Македонија
(Видео) Црвенковски и Фрчкоски сакале да го тргнат Глигоров од политиката, Андов открива детали во книгата „Пред атентатот и по него“
„Стојане, вчера имав неочекуван состанок. Во вилата ми дојдоа Бранко Црвенковски, Тито Петковски, Благоја Ханџиски, Фрчкоски и Јане Миноски. Тие мои гости зборуваа мирно како да се договараа со мене да одиме на плажа, а всушност побараа од мене да си дадам оставкa. Не ги разбирам овие луѓе Стојане, ако нè тргнат нас двајцата и останат сами на власта, сосема е јасно како ќе владеат…“, ова е дел од извадоците од книгата „Пред атентатот и по него“, што беа посебно акцентирани на вечершаната промоција на избраните дела од Стојан Андов, а во кои Андов разговара со поранешниот претседател на државата, Киро Глигоров.
Андов во книгата споделува повеќе сеќавања и дијалози, па во дел, кој беше прочитан на промоцијата, тој открива дека имале несогласувања со експремиерот Бранко Црвенковски, но особено со тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски. Глигоров, како што се наведува во книгата, сметал дека Андов е човекот што треба да го наследи на функцијата – претседател на државата.
„Му реков доста остро на Киро дека избрзал изговорајќи го моето име. Си помислив, тој добро знае дека ја компликувал ситуацијата и во концепцијата на тие луѓе сега ќе се јави потреба како и мене, покрај Киро, да ме отстранат од политиката. Тие очигледно беа решени оваа група, која ја контролира државата, да го отсрани секој глас што може да има влијание во јавнсота. Двајцата се надевавме дека таа залетаност на групата ќе престане. И сите да ги решаваме пробелмите на земјата…“ , пишува во дел од книгата.
Андов пишува и за денот на атентатот врз Глигоров, дека по само неколку минути откога бил известен што се случило, отишол да го посети претседателот во болница.

„Еден од лекарите ме одведе во салата, каде што на количка беше легнат претседателот на Републиката. Беше комплетно неподвижен, му реков дека сум јас и дека ситуацијата ќе биде под контрола“, пишува Андов.
По посетата на Глигоров, Андов, како што пишува во книгата, заминал во својот кабинет, каде што го повикал Црвенковски. Тој пристигнал со министерот за здравство, Илија Филипче, министерот за правда, Владо Поповски, и уште двајца други, но меѓу нив не бил и министерот Фрчкоски.
„Ми привлече внимание тоа што за време на нашиот разговор ми се јави Слободан Милошевиќ. Стојане, што се случува со Глигоров таму кај вас? Му кажав дека Глигоров е жртва на големо злосторство, но првите оценки на нашите лекари се дека ќе може да се спаси. Ме праша дали може да помогне… Ми падна во очи што на оваа наша средба не е министерот за внтарешни работи Фрчкоски. Го прашав Бранко каде е Фрчкоски? Тој ми рече дека не знае точно каде е, но некој му кажал дека министерот заминал накај Крива Паланка. Невозможна и многу сомнителна работа“, пишува Андов.
На промоцијата говореа и академик Владо Камбовски, писателот Блаже Миневски, амбасадорот Љупчо Арсовски, како и надворешнополитичкиот коментатор Љубомир Гајдов.
На промоцијата, која се одржа симболично на 83. роденден на првиот претседател на Собранието на РМ, присуствуваа дипломати, професори, новинари, како и премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Во колекцијата од десет тома се книгите: „На мој начин“, „Моите патувања“, „Стравот и љубовта“, „Кицо Американецот“, „Јосип Броз Тито и распаѓањето на Југославија“, „Приказната на Марија“, „Драматичната 1991 година“, „1992 – година на опасни предизвици“, „Успеси и заговори – 1993 година“ и „Пред атентатот и по него“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

