Македонија
(Видео) Царовска и Петровска во увид на реконструкцијата на Офицерскиот дом во Битола
Заменичката на претстедателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, придружувана од градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, денес ја посети оваа општина, при што направи увид во текот на градежните работи на потпроектот „Реставрирање и адаптирање на Офицерскиот дом заедно со партерното уредување“.
Овој потпроект, кој е во вредност од 959 илјади евра, е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, се спроведува со финансиски средства на Владата на Република Северна Македонија и Европска Унија и во соработка со канцеларијата на Светската банка.
По извршениот увид на текот на градежните работи, вицепремиерката за економски прашања посочи дека Офицерскиот дом е објект кој има голема историја и душа и со неговото завршување се очекува да се зголеми атрактивноста за привлекување домашни и странски туристи во градот.
„Наша интенција како Влада е да инвестираме во локалниот и регионалниот развој. Со овие инвестиции ја придвжуваме и локалната и регионалната економија. Ваквите објекти, нивното одржување и промоција, создавањето приказни за нивната историја, може да привлечат и домашни и меѓународни туристи, со што би се придвижила локалната економија. Владата, во партнерство со Делегацијата на ЕУ и канцеларијата на Светската банка, инвестира речиси 960 илјади евра во реконструкција на Офицерскиот дом, со очекување в година да се креира програма со културни и други содржини, која ќе им се понуди и на битолчани и на сите други граѓани на нашата држава“, нагласи вицепремиерката Царовска.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, истакна дека Офицерскиот дом е исклучително важен објект за градот. Таа рече дека Општината за зголемување на атрактивноста на оваа локација реализира и други проекти, како што се уредување на канализацискиот систем, реконструкција на околните улици и партерно уредување на околината.
„Покрај оние 58 милиони денари, обезбедени преку Проектот за локална и регионална конкурентност за реставрација на Офицерскиот дом, Општина Битола обезбеди дополнителни 2 милиона денари за современ канализациски систем, со кој домот ќе биде приклучен на градската канализациска мрежа. Воедно, сакам да истакнам дека проектот за реконструкција на улицата Македонска фаланга, која е во непосредна близина на овој објект, е целосно завршен, сега е на ревизија, по што следуваат активности за контролирано регулирање на сообраќајното решение за овој дел од градот. Се предвидуваат и зафати на хортикултурно партерно уредување и со завршување на сите активности, овој дел од градот ќе добие една сосема поинаква слика, сосема поинаква душа, а притоа да не се изгуби она што како традиција сме го имале во минатото и кое е многу значајно за битолчани“, нагласи градоначалничката Петровска.
Со реконструкцијата на Офицерскиот дом, Битола ќе добие модерен дом на уметноста, каде што ќе се реализираат низа културни настани и каде што ќе може да се организираат и настани на невладини организации и бизнис-заедницата од градот, како и за флексибилни музејски поставки за археолошки артефакти, кои во моментот се наоѓаат складирани во депоа и подруми и кои ниту битолчани не ги виделе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.