Македонија
(Видео) Филипче: 12 милиони денари останаа непотрошени, ќе има нова набавка на возила за итна помош
До крајот на месецов треба да пристигнат новите 12 возила за итна медицинска помош и да бидат ставени во функција. Од нив, половина ќе останат во Скопје, со што бројот на возила на Службата за итна медицинска помош во Скопје ќе се удвои, а преостанатите ќе се поделат во градовите во кои ќе се утврди недостиг. Министерот за здравство, Венко Филипче, најави нова постапка за набавка на возила за итна помош оти им останале непотрошени пари со сегашната набавка.
„Имавме предвидено 30 милиони денари, но на е-аукцијата 12-те нови возила беа набавени за 18 милиони денари. Парите што се останати се наменски, може да се трошат само за набавка на нови возила, што значи може да се повтори постапката. На располагање ни се уште 18 милиони денари“, рече министерот Филипче.
За две до три недели министерот најавува дека ќе почне и обуката на докторите за работа со специјалните очила, кои како иновација ќе се применуваат во итната медицинска помош. Преку нив здравствените центри, каде што треба да се пренесе пациентот, ќе имаат слика од пациентите и во времето на прегледот што го врши докторот од Службата за итна помош.
Осумте комбиња, кои вчера Министерството за земјоделство најави дека ќе му ги отстапи на Министерството за здравство, треба да се утврди дали може да се пренаменат во возила за итна помош. Службата за опрема од Министерството за здравство веќе работи на процена. За нивно опремување министерот вели дека може да се размислува по изборите, но очекува целата постапка да биде поевтина од набавка на нови возила.
„Возилата од Министерството за земјоделство внатре имаат полици, приклучоци за струја, што ни укажува дека може да се пренаменат и имаат поминато мала километража. Колку ќе чини пренамената треба да утврди Службата за опрема. За тоа, секако, ќе биде распишан тендер, нема да биде во четири очи“, рече министерот Филипче.
Изминативе два дена, 100 учесници, меѓу кои доктори, медицински сестри, полицајци, војници и пожарникари, имаа обука за справување со катастрофи од размерот на несреќата кај Ласкарци преку симулација на реални ситуации. Меѓу нив се и здравствени работници од Службата за итна медицинска помош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

