустриското производство бележи пад во септември за 7,9% а прогнозите за економијата стануваат се полоши. По Светска банка и Народна банка ги намали проекциите за македонската економија и предвидува послаб раст оваа и наредната година.
Ова се лоши вести. Потребно е заедничко делување за да им се помогне на граѓаните а пакет решенијата на СДСМ, овие три политики кои ги споменав се реални, одржливи и ќе дадат брз резултат“, соопшти пратеничката на СДСМ.
Како што рече, жално е ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се подготвени на штета на граѓаните да водат политички инает со отфрлање на добрите решенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 % во однос на одлуката од 18.11.2024 година.
Од 26.11.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 77,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,737 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,50 ден/лит и сега ќе изнесува 72,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,029 ден/кг и сега ќе изнесува 44,737 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,489%, кај дизелот за 3,554%, кај екстра лесното масло за 2,215% и кај мазутот намалувањето е за 2,312%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7524%.
Економија
Мицкоски: Грчевито се бориме да нема покачување на струјата, но ако мора, еве нека биде во третиот и четвртиот блок
Владата ќе се бори да не дојде до покачување на струјата, ниту за најавените до три проценти по Нова година. Премиерот Христијан Мицкоски денес на поставувањето камен-темелник за нова градинка во Расадник, Кисела Вода, одговарајќи на новинарски прашање, рече дека доколку мора, покачување ќе има, но само во поскапите блокови.
„Ќе направиме сè за да ја оптимизираме и да нема покачување на цената на електричната енергија, ниту до тие три проценти. Ако мора, еве да се покачи во некој од блоковите, оние повисоките, третиот и четвртиот. Можеби таму би имало некакво интервенирање. Тоа го правиме затоа што навистина сакаме на граѓаните да не им го отежнуваме и онака тешкиот живот. Замислете ние ако постапуваме неодговорно и не се бориме и да ги покачиме сметките 20-30 проценти, сè ќе поскапи. Замислете каков шок ќе биде тоа во делот на инфлацијата. Ќе се бориме до последно да ги нема и тие три проценти. Тоа е максимумот што може да се случи во третиот и четвртиот блок, а во првиот и вториот да нема никакво покачување, каде што се најголемиот број од потрошувачите“, рече премиерот Мицкоски.
Објасни дека е изводливо да нема поскапување на струјата оти успеале да ги намалат трошоците за 15-20 проценти на старите долгови оти побарале и добиле попуст, а новите тендери биле 15-20 проценти поевтини од оние порано, со што успеале да ги оптимизираат и производното и приходното портфолио. Каде оделе тие 15-20 проценти досега, премиерот Мицкоски вели дека точно се знае, а набргу и јавноста ќе дознае.
„Тоа што го наследивме во енергетиката е апокалиптична ситуација. Колку што сум информиран, и Финансиската полиција и МВР и други институции се занимаваат со тоа што се правело во годините претходно. Многу бргу од денеска ќе се излезе со јасни информации“, рече премиерот Мицкоски.
Драматичен пораст на цената на струјата не очекува ниту претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, оти цената на електричната енергија е стабилизирана.
Економија
Промоција на станбениот кредит од Халкбанк
Со цел да им обезбеди на клиентите уште поатрактивни услови за реализација на нивните станбени планови, Халкбанк АД Скопје воведе дополнителна промоција на својот станбен кредит кој е со фиксна каматна стапка почнувајќи од само 3,0 отсто за првите 5 години, односно 3,4 проценти за првите 10 години, и променлива за останатиот период на отплата.
Со почеток од 20 ноември, па се до 31 декември 2024 година, станбениот кредит на Халкбанк ќе се издава БЕЗ нотарски трошоци, БЕЗ надомест за полисата за осигурување за првата година и БЕЗ трошок за проценка на недвижниот имот. А фиксниот надоместок за обработка на апликацијата изнесува 3.000 денари.
Максимален износ на средства кои можат да се добијат е до 300.000 евра, со максимален рок на отплата до 30 години, а постои можност и за добивање грејс период во отплатата од 12 месеци. Кредитот може да се користи за купување на стан, купување на куќа, како и за рефинансирање на изложености во други банки по основ на станбен кредит.
Искористете ја атрактивната понуда која трае до крајот на годинава и нека Халкбанк стане вашиот партнер на патот кон обезбедување сопствен дом.
За повеќе информации за условите и аплицирањето за станбениот кредит, посетете ја веб страната на банката или најблиската филијала.
(ПР)