Македонија
(Видео) Чулев: МВР на Спасовски извршило неправилен избор, „Индустри сервис“ има неправилно пополнета спецификација
И денес продолжуваме со објавување докази за милионски тендер преку кој се исцрпуваат средства од буџетот на Министерството за внатрешни работи за набавка на храна за компанијата „Индустри сервис“. Компанија блиска до Оливер Спасовски, кој, наместо да обезбеди соодветно услови за работа на полициските службеници, спроведува сомнителни тендери фаворизирајќи една компанија, изјави Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Станува збор за процес за спроведување јавна набавка, спроведен на чуден и крајно сомнителен начин. Имено, ‘Индустри сервис’ понудила производи од производители што ги нема на пазарот ниту по грамови ниту по асортиман. Наместо фотографии и примероци од производители, ‘Индустри сервис’ доставувале изјави од производители дека може да произведат производи што ги немаат во нивната палета на производи на пазарот. Но, притоа нема доказ дали тие ќе бидат доставени во фаза на реализација на набавката во согласност со потребите на договорниот орган или за нив ќе се користи замена, односно истите производи што ги доставиле фирмите конкуренти и за што биле исклучени во евалуација.
Комисијата на Министерството за внатрешни работи уште во првата фаза на одлучување покажала пристрасност кон „Индустри сервис“. Економските оператори, конкуренти на „Индустри сервис“, биле исклучувани поради неусогласеност во делот на личните податоци за вработените при разните потврди, како дипломи, уверенија и лични документи, односно тие биле отфрлани на овој начин. За ова Државната комисија утврдила пропусти и враќала кај МВР на повторно постапување поради неправилна евалуација. Но, пристрасноста не завршила тука.
Тој додаде дека во конечното решение „Индустри сервис“ не е правилно избрана, има неправилно пополнета техничка спецификација, каде што наведуваат увозници наместо производители и ова им било укажано во жалбите што се поднесени од другите понудувачи.
„Ваквиот начин на спроведување на јавната набавка отвора сомнеж дека во текот на целата постапка од страна МВР и на Оливер Спасовски се фаворизира компанијата ‘Индустри сервис’, а на целиот процес уште поголема дамка фрла фактот што самиот Оливер Спасовски бил на камен-темелникот на фабриката на „Индустри сервис“, каде што е фотографиран со нејзиниот сопственик.
Се поставува прашањето дали блискоста со Спасовски помогнала „Индустри сервис“ да биде добитник на двата тендери од над 13 милиони евра? Дали другите економски оператори се шиканирани во постапката поради блискоста на министерот за внатрешни работи со сопственикот на „Индустри сервис“?
Почитувани, индициите и сомневањата изнесени на досегашните прес конференции отвораат и простор за надлежните институции да постапат и да утврдат кршење на законите, кои се направени од страна на комисијата и одговорните лица во МВР“, порача Чулев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

