Македонија
(Видео) Трипуновски за упадот во канцелариите во Берово: Не гледам простор за да ме критикуваат во партијата
Заменик-министерот за земјоделство Цветан Трипуновски во интервју објаснува дека не згрешил ниту, пак, некој од неговата партија го искарал по посетата на Берово кога јавноста протолкува дека тој се однесува како шериф. Трипуновски не сакаше да коментира за блискоста со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а за Груевски рече дека е минато.
„Мислам дека прашањето е несериозно и секој одговор би бил несериозен. Јас сум во раководството затоа што имам чесна намера да му помогнам на овој македонски народ. Нема село во кое не плачат. Експретседателот Никола Грувски е веќе минато, имаме нов претседател на партијата, кој е чесен, посветен и со искрена желба да му помогне на овој македонски народ. Воопшто не играло улога“, рече Трипуновски запрашан дали е избран да биде дел од техничката Влада поради блискоста со Груевски и Мицкоски.
Трипуновски се пожали дека нема комуникација со Димковски, а со тоа Министерството се води без координација. Тој е дециден дека земјоделците трпат најголеми штети поради, како што вели, штетните политики на Трајан Димковски и СДСМ.
„Не гледам простор за да ме критикуваат во партијата за посетата на Берово“, рече Трипуновски.
Тој прикажа документи со кои потврдува дека во Македонија има увоз на тутун наспроти тврдењата на министерот Трајан Димковски. Трипуновски приложи документи за увоз на над милион килограми ориентален тутун, а потенцира дека неговата партија има стратегија за забрана на увозот на тутун, која ќе биде во корист на домашните тутунопроизводители. За законите што се во собраниска процедура смета дека може да бидат донесени и по изборите.
„Нема законски измени на кои треба да се инсистира да бидат донесени пред изборите“, додаде Трипуновски.
Заменик-министерот во интервјуто рече дека тој потекнува од земјоделско семејство од село Петровец. Објасни и зошто во Конче не одговори на прашањето дали работел земјоделство во изминатите години.
„Не одговорив за да не се докажувам со човек, со емоции. Да појдеме на моите ниви, па да ви докажам“, рече Трипуновски.
За горливиот проблем за исплата на субвенциите на земјоделците, Трипуновски тврди дека не се исплатени 60 милиони евра од претходната година, а не како што рекол министерот Димковски дека долгот кон земјоделците е 20 милиони евра.

„Димковски ме уверуваше мене и јавноста дека околу 20 милиони евра се заостанати обврски од претходни години. Знаете што се случи по една недела? Имаше интервентна промена на програмата и сите средства за субвенционирање во текот на 2020 година се повлекоа и се ставија во заостанати обврски. Тоа значи дека од ветувањето дека не се исплатени 20 милиони евра, се додаваат нови дополнителни 40 милиони евра, сега имаме неисплатени 60 милини евра субвенции од претходни години. Тоа што министерот нè уверуваше дека се само 20 е само лага. Тоа е докажано со со програмата која може да се види на сајтот на платежната агенција“, тврди Трипуновски.
Трипуновски вели дека секое утро доаѓа на работа, ги завршува административните работи до крајот на работното време и потоа со своето приватно возило оди на терен и средби со земјоделците.
„За 30 дена, дали 4-5 пати сум го користел службеното возило доделено од Службата за општи и заеднички работи на Владата. Секаде патувам со моето приватно возило. Не го користам службеното бидејќи е 40-ина година старо и небезбедно, но и да е ново, нема да го користам во целост“, рече Трипуновски.
Заменик-министерот смета дека во период од 90 дена не може да се решат сите проблеми што ги имаат земјоделците и дека примарна цел е организација на фер и демократски избори. За изборите неколкупати повтори дека, според него, ВМРО-ДПМНЕ сигирно ќе победи.
„Знаете, ние сме политичка партија која ќе биде идна власт во Република Македонија. Како во минатото, и сега ќе креираме правилни мерки и програми“, потенцира Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

