Македонија
(Видео) Филипче: ВМРО-ДПМНЕ во текот на најголемата здравствена и економска криза креираше лажни вести
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во текот на најголемата здравствена и економска криза, што го зафати светот лажеше, креираше лажни вести, се закануваше, а нивните закани се резултат на страв и несигурност, истакна потпретседателот на СДСМ Венко Филипче на граѓанската трибина на СДСМ „Најдоброто за нашата општина“ во Гостивар.
„ Додека ние не спиевме за да ја менаџираме кризата, тие се будеа со идејата како политички да профитираат“ нагласи Филипче, потсетувајќи дека од ВМРО-ДПМНЕ лажеа за состојбата во Дебар, дека нема тестови, дека нема лекови, дека нема доволно болнички места, ги делеа докторите на наши и ваши, и последното се впуштија во ширење на лажна вест дека вакцините немаат никаков ефект, како поигрување со здравјето на граѓаните.
„ Слушаме ќе се ребрендирале, ќе биле партија за сите граѓани, не може да се партија за сите граѓани, кога се синоним за поделби, ги делат лекарите на наши и ваши, ги делат граѓаните на патриоти и предавници“, рече Филипче, додавајќи дека волкот го менува влакното, ама не го менува карактерот.
„ Изборот е јасен, на една страна ние транспарентно и одговорно работиме, го слушаме гласот на граѓаните и знаеме да ретерираме и одлуките да ги смениме, така се владее државнички и одговорно на другата се ВМРО-ДПМНЕ партија која промовира насилство и штити криминал, таква партија нема иднина, порача потпретседателот на СДСМ Венко Филипче на граѓанската трибина на СДСМ „Најдоброто за нашата општина“ во Гостивар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, порача Лукровски на денот на ослободувањето на Скопје
Делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Сотир Лукровски и советниците Христо Саракинов (ВМРО – ДПМНЕ) и Татјана Стојановска (Независни за Карпош) , денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред.
На тој начин, претставниците од локалната самоуправа одадоа почит по повод одбележување на 81 годишнината од ослободувањето на главниот град. Во рамки на свеченоста која ја организираше Сојузот на борци на Македонија, пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред се поклонија и бројни делегации и претставници од граѓански здруженија.
Пред присутните се обрати и првиот човек на Општината, Сотир Лукровски, кој во оваа пригода ја истакна важноста од чествување на празниците, кои се темел на македонската национална свест.
„Со жалење ќе констатирам дека бројот на живите сведоци од НОБ е навистина мал. Затоа апелирам, ние помладите да ја негуваме историјата, да ја практикуваме традицијата и да го пренесуваме културното наследство, бидејќи сите тие елементи се дел од нашата колективна историја“ – констатираше Лукровски.
Македонија
Утре со студено утро, преку денот сончево
Времето утре, наутро ведро и студено, а во текот на денот претежно сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Утре и во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, суво и тивко.
Во утринските часови ќе има појава на магла во одредени котлини. Во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец.
Македонија
Филипче ќе го номинира Александар Трајановски за потпретседател на СДСМ, вечерва ќе соопшти и други кадровски промени
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека вечерва ќе се одржи седница на Извршниот одбор на која ќе се разгледуваат повеќе кадровски и политички промени во партијата. Тој посочи дека процесот на внатрешни реформи се одвива постепено и по јасен план.
Филипче откри дека ќе предложи докторот Александар Трајановски да ја преземе функцијата потпретседател на СДСМ.
„Трајановски е човек кој долго време му е посветен на СДСМ, а неговата кампања покажа дека знае да мобилизира поддршка и да привлече внимание. Верувам дека со неговото вклучување ќе добиеме значајно кадровско засилување,“ рече Филипче.
Тој потврди дека на вечерашниот состанок ќе бидат презентирани и други промени, повикувајќи на трпение од членството и симпатизерите додека трае внатрепартискиот процес.
Трајановски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Аеродром. Тој е специјализиран ортопед и трауматолог. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2006 година. Во 2012 година ја завршил специјализацијата по ортопедија, а во 2019 година и субспецијализацијата по трауматологија. Тој е поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).
Трајановски е активен на политичката сцена како член на Извршниот одбор на СДСМ.

