Македонија
(Видео) Филипоска-Грашкоска: Инспекторите продолжуваат со засилени контроли на терен
Инспекторите продолжуваат со засилени контроли на терен, обврската за одговорна прослава е заедничка, изјави претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Таа истакна дека со цел одговорно прославување на претстојните празници, инспекциските служби кои вршат надзор и контрола на протоколите кои ги носи Владата ќе ги интензивираат теренските контроли и активности.
На прес-конференцијата беа истакнати и податоците од спроведените инспекции извршени во периодот од 8 декември – 16 декември.
Од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат во посочениот период извршени се 99 надзори и издадени 18 решенија. Издадени се и вкупно 14.951 решение за изолација и домашно лекување лица позитивни од коронавирус и лица кои биле во контакт со заболени лица од коронавирус.
Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршиле 5.031 контроли и 510 надзори, а изречени се 30 прекршочни пријави, 60 решенија за констатирани неправилности, како и 30 прекршочни патни налози.
Во истиот период, Инспекторатот за транспорт извршил 82 надзори и изрекол 13 прекршочни пријави и 8 решенија за непочитување материјални закони.
Државниот инспекторат за труд во изминатите 10 дена извршил 669 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки за сите работни места. При тоа инспекторатот изрекол 26 решенија кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи.
Од страна на Агенцијата за лекови и медицински помагала, МАЛМЕД, во истиот период спроведени се 46 надзори во аптеки по основ почитување на мерките на Владата, односно за формирани цени на заштитни средства од корона. При тоа, издадени се 3 решенија согласно Законот за лекови и медицински помагала.
Од инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство, извршени се 445 надзори, при што издадени се 13 решенија, 19 едукации и 4 ППН, по основ на нерегистриран оператор, непостапување по наредени мерки, неизвршени здравствени прегледи, неправилно складирање, чување и означување производи.
Државниот инспекторат за животна средина во текот на минатата недела извршил вкупно 62 надзори, при што за констатираните неправилности издал 28 решенија со кои правните лица се задолжени да извршат мерења на емисии, да склучат договори за преземање опасен отпад, да изработат Елаборат за заштита на животната средина и да преземат мерки за соодветно постапување со отпадот во кругот на погонот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

