Македонија
(Видео) Чад и мирис на топена пластика од синоќа ги задушува Визбегово и Шуто Оризари, тлее дива депонија
Остар мирис на топена пластика и чад од синоќа се шири во Визбегово и Шуто Оризари. Чадот доаѓа од дива депонија во близина на Центарот за азиланти. Тлее запалено ѓубре за кое општинарите велат дека се трупало со години оти просторот пред еден месец како претоварна станица го користело јавното претпријатие „Комунална хигиена“. По барање на Општината, го отстапиле просторот, но натрупаното ѓубре го оставиле, а синоќа некој го потпалил, па чад имаше и денес. Одговорните од Општина Шуто Оризари од утрово се на терен. Го собираат ѓубрето за кое велат дека ќе го однесат на депонијата „Дрисла“, а просторот ќе го уредат и ќе забранат фрлање отпад.
„Оваа депонија е остаток од претоварната станица на ‘Комунална хигиена’, но тука ѓубре остава кој ќе стигне. Со камиони го истураат. Затоа, ставивме капија и нема да дозволиме повеќе да се трупа смет овде, но само во рамките на нашите можности. Овде треба на секои пет метри да се постави човек да чува 24 часа за да можеме да се справиме. Ние немаме толку луѓе“, вели градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, за „Макфакс“.
Тој не сакаше да зборува пред камерата, но ја следеше акцијата за расчистување на депонијата. Се пожали дека откога тие ја презеле одговорноста, ѓубре се остава на други локации во околината. Додека екипата на „Макфакс“ беше на терен, мало камионче со ознаки на „Комунална хигиена“ полно со ѓубре помина покрај дивата депонија, но ја заобиколи и ѓубрето го истури на ридот спроти Центарот за азиланти во близина на депонијата што се расчистуваше.
Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека просторот што го користеле како претоварна станица го отстапиле и повеќе немаат никакви обврски.
Од синоќа кога почнала да чади депонијата, жителите од околните куќи на социјалните мрежи се жалат дека морало да ги евакуираат децата поради остриот мирис. Велат дека не е првпат да чади депонијата што многу често ја гаснеле и пожарникари.
Општинарите велат дека не повикале возило од Противпожарната бригада оти тие излегле на терен за да го соберат ѓубрето. Додека багерот го собираше отпадот, на другата страна на депонијата мајка со мали деца меѓу чадот пребаруваше по отпадот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.

