Македонија
(Видео) Трипуновски: Нема да ме уплашите, останувам рамо до рамо со земјоделците
„Дали Зоран Заев и фамилијата ги злоупотребуваат институциите во прогон на политички неистомисленици? Како што предупредив пред два дена, поднесена е неоснована и неаргументирана кривична пријава против мене, надвор од секоја правна логика. Дали Заев и фамилијата оделе по логиката да ме вклучат во кривична постапка без разлика дали има основа или не? Ме вклучуваат во случај во кој јас не сум имал, ниту сум можел да имам какво било влијание или поврзаност. Ми се става на товар наводно неовозможување на инспекциски надзор врз спорното земјиште“, изјави Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, во конкретниот случај, каде што е раскинат договорот за закуп, Инспекторатот за земјоделство нема надлежност и увид врз државното земјоделско земјиште. Согласно чл.56 од Законот за земјоделско земјиште надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши МЗШВ, а инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши ДИЗ. За земјиште за кое се раскинати договорите надлежност има МЗШВ.
„Потенцирам дека во периодот додека сум бил директор на Инспекторатот од страна на министерството не е стигната иницијатива или каков било допис за надзор над спорното земјиште, ниту, пак, имало дојава на бесплатниот телефонски број во Инспекторатот или, пак, какво било известување од Министерството како договорна страна за земјиштето кое било предмет на спорните договори. Доколку имало такво нешто, ве уверувам дека ДИЗ ќе постапува по службена должност.
Надлежност на инспекторатот е да прави редовни и вонредни инспекциски контроли врз актуелните корисници на државно земјоделско земјиште, како и да постапува по пријава, допрен глас или допис од МЗШВ, ниту еден од овие услови не бил исполнет, а јас ниту сум знаел, ниту сум можел да знам дека има земјиште кое се води како државно, кое не е под закуп, а се употребува. Орган кој требало да поведе иницијатива е самото министерство за земјоделство, кој има ингеренција и обврска и истото да го стави и на јавен оглас за доделување под закуп.Оттука моето вклучување во каква било пријава во однос на конкретниот случај е без какви било аргументи, и е целосно неосновано и има само за цел да ме замолчи“, додаде тој и порача:
„Заев и Љупчо, нема да ме уплашите, ниту да ме поколебате. Останувам рамо до рамо со земјоделците, оние напатени луѓе, кои ги донесовте до питачки стап, кои додека вие газите црвени килими тие одат со скинати чевли. Вашето време поминува. Поминува времето на заплашување, никој повеќе не ви се плаши, а земјоделците најмалку. Земјоделците ќе бидат граѓаните кои во најголем број ќе ве казнат на 12 април. Доаѓа време за одговорност. Доаѓа време за обнова за Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

